June 30, 2020

Новиот Закон за јавното обвинителство стапи во примена

Новиот Закон за јавното обвинителство денеска стапи во примена. Со Законот за јавното обвинителство се уредуваат основањето, надлежноста, организацијата, функционирањето и укинувањето на јавното обвинителство, основите и постапката за именување и разрешување на Jавниот обвинител на Република Северна Македонија, основите за престанок на функцијата Jавен обвинител на Република Северна Македонија, основите за избор, разрешување и дисциплинска постапка на јавните обвинители, основите за престанок на функцијата јавен обвинител, како и други прашања во врска со работата на јавното обвинителство.

Јавното обвинителство, се пропишува во Законот,  е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација. Јавното обвинителство е самостоен државен орган.

Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Jавното обвинителство во вршењето на своите функции соодветно ги применува и одредбите од Законот за употреба на јазиците.

Јавното обвинителство во постапувањето непосредно ги применува конечните и извршни одлуки на Европскиот суд за човекови права, на Меѓународниот кривичен суд или на друг суд, чијашто надлежност ја признава Република Северна Македонија.

Јавното обвинителство, се пропишува понатаму во новото законско решение, во постапувањето ги применува ставовите изразени во конечните пресуди на Европскиот суд за човекови права.

Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители.

Функцијата јавен обвинител е неспојлива со вршење на друга јавна функција или професија, освен во случаи определени со закон или со членување во политичка партија или учество во активности на политичка партија.

Јавниот обвинител функцијата ја врши законито, непристрасно и објективно, ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти и во рамките на своите надлежности, се грижи за ефикасноста на кривичното гонење.

„Јавниот обвинител во вршењето на функцијата обезбедува еднаквост на граѓаните пред законот независно на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Никој не може да влијае врз законитото, непристрасното и објективното вршење на функцијата на јавното обвинителство“, се пропишува во Законот.

Јавното обвинителство почитувајќи го принципот на пресумпција на невиност, правото на приватен живот и достоинство, правото на информирање и слобода на медиумите, правото на правично судење, правото на одбрана, интегритетот, ефикасноста и доверливоста на истрагите, како и принципот на отвореност, ја информира јавноста за одделни случаи по кои постапува, а кои предизвикуваат поширок интерес во јавноста или се од значење за остварување на неговата функција.

Новиот Закон за јавното обвинителство е објавен на Академика.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar