January 14, 2021

САМО ЛУЃЕ КОИ НЕ СОНУВААТ, НЕ САКААТ ИСТОРИЈА

 

 

“Ако имаш библиотека и градина, имаш сѐ што ти треба”  вели Цицеро (106 – 43 пред новата ера)

 

 

Нема народ на земјината топка кој помалку знае за својата историја од Македонците.

Македонците, ,,благодарение“ на политичката шизофренија се на добар пат да ја загубат ,,библиотеката“ (метафора за образованието, знаењето, способноста за логично размислување и аргументирано заклучување, историјата, корените), и од земја лична и убава како рајска  градина, да создадат депонија за токсичен отпад.

Секој современ народ го брендира својот јазик, своите историски ликови, легендите кои се раскажуваат по селата и градовите и од тие прават приказна. Приказна која, зависно од визијата на уметниците, понатаму стануваат книга, филм, театарска претстава, играна серија… ама тоа некако изгледа многу далеку за еден народ кој не знае кој е Филип Втори, Христо Татарчев, Тодор Александров, Даме Груев, Коста Солев Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Крсте Петков Мисирков… и уште плејада други маестрални умови кои низ нивното непресушно перо пишуваат за македонското девојче, македонската вечна борба за слобода, за македонскиот непокор…

Деновиве прочитав едно многу добро прашање, кое еве веќе неколку дена се обидувам да си го одговорам. Што е ново во политиката со соседните држави кон Македонија, после Ѓорѓи Димитров? Ништо. Ама баш ништо. Иста политика, исти ставови, исти барања, исти аргументи, исти тези, ист вокабулар. А што е ново? Нова е спремноста, мои сограѓани на компромис.  Спремноста на нашата политичка елита која седи во удобни фотељи а мекоста на истата таа фотеља ги маѓепсува, па забораваат до каде им се границите. Границите за кои можат а за кон не смеат ни да помислат да преговараат. Нова е спремноста да се избрише македонската историја која ја создавале сите оние кои не дозволиле покорување сите овие години.

Чуму ни се резолуциите на ЕП за ОМО Илинден Пирин и за Македонците во Бугарија, кога и сами знаеме дека немаат обврзувачка сила, па така ни Бугарија ни Грција нема да треба да го менуваат законодавството, освен ако политичката иницијатива на ЕП не биде преточена во законодавна иницијатива од Европската Комисија, па да помине  низ европските парламентарни лавиринти. Се останато е само пуста надеж на секој Македонец, каде и да се наоѓа во моментот, дека нештата ќе се подобрат.

Не ми вадете наводно истражување од 4000 и кусур испитаници, кои наводно сметаат дека историја не треба да се учи. Мене и на македонскиот народ тоа не ни значи ништо.

Сакам  моите деца да знаат за Питу Гули, Јане Сандански, Гоце Делчев. Сакам да се восхитуваат на храброста на петте струмички студенти, да зборуваат за Елпида Караманди, Мирка Гинова, Таки Даскало, Ѓорги Наумов, Мара Јосифоска односно целиот Битолски партизански одред “Пелистер”.

Сакаме да гледаме играна серија за големата љубов  на Гоце Делчев, Јанка Охриѓанката? Колкумина од нас знаат дека тоа била љубов од невидени размери?

Колкумина од денешната политичката „елита“ знаат за аманетот кој Гоце го оставил  пред да тргне во Востание? Нормално, скоро и да не знаат дека тој бил „да му ја чуваат Јанка и татковината!“.

Незрели, себични „елити“ и политичари , се обидуваат да не лишат и од македонската историја. Вековниот сон на сите кои лежеле затвор за ние денес да си играме мајтап со Македонија, никогаш не бил нивен сон, трагично но вистинито. Затоа да не ве чуди што историја ја нема во новиот „совршен“ концепт за образование, што пари за наука во новиот Буџет за 2021  година „ нема ни епрувета“, да не ве чудат картичките за кркање по кафани, ваучерите за одмор, па и „грижата„ за „Купувај домашно“, која не претвори во пу, пу не важи…сега е веќе „Купувај, што ќе стигнеш“.

Нит им било некогаш гајле за своето, домашното, нити пак за маката на тутунарите, оризарите, млекарите, овоштарите… ни за секоја капка пот на македонскиот земјоделец.

Сосема на крај, време е Гоцевата раса, да излезе  и да каже “ДОСТА е!” . Доста е за сите тие што ни го ускратуваат правото на припадност и на дедовина! Доста е, за понижувањата, доста е за секоја солза што е пролеана за самостојност и непокор на оваа држава!

 

 

Викторија Трајков

доктор на економски науки

 

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar