August 31, 2021

НАМЕСТО ЗА ПРОЕКТИ, ОПШТИНСКИТЕ БУЏЕТИ СЕ ТРОШАТ ГЛАВНО ЗА ПЛАТИ!

Политичко влијание, распоред на картите со коишто ќе се игра на следните парламентарни избори, но пред сè – пари! Обемната анализа на „Капитал“ преку завршните годишни сметки на некои клучни општини ви открива зошто е толкава тепачката за градоначалничките фотелји, но и како локалните властодршци ги полнеле и ги празнеле општинските каси во 2020 година.

Анализата на „Капитал“ покажува дека најголем дел од парите во општинските каси доаѓаат преку трансфери од централната власт, а се трошат главно за плати и за надоместоци. Милионските суми што годишно се одлеваат по оваа основа се просто скандалозни, имајќи предвид дека (освен во Град Скопје) секаде половина или дури и повеќе од половина од вкупните општински трошоци се за исплата на многубројната администрација. Со ова, се разбира, страда квалитетот на услугите што граѓаните ги добиваат и проектите коишто треба да се капитални и од јавен интерес, а не можат да дочекаат реализација. Целата анализа сведочи за сериозна нефункционалност на локалната власт, еден огромен системски проблем, за којшто требаат коренити реформи и којшто, за жал, не може да се реши со заокружување на кое било бројче на гласачкото ливче.


ГРАД СКОПЈЕ

Градоначалник: Петре Шилегов

Вкупно приходи: 98,2 милиони евра

Вкупно расходи: 95,9 милиони евра

Расходи за плати и надоместоци: 24 милиони евра

Капитални расходи: 25 милиони евра

Главниот град лани, според податоците од завршната годишна сметка на Буџетот доставена до Собранието, остварил приходи од 98 милиони 288 илјади евра, од коишто во ставката даночни приходи се обезбедени 31, 6 милиони. Во даночни приходи спаѓаат приходи остварени преку даноци од доход, од добивка и од капитални добивки, даноци на имот, даноци на специфични услуги, такси на користење или дозволи за вршење на дејност. Како неданочни приходи (претприемачки приход и приход од имот, глоби, судски и административни такси, такси и надоместоци) реализирани се 3,5 милиони евра, а капиталните приходи изнесуваат 1,6 милиони. Трансферите од другите нивоа на власт изнесуваат 53,6 милиони евра. Градот има пријавено домашно задолжување од 7,4 милиони евра.

Град Скопје е единствен којшто повеќе троши за капитални расходи, отколку за плати – 25 наспроти 24 милиони евра. Вкупните расходи на градот се 95, 9 милиони евра.


ОПШТИНА БИТОЛА

Градоначалничка: Наташа Петровска

Вкупни приходи: 26 милиони евра

Вкупни расходи: 24, 4 милиони евра

Расходи за плати и надоместоци:12, 6 милиони евра

Капитални расходи: 3,3 милиони евра

Општина Битола, во текот на 2020 година остварила приходи од 26 милиони евра што е за 10 милиони помалку од тоа што планирала да го оствари. Притоа, 5,3 милиони евра се остварени како даночни приходи, а 896 илјади евра како неданочни (што е повеќе од двојно помалку од тоа што било планирано во оваа ставка). Во ставката трансфери и донации (тука спаѓаат парите добиени од централната власт) Битола обезбедила 17 милиони евра. Вкупните расходи на општината се 24,4 милиони евра, од коишто дури 12,6 милиони одат за плати и надоместоци. Иако градоначалничката планирала да потроши 9, 9 милиони евра за капитални расходи, за таа ставка потрошени се само 3,3 милиони.


ОПШТИНА ВЕЛЕС

Градоначалник: Аце Коцевски

Вкупно приходи: 12,5 милиони евра

Вкупно расходи: 11,5 милиони евра

Расходи за плати и надоместоци: 6,9 милиони евра

Капитални расходи: 1,4 милиони евра

Во 2020 општина Велес собрала 12 милиони 559 илјади евра, од коишто 2 милиони се добиени како даночни приходи. Како неданочни се водат 300 илјади евра, што сведочи за многу лоша реализација, оти по овој основ планирани биле дури 1,5 милиони евра. Како капитални приходи се нижат 235 илјади, што е уште една слаба реализација, оти планирани биле 878 илјади евра. Трансферите од централната власт тука се 9,7 милиони евра. Вкупните расходи се 11,5 милиони, од коишто дури 6,9 милиони се трошат за плати и надоместоци. За капитални расходи потрошени се само 1,4 милиони евра.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar