June 23, 2021

Што се договорија Скопје и Софија на 17 јуни?

БУГАРИЈА СО НОВИ УСЛОВУВАЊА ЗА МАКЕДОНИЈА

Очекуваме Република Северна Македонија да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво на 17 јуни 2021 година во Софија, што ќе ни овозможи да се движиме во позитивна насока. Ова вчера го соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија по вчерашниот состанок на Советот на ЕУ во Луксембург на кој Македонија уште еднаш доби вето за почеток на преговорите за членство во Унијата. За тоа кои обврски ги презема Македонија – сите молчат.

На 17 јуни премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи имаа неколку средби во Софија – со бугарскиот претседател и премиер Румен Радев и Стефан Јанев. Освен протоколарните соопштенија по средбите и нивните изјави за медиуми не се објавија конкретни информации за тоа кој што предложил и прифатил во насока на промена на бугарскиот став за блокирање на македонската евроинтеграција.

На официјалните прашања по вчерашното соопштение на бугарското МНР засега нема одговор од македонското Министерство за надворешни работи. Сите досегашни изјави на бугарските претставници се во тонот дека Бугарија не е против интеграцијата на Македонија во ЕУ, ама… И од другата страна изјавите се дека Македонија е за добрососедство, пријателство и развој на меѓусебната соработка.

По информациите во некои бугарски медиуми за тоа што навистина се предложило на овие средби на 17 јуни, од Влада соопштија дека во Софија немало формулации за решенија, се зборувало за доверба и дијалог.

„Не се точни шпекулациите за наводни формулации за решенија што се споделуваат низ дел од медиумите“, изјавија тогаш од кабинетот на премиерот Заев.

Зборуваме на ист јазик, но меѓународно признаен како два различни. Ова, според бугарскиот весник „24 часа“, е компромисот што го предложил премиерот Зоран Заев во Софија. Но не се конкретизира кој е тој јазик. Заев, како што пишува весникот, дошол во Софија со уште 4 други предлози за да потпише политичка декларација.

Заев наводно се согласил на измени во учебниците по историја во однос на историските личности и периоди, но во текстот се потсетува дека официјална Софија не ја прифаќа формулацијата дека документите се потпишуваат на македонски јазик и инсистира да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“.

На конференцијата за медиуми по средбата на премиерите, ниту Заев ниту пак Јанев не одговорија конкретно за какви предлози од Македонија се работи. Весникот, повикувајќи се на извори од бугарската влада, вели дека гостинот од Скопје дошол со пет компромиси, кои требало да бидат вклучени во политичка декларација.

Меѓу другото, формулацијата за јазичниот спор била дека Бугарите и Македонците истовремено говорат на ист јазик, но и на различни, кои меѓународно се одделно признаени. Исто така, се предвидувала и изјава дека двата народи се братски.

Заев најави дека пред влезот во ЕУ ќе биде отворен македонскиот Устав и во Преамбулата ќе бидат вметнати и Бугарите и Хрватите, а најави и отворање на архивите и досиејата од времето на Студената војна за да се разјаснеле „репресиите на кои биле подложени Бугарите во тогашна Македонија“.

Бугарија на состанокот на Советот на ЕУ беше претставена од заменик министерот за надворешни работи на земјата Румен Александров. Тој изјави дека Бугарија очекува „експлицитно откажување на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи/споменици кои создаваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, активирање на процес на рехабилитација на жртвите на Југославенскиот комунизам поради бугарска самосвест. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа спроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на Република Северна Македонија да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристапување на Скопје во ЕУ“.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar