February 21, 2021

СЕ БАРА МАКЕДОНСКИОТ ДА ВИНЧИ ДА ЦРТА ВО ФЗОМ

Такви кои не влегле во библиотека, а дома ја немаат! Крахот на македонското образование за кои сме сведоци секојдневно, најавуваната божем реформа и несоодветниот кадар по институциите, ме тераат на размислување дали знаат што прават? или пак, прават што сакаат. Трето, нема.

Ментално некадарни на раководни функции која не им била ни во најлудите соништа и за која никој не ги подготвил за да знаат што да прават односно кои им се обврските кон народот. Македонија “ја водат” генијалци со минусно салдо интелект! Такви кои не влегле во библиотека, а дома ја немаат!

“Друштво” на компромитирани ликови кои целата земја ја прилагодија само за својот џеб. На „другата“ страна имате останат македонски народ, кој е паметен, мудар и доволно свесен за тоа што му се случува. Но, колкава е силата на тој паметен народ и зошто се повлекува кога ќе дојде во контакт со гореспоменатите. Па кој би сакал кога ќе отиде во ФЗОМ да реши некој административен проблем за пензијата на баба му, од советникот да слуша предавање за масло на платно?

Деновиве, исто така, излезе оглас дека во Генералниот секретаријат на Влада се бара државен советник за плата од близу 40.000 денари со завршен факултет за кинезиологија!? Па добро, можеби на некој му се укочил вратот па ќе бара чаре за својата болка во Влада. Иронично кажано, секако.

Имам впечаток дека веќе станавме земја на експерти за секоја тема без разлика за што сме учеле ако воопшто сме се запишале да учиме. Тоа е исто како она, најубав и најпаметен на мајка!? Земја на машки стринки кои наместо обуки и професионални усовршувања, размислуваат каде да се сместат без разлика дека автомеханичар не може да биде хирург и обратно. Не така ретко сме сведоци на вести каде се случува негувателка да има вербален испад во градинка, се случува дете да е изгорено со кафе во градинка, се случува дете само да замине од градинка, се случува дете да остане заклучено во градинка… Се случува и ќе се случува. Сѐ додека не се свестиме и додека не признаеме дека системот не ни функционира, не се вработуваат соодветни кадри на соодветни места, кај нас само нешто ќе се случува.

Нема да го наградиме Дамјан од Штип зошто ги победил поголемите, ама ќе го вработиме Никола како советник за национални прашања, зошто има партиска книшка иако истиот тој Никола има завршено градежен факултет. За иронијата да биде поголема, Никола ќе му биде шеф на некој кој мака мачел да заврши факултет надевајќи се дека паметот ќе му се вреднува. Скоро идентично со тоа, денес си министер за социјала, па за економија, па за образование и да не ве чуди, утре министер за екологија, на пример.

Иако ни беше ветено во 2017 година, дека со животот за сите нестручните и нечесните кадри нема да останат во институциите, до ден денес, не само што има нестручни и нечесни, туку истите постојано и се наградуваат за својот „успех“.

За жал, станавме нација на искажување револт само на социјални мрежи каде храбри македонски мажи под псевдоними повикуваат на револуција. Време е за рестартирање на системот зошто повеќе од очигледно е дека „правиот пат“ не води кон длабока бездна.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar