August 2, 2020

Клисура и Невеска – слободна територија 25 дена, востанието ги изненади сите и турските власти и Европа

Заземањето на Клисура и Невеска претставувало крупна победа на востанието во Костурско и Леринско. Во ослободените места масовната и храбра борба резултирала со врвни успеси – цели 25 дена (од 3 до 28 август), исто како и во Крушево, била формирана револуционерна власт. Масовноста, силината и обемот на востанието на македонскиот народ ги изненади сите – и турските власти, и европската и светската јавност.

Илинден, најголемиот македонски национален и православен празник, има особено значење за историјата на македонскиот народ поради тоа што на тој ден во 1903 година почна Илинденското востание против петвековното владеење на Отоманската Империја, кое беше израз на вековните стремежи на македонскиот народ за слобода. На истиот ден во 1944 година е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на кое беше конституирана македонската држава, врз чии темели почива денешна самостојна и суверена Република Македонија, со што се реализирани стремежите на генерации македонски борци за слобода. Васил Чакаларов со своите соборци

Во почетокот на јануари 1903 година, на Солунскиот конгрес на ТМОРО Централниот комитет на Организацијата донел решение да се крене востание во летото таа година, иако за тоа не била поволна внатрешната и надворешната ситуација во Македонија, а револуционерните окрузи сѐ уште не биле доволно подготвени. На решението му се спротивставиле неколку угледни револуционери, чиишто главни аргументи биле недостигот од оружје во повеќето реони како и слабата подготвеност на населението за борба со силната и добро опремена османлиска армија. Меѓутоа, неиздржливата положба на населението и опасноста од врховистичките акции од кои повеќе страдал народот подложен на одмазда од турскиот аскер, како и отсуството на конгресот во Солун на главните противници на предвременото кревање востание – Гоце Делчев, Ѓорче Петров и други, придонеле да се донесе едногласно решение за кревање востание во цела Македонија во таа 1903 година.

Положбата на населението во Битолскиот округ, во кој влегувале и Леринската, Преспанската и Костурската околија, била мошне тешка, за што сведочат извештаите на странските конзули, меѓу кои на српскиот конзул во Битола Михајло Ристиќ, кој му пишува на Министерството за надворешни работи во Белград дека „мора да повторува по не знам којпат во сите свои извештаи за лошата положба на овдешното христијанско население, за убиствата, палежите, силувањата и глобењата од секаков вид“ (Извештаи од 1903 г. на српските конзули и школски инспектори во Македонија, ред. Љ. Лапе, Скопје 1954).

Исто така, проблем на Организацијата во целина претставувала слабата снабденост на четите со оружје како и неоспособеноста на населението во ракувањето на оружјето. Меѓутоа, околиите од Битолскиот округ, во споредба со другите, биле релативно добро снабдени со оружје, главно поради иницијативата на раководителите на околиските, градските и селските комитети за самовооружување во своја сопствена режија и со сопствени средства. Тие, по пат на нелегално снабдување од Албанија и од Грција, успеале да обезбедат релативно голем број пушки и муниција. Исто така, раководството на Битолскиот округ многу рано обрнало внимание на оспособувањето во ракување со оружје. Српскиот конзул Ристиќ во своите редовни извештаи пишува: „Овде во Битола е извршена регрутација на четниците… запишаните четници се вежбаат секој ден навечер по два часа во куќи за тоа определени“, „…четниците се движат без никаков страв, ги вежбаат селаните (засега ова вежбање го вршат со стапови, додека не набават пушки“; „вежбањата се вршат почесто од порано и сега стаповите ги заменија со пушки. Ги учат селаните дури да копаат и окопи“ (Љ. Лапе, Извештаи од 1903…).

Војводата Славејко Арсов во своите спомени дава богати податоци за воената обука и воените вежби во преспанските села. Тој пишува: „…Околу 25 души селани од Брајчино обучувавме со нас два дена во стрелање со куршуми. На вториот ден отидовме во Љубојно и од нив изведовме во планината.“ „Во Герман направивме општо собрание и два дена по ред излегуваа селаните на вежбање“ – продолжува С.Арсов. „Во селото Нивици исто така ги обучував…“ (С. Арсов, В’станическото движение в Југозападна Македонија, Софија 1925)

Така, во согласност со решенијата на Солунскиот конгрес, почнале обемни организациски и технички подготовки со цел востанието да се дочека што поподготвено. Од 2 до 7 мај 1903 година во Смилево се одржа конгресот на Битолскиот револуционерен округ, на кој било решено да се крене востанието во Битолскиот револуционерен округ, а со тоа и во цела Македонија и Одринско. Бил избран Главен штаб составен од тројца членови: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев, кој ги задолжил избраните реонски началства да ги поделат своите реони на помали делови, т.н. селски центри и да одберат за нив центрови војводи, кои ќе поминат низ еден краткотраен курс на воена обука. Бил изработен Востанички дисциплински устав, со кој се определувале правата и должностите на востаниците, реонските горски начелства и на Главниот штаб. Реоните од Егејскиот дел на Македонија биле претставувани: Леринскиот од Георги Папанчев и Михаил Чеков, Костурскиот од Васил Чакаларов и Пандо Кљашев.

По завршувањето на Смилевскиот конгрес, сите реони на Битолскиот округ почнале засилено да се подготвуваат за востание. Се формирале селски чети, се вршело нивно вооружување и обука. Се обезбедувале резерви на храна, лекови. За подготовките во Леринско раскажува Георги Поп Христов: „Јас го подготвував населението за востание, се изнесуваше оружјето, се чистеа пушките, се правеа воени вежби“ (К’м борбите в Југозападна Македонија…). Најмногу податоци за воените подготовки и вежби се зачувани во документите и во сеќавањата на револуционерите од Костурската околија – Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Иван Попов, Илија Биолчев и др. Уште пред Смилевскиот конгрес раководството на Битолскиот округ издало заповед да се вратат сите печалбари во Македонија, костурските печалбари од Цариград и од Грција масовно се одзвале на повикот да земат учество во востанието. Костурските делегати на Смилевскиот конгрес биле најупорни во барањето што поскоро да се крева востанието, а по враќањето од Конгресот свикале околиско собрание во селото Д’мбени во присуство на претставници од сите села – повеќе од 80 души. Според сеќавањата на Илија Биолчев, делегатите решиле: „Да се организира воена обука на идната револуционерна армија… Пред Илинден селаните беа изведувани на отворени воени вежби… Сѐ беше спремно за успешно изведување на големото дело (И.Н.Биолчев. Из спомените ми от Костурско. Сборник Илинден 1903-1924, Софија, стр.85-86)“.

Македонските борци во Клисура

По неколкумесечните интензивни подготовки дошол долгоочекуваниот ден. Илинденското востание во Македонија почнало на 20 јули (по стар календар), односно на 2 август 1903 година, на православниот верски празник Св. Илија – Илинден. Почетокот на востанието го означија биењето на црквените камбани по македонските села и во Крушево, востаничките огнови по планинските падини, пожарите на беговските кули. Крушевската револуционерна околија ја раководел Никола Карев, чија главна цел било освојување на градот Крушево. Откако Штабот на Н. Карев издал специјален проглас со кој го објавил востанието, во ноќта на 2 август почнал нападот врз градот. По влегувањето во Крушево, Штабот пристапил кон формирање револуционерна власт составена од претставници на сите народности, наречена Привремена влада под раководство на Вангел Дину. Оваа влада го објавила познатиот Крушевски манифест со кој ги повикува сите поробени народи, без оглед на верската и националната припадност, во борба за заеднички мирен живот и труд. Така во Крушево македонските револуционери ги удриле темелите на првата република на Балканот, основана врз база на социјалистичките идеи.

Ненадејното масовно кревање на народот и ширината на востаничките дејства ги изненадија османлиските власти, балканските соседи и европските големи сили. Дипломатските претставници во Македонија ја сфатија вистинската состојба на нештата и им соопштуваа на своите влади дека во вилаетот се крева вистинско народно востание. Австрискиот конзул во Битола јави дека на оружје се кренала „сета словенска раја која од турските власти се третирала како стадо за работа и за плаќање на даноци“ (Д. Зографски, Извештаи, стр. 86). Слични извештаи пратиле и англискиот конзул Мак Грегор, руските конзули Ростковски и Кохмански и др. Познатиот англиски јавен работник Хенри Брајлдсфорд, кој престојувал во Македонија во есента 1903 година, во својата книга запишал: „Востанието од 1903 беше нешто многу повеќе одошто едно активно војничко движење. Тоа беше една масовна демонстрација во која учествуваше сето селско население, мажите, жените и децата. Востаничкото движење навистина е едно чисто македонско движење подготвено од Македонците, насочувано од нив и помагано од страсната симпатија на огромното мнозинство на словенското население. Првото изненадување за мене беше дека ова население се крена на оружје и се крена en masse“ (Цит. Според Револуционен лист, г.I, 1904, бр.2, стр.5-9).

Зборната чета на војводите Васил Чакаларов, Иван Попов, Пандо Кљашев, Никола Андреев и Манол Розов по заземањето на Клисура

Во Костурскиот револуционерен реон востанието било масовно. Поради специфичната положба, во овој крај често доаѓало до провали, мешање на бугарскиот и грчкиот врховизам, од што најмногу страдало населението кое со нетрпение го чекало повикот за борба. Освен тоа, Костурско се истакнувало со добро вооружување и искусно раководство и со прекалени борци, но и со масовно учество на населението.

Пред самото востание Градското началство на реонот издало проглас до народот, во кој се известувало за почетокот на востанието и се повикувале сите вооружени сили да бидат готови и да ги чекаат наредбите за понатамошно дејствување. На самиот ден на востанието, 2 август, била извршена мобилизација на револуционерните сили. Во определените пунктови: Пополе, Корешта, Клисурско и др. востаниците го нападнале аскерот, како по селата, така и во големите населени места. Во Пополе, на 3 август, 150 востаници го нападнале аскерот во село Вишени и го зазеле селото.

Во Леринскиот револуционерен реон акциите биле изведувани во неколку пункта: Старонередски и Ниџенски, Буфски. Востанието започнало на 2 август, кога еден востанички одред од 2.000 востаници ја нападнал железничката станица кај Екши Су и наполно ја демолирал. Друг востанички одред ги прекинал сите телеграфски врски, ги разурнал мостовите и патиштата. Борби се воделе на повеќе места, а особено била значајна борбата кај месноста Езерцата што се водела меѓу 300 востаници и 2.000 војници со артилерија. Поради ваквиот сооднос на силите, леринчани побарале помош од костурчани и организирале здружен напад. Тие успешно им се спротивставиле на повеќебројните турски сили, така што турската војска била принудена да се повлече кон Лерин. Со тоа востаниците станале полни господари на западнолеринската планинска област сè до 28 август 1903 година.

Во ноќта на 2 август востанието во Буфскиот реон почнало со опожарување на копи сено и со уништување на телефонско-телеграфската линија Битола-Лерин. Следните десетина дена продолжиле востаничките акции и сѐ до 29 август востаниците од ослободената територија преземале напади врз непријателските единици што поминувале по патот Битола-Лерин. Во Старонередскиот реон доминирале диверзантски акции врз комуникациите. Една од најтешките борби се водела во месноста Бигла над селото Арменско каде што бил сместен гарнизон од 250 војници. Акцијата ја спровеле здружените леринско-костурски востанички одреди од 300-400 души против двеилјадна војска (гарнизонот добил од Лерин засилување од пешадија и артилерија). Акцијата била успешна, гарнизонот се повлекол, но османлиската војска му се одмаздила на незаштитеното население во селото Арменско, кое било опожарено, а населението масакрирано и силувано. На 25 август 700 востаници од здружените костурско-лерински востанички одреди под раководство на В. Чакаларов го ослободиле гратчето Невеска, населено со 5-6 илјади жители, седиште на османлиски мудур, со телефонско-телеграфска станица и гарнизон од 70 војници, кој се зголеми на 250 војници од протераните посади во костурските и леринските села. Востаниците успеале да ги изненадат војниците и по тричасовна борба со минимални загуби го зазеле гратчето, запленувајќи големи количества муниција, оружје, храна и облека. По завршувањето на борбите, костурските востаници се повлекле од Невеска, а леринските, на чело со Ѓ. Поп Христов, останале за да помогнат при воспоставувањето на Привремената народна управа во гратчето. На 27 август два големи одреди на турската војска (околу 15.000 луѓе) се упатиле кон Невеска. Реално оценувајќи ја настанатата ситуација, од Невеска се повлекле и останатите востаници и со тоа завршила нејзината краткотрајна слобода. Старонередскиот реон останал под власта на востаниците 25 дена.

Клисура во времето на Илинденското востание била гратче со 3-400 жители, населено со Власи. Костурското востаничко раководство донело одлука за напад и ослободување на Клисура сметајќи дека успешната акција ќе придонесе за ширење на востаничките идеи и за добивање поддршка од немакедонското население во овој дел на Македонија. Првиот напад на 4 август 1903 година го извел војводата Никола Андреев, самоиницијативно со околу 150 востаници. Во тој момент во гарнизонот во Клисура Турците имале стационирани 300 војници, кои благовремено известени за нападот, вешто поставиле заседа и лесно го разбиле нападот на војводата Андреев. По детална анализа, за повторен напад биле ангажирани околу 600 востаници. Одредите во колони настапиле кон градот Клисура од разни правци. На патот за Клисура сретнале отпор од аскерот. Нивниот здружен напад ги принудил да се повлечат од градот, кој на 4 август бил заземен од востаниците. Четите влегле во градот, одушевено пречекани од народот. Градот бил слободен сè до 27 август. Во него била формирана револуционерна власт и притоа била извршена нова реорганизација и распределба на силите, откако биле издадени повелби за напаѓање на околните места.

Заземањето на Клисура и Невеска претставувало крупна победа на востанието во Костурско и Леринско. Во ослободените места масовната и храбра борба резултирала со врвни успеси – цели 25 дена (од 3 до 28 август), како и во Крушево, била формирана револуционерна власт.

Масовноста, силината и обемот на востанието на македонскиот народ ги изненади сите – и турските власти, и европската и светската јавност. Сериозно загрижени од резултатите што ги постигнале востаниците со ослободувањето на Крушево, Невеска и Клисура и со создавањето слободни територии во разни делови на Македонија, турските власти извршиле концентрација на огромна војска во Македонија за да ги уништат жариштата на востанието. Прво на удар било Смилево, потоа Крушево и другите слободни територии. Борбите на востанатиот македонски народ со многубројната и добро вооружена турска армија траеле два и пол месеци. Притоа, турскиот терор врз невиното македонско население достигнал невидени размери. Турските репресалии, опожарувањата на селата, масовните масакри се одвивале пред очите на тогашната цивилизирана Европа. За разлика од империјалистичките сили, прогресивната светска јавност се однесувала со искрени симпатии спрема борбата на македонскиот народ. Европскиот и светскиот печат известувале за ситуацијата во Македонија, насекаде во Европа се кревале протести против репресалиите. Истакнати личности во Англија, Франција, Италија, Америка, како и во јужнословенските земји покренале цело движење за помош на македонскиот народ.

Така, и покрај тешките последици што ги остави зад себе, Илинденското востание придонесе да се дознае вистината за борбата на македонскиот народ за слобода и за своја сопствена држава.

 

(Илинденското востание во Егејска Македонија, изд. Здружение на децата-бегалци од егејскиот дел на Македонија, Скопје 2003)

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar