April 17, 2021

Навраќање на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците

Сега сите демантираат дека знаат нешто околу соблазната со нон-пејперот. Кој би можел да биде тој „фантом од операта“ кој го крена на нозе регионот? Ако не може да се дознае авторот, тогаш каква би можела да биде целта?

    

Slowenien Konservativer Politiker Konservativer Politiker Janez Jansa als Regierungschef vereidigtЗагадочниот нон-пејпер за иднината на регионот е наводно испратен од словенечкиот премиер Јанез Јанша

Толкувајќи го загадочниот нон-пејпер за иднината на регионот, наводно испратен од словенечкиот премиер Јанез Јанша, некој ќе рече дека каде што има чад таму има и оган. Тоа се докажало стотици пати во регионот. Некој ќе го оквалификува како извонредна разузнавачка алатка да ги вознемири сите можни страсти на Балканот и да ги зоврие политичките кујни. Некој тоа ќе го оквалификува едноставно како глупост врз која наседнале политичките, општествените и интелектуалните елити во регионот. Во дипломатијата нон-пејпер не се потврдува дека постои (таков е и буквалниот превод), па затоа во Брисел велат дека нема да коментираат документ којшто официјално го нема (иако можеби е напишан и доставен). Детективските аналитичари и новинари се обидуваат да влезат во трагата каде би можело да му биде доставен ваков документ на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Во февруари, кога беше во Варшава на годишнината од формирањето на Вишеградската група? На почетокот на овој месец, по средбата на 1 април на десничарското популистичко трио во Будимпешта – Виктор Орбан, Матеуш Моравјецки (полскиот премиер) и Италијанецот Матео Салвини, каде најавија дека се подготвува создавање нова десничарска групација во ЕУ? Или пак некои тајни писмоносци искористиле некоја друга можност порано пред овие датуми?

Сега сите демантираат дека знаат нешто за оваа соблазна: и Јанез Јанша, и словенечкиот претседател Борут Пахор, и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Јанша вчера му се јавил на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, да му соопшти дека не постои нон-пејпер што би можел да се поврзе со словенечката влада и дека Словенија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Во детективската истрага се вклучил и лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, кој сношти за Канал 5 изјави дека лично Јанша му соопштил оти нон-пејперот го подготвиле тројца левичарски политичари – Зоран Заев, Тонино Пицула и Тања Фајон.

Што се знае?

Настрана фантазмагориите. За две работи сигурно се знае. Првата, дека Борут Пахор за време на посетата на Сараево на 5 март ги прашал тројцата членови на Претседателството што мислат за можен „мирен распад“ на БиХ и дека словенечкиот претседател, наводно, бил против таков развој на настаните.

Втората е дека минатиот месец хрватското Министерство за надворешни работи беше цитирано оти Загреб е „двигател“ на иницијативата за изготвување нон-пејпер за истакнување на Босна „како важно прашање за Европската унија, што треба да биде повидливо на геополитичкиот простор во Југоисточна Европа“. И дека со реформа на изборното законодавство пред изборите идната година треба да се подобри „расцепканиот политички пејзаж и атмосферата на недоверба“ меѓу босанските народи. Како и дека таквата иницијатива за нон-пејпер ја потпишале и Словенија, Бугарија, Кипар, Грција и Унгарија. Сите тие земји во тоа време ги водеа влади чии премиери се дел од десничарската Европска народна партија (подоцна партијата на Орбан сама излезе од ЕПП). Ако тргнеме од оваа идеја на Загреб, произлегува дека до целата оваа ужасна врева е дојдено по иницијатива на Хрватска – да се создаде уште еден правен и уставен ентитет во БиХ наместо постојните два и да се променат основите на Дејтонскиот договор, чиј главен гарант се САД. А во крајна линија, хрватските кантони да се припојат кон Хрватска, а потоа логично ќе биде и Република Српска да стане дел од Србија.

Не е овој, не е оној, па тогаш кој би можел да биде тој „фантом од операта“ кој го крена на нозе регионот? Ако не може да се дознае авторот, тогаш какви би можеле да бидат целите. Ако политички трезвено се размислува, каква корист би имала Словенија пред почетокот на нејзиното претседателство со ЕУ од 1 јули со што ќе ги уништи сите нејзини подготовки и планираниот самит на Унијата и Западен Балкан? Угледот на Јанша во ЕУ е спуштен на најниски точки откако тој самиот се проектира во она што многумина го нарекуваат „малиот Орбан“ и неговата влада ја построи во низата на малкуте пострамповски илиберални раководства во Европа.

На два дена пред почетокот на претседателствувањето, на 29 јуни, во Брдо кај Крањ треба да се одржи самиот од Процесот Брдо-Бриони, со кој ќе се одбележи неговата десетта годишнина. На него треба да се расправа за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, таму треба да биде присутен францускиот претседател Емануел Макрон, а со него треба да бидат осум регионални шефови на држави. Изгледа ли логично тие да расправаат за кроење нови граници на Балканот и создавањето три големи држави. И за тоа да разговараат без во Брдо да биде присутен човек од Вашингтон? А и од Берлин? Не што е нелогично, туку е и надвор од умот.

Некому му одговара оваа конфузија со приказните за менување на границите да ги оддалечат напорите за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Одложувањето на дебатата за Западен Балкан на министрите за надворешни работи на ЕУ закажана за наредниот понеделник е лош сигнал за регионот. Половина земји членки на ЕУ и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, бараа Западниот Балкан да се врати на агендата на Унијата, но некои имаат други планови. Или немаат никакви. Во најдобар случај за Западен Балкан треба да се расправа на министерскиот состанок во мај. Ако и тогаш некој не се спротивстави и португалското претседателство да помине без ниту еден збор за перспективата на регионот што би било и скандал и ужасна себичност.

Slowenien Wahl | Borut Pahor, WahlsiegerБорут Пахор ги прашал тројцата членови на Претседателството што мислат за можен „мирен распад“ на БиХ

Од друга страна, како што вели една максима на Алберт Ајнштајн – среде секоја криза лежи одлична можност – оваа соблазна околу кроењето на нови граници може да се искористи како погонско гориво за побрза интеграција на регионот со Европа за при тоа да се вклучат големите европски играчи. Никој не исклучува дека може и тоа да се случи. Но врз оваа можност стои една голема сенка – парламентарните избори во Германија во септември. Десничарската коалиција наМеркел, ЦДУ/ЦСУ, последниве два месеца драматично падна во анкетите, а Зелените растат, па не се исклучува по изборите канцелар да биде некој друг од левичарскиот блок кој би го имал мнозинството во парламентот, без оглед на тоа што ЦДУ/ЦСУ би победиле на изборите. Во ваквите услови Меркел повеќе ќе мисли на судбината на нејзината партија отколку перспективите на Западен Балкан. Не е фер, но е политички опортуно.

Има повеќе знаци дека овој наводен документ, вистински или не, треба да им наштети на неколкумина актери во регионот отколку што ја има вистинската моќ да предизвика некакви промени и среде ужасната пандемија на корона вирусот да ги пресели страстите и незадоволството од вистинската агенда – бројот на починати и заболени.

Можеби забележувате дека во целата оваа „игра“ тројца актери се клучни: Словенија, Хрватска и Србија. Токму и како пред сто години кога се создаваше Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Тогаш неколку години постоеше независната Албанија и според овој нон-пејпер истите играчи треба да се појават во 2021 или некоја година подоцна.

СФРЈ се распадна, но интересите на нејзините републики не се завршени и 30 години подоцна. Затоа, малку назад во историјата за да видиме како се создаваше првата југословенска држава. Ова приказна за нон-пејперот наликува на создавањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Интересите како да останале исти, само што се промениле околностите.

Објаснувањата на Латинка Перовиќ

Настаните од тоа време се подзаборавени во јавноста, историските учебници не се осврнуваат премногу на нив без оглед што таа држава се роди по распадот на една голема империја, Австро-Унгарија. Ќе ги пренесеме српско-хрватските-словенечки интереси преку објаснувањата на извонредната српска историчарка Латинка Перовиќ во едно интервју пред три години за Радио Слободна Европа. Латинка Перовиќ, како прв човек на српската комунистичка партија од 1968 до 1972, беше клучна личност на српскиот либерализам. Потоа, во еден удар на догматските струи, кои ги поддржа Тито, сите либерали беа тргнати од политичката сцена во Југославија.

Прочитајте ги овие објаснувања на извонредната Латинка Перовиќ, па можеби во некои работи ќе најдете сличности со она што се тркала со нон-пејперот.

„Идејата за единството на југословенските народи има различно значење низ историјата. Како прво, самиот факт дека Јужните Словени живееја во рамките на две империи – османлиската и австро-унгарската – имаше големо влијание врз општата ориентација кон заедничка ослободителна борба. Во исто време, тој живот во различни империи на некој начин ја забрза националната кристализација на јужнословенските народи, без оглед на нивната голема блискост, пред сѐ на јазикот. Имено, постојат верски разлики, потоа во разбирањето на националниот идеал, како и разлики во националната идеологија.

Пошироката јавност малку знае дека главните поборници на идејата беа хрватски интелектуалци собрани во Илирското движење и дека Србите на почетокот беа дури и сомнителни, верувајќи дека зад него стои планот на Ватикан за преобразување на православните, истакнувајќи го примерот дека еден од главните протагонисти на Илирското движење е Јосип Јурај Штросмајер.

 

На почетокот на Првата светска војна, програмата на српската влада за обединување на сите јужни Словени веќе беше јасна, но наскоро ќе се создаде Југословенски комитет (политичко тело на хрватски, словенечки и српски политичари во Австро-Унгарија што работеше на државно обединување со Србија и Црна Гора).

Крфската декларација (првиот заеднички акт на Владата на Србија и Југословенскиот комитет, објавен на 20 јули 1917 година) веќе смета на заедничка држава, но со различни очекувања од неа, со различна форма на управување, особено со усвојувањето на Уставот.

Сепак, врз основа на моето истражување, верувам дека југословенските народи – со овие благородните аспирации за сродството, врските, единството, особено спрема империјалните рамки во кои се најдоа – не може, се разбира, да го избегнат фактот дека на почетокот на југословенската држава тие не се познаваа доволно или дека за заеднички живот беа потребни некои други предуслови.

Создавањето на нации е дел од европскиот процес. Различни идеи, програми, политички сили се појавија околу формата на обединување, но на крајот на Првата светска војна, рамнотежата на силите одлучи и Југославија се создаде како резултат на неколку од овие историски факти.

Претходно, беше формирана држава на Србите, Хрватите и Словенците (во просторот на поранешната австро-унгарска империја пред обединувањето со Србија), која имаше, според некои студии, и територија и население, но не беше призната, не само поради опасноста од Италија туку и поради тоа што беше спречена од политиката на српската влада, Дворот, Никола Пашиќ, така што на крајот се создаде југословенска држава со сите контроверзи што ги носеше претходната историја.

Symbolbild Zerfall JugoslawienСФРЈ се распадна, но интересите на нејзините републики не се завршени и 30 години подоцна

Значи, секако имаше различни очекувања и тој обид да се објасни со што влегол секој од луѓето во Југославија е многу важен за разбирање на односите што се појавуваат во неа. Од една страна, ја имате српската држава, создадена на почетокот на 19 и 20 век, ја имате српската војска на страната на победниците во Првата светска војна, монархијата, имате симпатии за борбата на Србија меѓу сите јужнословенски народи. Постои и рамнотежа на моќта кај населението, во кое Србите немаат апсолутно мнозинство, но се мнозински народ, постои национална идеологија во чиј центар е ослободувањето и обединувањето на српскиот народ. Ова се предности што не се пропуштаат лесно во историјата. Значи, Србија влезе во Југославија со тие инструменти, политички, историски, војнички.

Од друга страна, има делови од Јужните Словени во Австро-Унгарија кои веќе учествувале во работата на Саборот, имале свои политички претставници, зборувале за конфедерализацијата на оваа империја. Постои одлука на Вудроу Вилсон за правото на народот на самоопределување, за распаѓањето на Австро-Унгарија. Овие народи беа загрозени од Италија, а таа одлука за создавање заедничка држава произлезе од тогашните воени услови многу повеќе отколку од ослободителните аспирации на јужнословенските народи. Затоа мислам дека две работи се важни во нашите студии: со што секој од народите влегува во Југославија, а од друга страна, овие народи во таа земја ги откриваат своите посебни интереси и никој не е подготвен да го изгуби тоа што го имаше пред Првата светска војна.

Како што беше речено, ‘Југославија е полесно да се замисли отколку да се реализира’, бидејќи комплексноста со која се најдоа народите во неа беше преголема и комплицирана, и на тоа беше одговорено на таков начин што оваа сложеност не доведе до усогласување на односите, туку до конфликти.

Србите имаа своја држава, своја влада, тие беа хомогени со 90 проценти православно население пред територијалното ширење во Балканските војни и Првата светска војна. Значи, тие го немаа тој систем и искуство на разбирање и пазарење како Хрватите во Австро-Унгарија. Србите, како млад потентен народ со ореол на победата и особено големи жртви во Првата светска војна, ја немаа таа способност да преговараат, туку дејствуваа од позиција на диктат.

Нема сомнение дека Србите, Хрватите и Словенците влегоа во Југославија како формирани народи со нивните цели, интереси, околности што ги условуваа да се најдат заедно“.

Така објаснува Латинка Перовиќ. А нема сомнение дека Србите, Хрватите и Словенците и сега, и во овој фантомски нон-пејпер, се појавуваат со нивните цели и интереси.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar