July 20, 2021

Делта сојот се шири во Македонија – нови пет случаи

Делта сојот на корона вирусот се шири во Македонија – регистрирани се уште пет нови случаи, три во Тетово, еден во Скопје и еден во Куманово. Каде се заразиле, дали се дојдени од странство или вирусот го добиле во Македонија ќе се испитува во текот на денот – најави министерот за здравство, Венко Филипче. Додека земјите од регионот и Европа се мобилизираат за заштита од делта сојот, заштита од него, во вид на засилени мерки кај нас нема. Надлежните демонстрираат смиреност, а за мерки евентуално од септември, ама засега само како најава. Според Филипче, вакцинацијата е единствен спас од вирусот.

Се размислува да има и нови ограничувања од септември доколку се соочиме со нов бран, сепак не може сите да страдаат оти некој не сака да се вакцинира – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Во меѓувреме, додека опаѓа интересот за вакцинација, делта сојот забрзано се шири во Европа и светот. Експертите алармираат дека се приближува нов бран на пандемијата, а колективниот имунитет е далеку. Со цел да се стави под контрола ширењето на коронавирусот, расте бројот на земји кои воведуваат ограничувања.

Во Србија невакцинираните здравствени работници по враќање од одмор треба да донесат негативен ПЦР тест кој ќе го платат сами. Вработените во приватните центри во Грција кои одбиваат да се вакцинираат ќе одат на принуден неплатен одмор. Словенија ги продолжи ограничувањата на границите, каде е потребен негативен тест или сертификат за вакцинација при влез во земјата. Во делови од Шпанија се враќа полицискиот час, се забрануваат собири и  се ограничува ноќниот живот. Австрија разгледува стратегии да ги убеди граѓаните да се вакцинираат. И Холандија воведе ограничувања откако само неколку недели беа укинати па се зголеми бројот на заразени.

На невакцинираните жители во делови на Кина ќе им биде забранет пристап до јавни услуги, вклучително и болници, училишта и домови за стари и изнемоштени лица. И  Јужна Австралија денеска воведе локдаун во обидот да го спречи ширењето на делта сојот на коронавирусот и на тој начин со повеќенеделните ограничувачки мерки им се придружи на државите Викторија и Нов Јужен Велс.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar