October 7, 2021

Остварлив ли е планот 5+1 за македонско-бугарскиот спор?


Румен Радев и Зоран Заев на на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, 6 октомври 2021
Румен Радев и Зоран Заев на на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, 6 октомври 2021

Самитот Европска унија-Западен Балкан во Брдо кај Крањ не донесе многу оптимизам ниту за решавањето на спорот со Бугарија, поради кој се блокирани македонските европски интеграции, ниту пак за општиот план за брзо приклучување на балканските земји на европскиот пат.

Едниот исход од самитот, за македонско-бугарскиот проблем, може да се смета за студен туш ако се земат предвид неодамнешните изјави на премиерот Зоран Заев. Тој минатата недела рече дека „идентитетските прашања е невозможно да бидат предмет на преговори и дека се среќни што од Бугарија стигнуваат сигнали за разбирање за овие прашања“. Но, сега, стигна сосема друга порака од бугарскиот претседател Румен Радев. По двете средби во Словенија на самиот Заев со него, еднаш заедно со политичарите од Европската унија и еднаш придружени од првите луѓе на Франција и Германија, Емануел Макрон и Ангела Меркел, Радев бараше откажување од „македонизмот“.

Заев- не сум ги видел Меркел и Макрон „така настојчиви“

Радев, не само што остана на истите позиции со кои поранешната бугарска влада предводена од Бојко Борисов ја блокираше земјава, односно Скопје „да ја признае историската вистина“, а објективните факти од како што рече нашата општа историја да не бидат подложени на мултиперспективно толкување, а сето ова да се најде во преговарачката рамка, туку нагласи и други услови.

Илустрација - Македонскиот премиер Зоран Заев и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

ВИДЕТЕ И ОВА:

ЕУ самит во Брдо: „5+1“ агенда за спорот Македонија – Бугарија

Бугарскиот претседател како услови ги постави и македонските Бугари да бидат подеднакво рамноправни со останатите седум народи наведени во Уставот и македонските Бугари да бидат јасно наведени во резултатите од пописот. Радев инстистира и на точна бројка на Бугари, 120 000 колку што има Македонци со бугарски пасош.

По првичната оценка упатена од Словенија на македонскиот премиер Заев дека „чекорите и блокадите што ги презема Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани“, по враќањето во Скопје, Заев ја преформулира во надеж дека се уште спорот може да се реши до декември кога е следниот самит на ЕУ. Рече дека никогаш не ги видел „така настојчиви“ Макрон и Меркел како на средбата со него и Радев во Словенија.

„Не сум ги видел вака Макрон и Меркел да бидат прецизни и јасни во разговорот со мене и претседателот Радев за следниот исчекор во овој правец. Оваа работа доаѓа од пријатели кои сакаат да помогнат, билатерално е прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија, навистина сме блиски пријатели, јас често велам браќа, здраворазумни луѓе во 21 век седнуваат и ги наоѓаат решенијата“, рече Заев.

Румен Радев, Зоран Заев, Емануел Макрон и Никола Димитров на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, 6 октомври 2021
Румен Радев, Зоран Заев, Емануел Макрон и Никола Димитров на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, 6 октомври 2021

Што е планот 5+1?

Од самитот во Словенија стигна уште една досега непозната информација за јавноста. Прв ја соопшти Радев, а по него и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Дека се спрема план именуван 5+1, кој Радев рече дека би требало да биде готов до ноември, дека треба да го потпишат Скопје и Софија, но не кажа дали ако го потпишат тие ќе се согласат да продолжи македонскиот европски пат.

Прецизирање во Скопје за тоа што е планот, ден подоцна, денеска, дадоа и премиерот Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Дозволете ми да објаснам кои се тие пет односно шест точки- тоа се прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и ова прашање за вклучување на Бугарите во Уставот“, рече Османи.

Бугарскиот претседател Румен Радев, македонскиот премиер Зоран Заев и францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот во Брдо, 6 октомври 2021

ВИДЕТЕ И ОВА:

Заев и Радев на средба со Меркел и Макрон: Македонија со надежи, Бугарија со услови

Тој додаде дека имаат континуирани контакти со бугарското министерство за надворешни работи на ниво на работни групи. Османи тврди и дека прашањето за македонскиот јазик, кој Софија смета дека е само норма на бугарскиот и позицијата на договорениот патоказ во ЕУ процесот за земјава не се дел од разговорите оти се сметаат за затворени прашања со таканаречениот португалски предлог кој потоа го презема и словенечкото претседателство со ЕУ.

Во тој предлог се предвидува македонски јазик да се именува во Европската унија, а Бугарија да има унилатерална изјава за нивниот став за јазикот. Во однос на патоказот договорен меѓу двете земји тој би бил дел од процесот на Стабилизација и Асоцијација.

Според Симонида Кацарска од Центарот за европски политики ЕПИ кој било документ договорен со Бугарија мора да биде во согласност со македонските црвени линии кои од летово се потврдени и од Собранието важно е и каде ќе биде позициониран во пристапниот процес.

„Мислам дека е многу важно истиот да не биде во врска со преговарачката рамка бидејќи ќе му се даде легитимитет кој не му припаѓа“, вели Кацарска.

Во Скопје задоволство од декларацијата на ЕУ

Накратко самитот на ЕУ-Западен Балкан заврши со порака дека иднината на шесте земји од регионот, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Црна Гора е во унијата, но кога тоа ќе се случи не се знае.

Премиерот Заев рече дека е благодарен за „прецизната декларација“ на ЕУ која сепак ништо не значи како „лист хартија“. Османи пак нагласи дека дипломатијата не е трка на сто метри, тоа е маратон на кој се појавуваат пречки на патот. Сепак нагласи дека „се движиме по работ на кредибилитетот на процесот “.

„Но, тоа не значи дека ќе се откажеме од тој пат,колку и да е тежок. Не можат тие да не блокираат, колку што ние ќе бидеме упорни да стигнеме до ЕУ “, рече Османи.

Темни перспективи за членство на Северна Македонија во ЕУ
Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar