July 28, 2021

Останува предлогот за 17 октомври како датум за локалните избори, отворените советнички листи неизвесни

Скопје, 28 јули 2021 (МИА) – Предлог-датум за локалните избори останува 17 октомври согласно Изборниот законик, но засега е неизвесно дали за изборот на советници ќе има отворени листи, бидејќи за ваквиот концепт ќе се дискутира откако Собранието ќе ги донесе измените во Изборниот законик.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека според предлогот од работната група во којашто учествуваат сите политички партии, останува локалните избори да се одржат на 17 октомври, како што е утврдено во Изборниот законик.

– Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо. Пописот е обична активност која што финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем пописот секојпат се вршел 20 дена, овој пат е определен 30 дена, може навистина да се заврши и порано. Значи има доволно време, така што нема потреба од какви било промени на датумот на изборите, рече Заев.

Минатата недела Заев предложи локалните избори да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со пописот, но ВМРО-ДПМНЕ го одби ваквиот предлог и обвини дека премиерот на своја рака, без консултација со останатите партии, бара поместување на датумот на локалните избори.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски тогаш изјави дека очекува партиите да го почитуваат законскиот и уставен рок и на 17 октомври да се одржи првиот круг од локалните избори.

– Локалните избори не се определуваат за желбата на кој било политичар, било и тој да е премиерот. Локалните избори се одржуваат во точно определен термин според Уставот и законот, а уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври, посочи Милошоски, додавајќи дека секој друг темин би бил „неуставен и би можело да го загрози целиот изборен процес како незаконит”.

По ова, премиерот Заев изјави дека СДСМ е согласен датумот на локалните избори да биде 17 октомври.

– За мене е многу важно што ќе каже опозицијата. Таа треба да биде задоволна со датумот на избори. Ако каже опозицијата 17-ти и сите други партии се согласат, ние сме согласни, нагласи Заев минатата недела.

Тој вчера истакна дека преговорите во работната група за Изборниот законик се воделе повеќе од еден месец со учество на сите парламентарни политички партии, при што се договорени и денот за датумот на изборите, модалитетите за отворени или затворени листи, како и за сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот на неопходни потписи за поднесување на листите.

– Мислам дека таа препорака на ОБСЕ/ОДИХР за да се унифицира прагот на собирање на потписи на сите во процентуален износ е вградена и треба да ги почитуваме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, додаде Заев.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, информора дека предложениот текст за измени на Изборниот законик ги содржи препораките на ОБСЕ/ОДИХР од Извештајот од парламентарните избори што треба да се имплементираат и би било несоодветно која било партија да го блокира подобрувањето на изборниот процес, што е и целта на препораките.

Што се однесува до конечниот концепт за отворени листи за локалните избори или каков било друг концепт, според Маричиќ, ќе мора да се дискутира откако Собранието ќе ги донесе измените на Изборниот законик.

Тој соопшти дека она што го предложила работната група за Законикот во однос на отворените листи се однесува на една преференцијална можност, односно да се гласа и за партија или коалиција, но и за еден кандидат од листата на советниците предложени од таа партија или коалиција.

Прагот за еден советник да може да биде избран по тој преференцијален метод е три проценти од вкупно запишаните гласачи во општината во која се гласа. Оние кандидати за советници кои ќе добијат поголем број преференцијални гласови од трите проценти ќе бидат избрани автоматски.

– Доколку една партија освои повеќе советници од само преференцијалните, пример 10 советници, а три само од нив освоиле три проценти од запишаните гласачи, останатите седум ќе бидат избрани од редоследот на предложената кандидатска листа на партијата за советници или коалицијата за советници на тие избори, појасни Маричиќ.

Според него, би било чудно доколу токму помалите партии кои го отвориле прашањето за отворени листи сега се обидат да го блокираат Изборниот законик во овој дел.

– Отворени сме за дијалог како Влада и партиите во Собранието што го чинат парламентарното мнозинство се отворени за дијалог. Не е целта да се наметне ова решение, целта е со консензус да се усвои Изборниот законик, како што е досегашната пракса кај нас, потенцира министерот Маричиќ.

Ако нема согласност за овој момент, истакна Маричиќ, останува да се имплементра постоечкиот модел, со подобрувањата што доаѓаат од ОБСЕ/ ОДИХР и се преточени во Предлогот на Изборниот законик и на тој начин ќе се оди со постоечките решенија.

Во пресрет на локалните избори Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) вчера објави анкета чии резултати покажуваат дека граѓаните во голема мера се незаинтересирани да учествуваат во локалната власт, а како причина за тоа ги наведуваат градоначалниците за кои сметаат дека се неангажирани и рамнодушни кон гласачите.

Според истражувањето на ИРИ, додека мислењето за некои градоначалници е позитивно, мнозинството од оценетите „градски татковци” добиле мешани или главно негативни оценки.

– Во поголемиот дел општини во Северна Македонија, градоначалниците и општинските советници треба да бидат поодговорни кон нивните гласачи и треба подобро да ги овозможуваат основните услуги и подобро да комуницираат со граѓаните за нивните локални проблеми и потреби, вели Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.

Во спротивно, според него, градоначалниците ризикуваат граѓаните уште помалку да учествуваат во локалната власт и да изгубат на претстојните локални избори.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar