September 10, 2021

Обвинителството побара да се заплени документацијата за изградбата на модуларната болница

Обвинителството нареди тетовската полиција да ја одземе целосната документација за изградбата на модуларната болница од Кличничкиот центар во Тетово и од фирмата изведувач на работите.

Како и зошто изби пожарот во модуларната болница во која настрадаа 14 лица засега нема одговор.

Од обвинителството соопштија дека се подигнати материјали од болницата кои се дадени на вештачење а ангажиран е и вештак електротехничар кој треба да утврди дали дефект на електричната инсталација е причина за трагедијата.

Од видео записите на очевидците јасно се гледа дека во моментот на пожарот струја во и околу објектот има.

Снимките од безбедносните камери од болницата но и од околните објекти веќе се подигнати а се собираат и оние на очевидци и од социјалните мрежи.  Во рамките на досегашната истрага повикани на распит се дел од лекарскиот персонал кој бил во Модуларната болница во моментот на пожарот но и дурги лица.

Владата соопшти дека тим на германската федерална крим полиција деновиве ќе пристигне во Македонија како поддршка на МВР и Обвинителството во истрагата.

Обвинителството потврди – двајца од настраданите во пожарот не се пациенти во модуларната болница туку членови на најблиско семејство кои во моментот на пожарот биле во објектот. Ковид протоколите во болницата биле прекршени.

„Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани. Причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини се истражува“ – соопшти обвинителството.

Министерот Филипче вчера кажа дека доколу истрагата потврди кршење на протоколите одговорност барем од директорот на болницата Флорим Бесими ќе има.

Телма побара но не доби одговор од здравство кога ќе го разрешат директорот Бесими.

Од ДЗСИ соопштија дека досега не добиле налог од министерството за здравство и минстерот Филипче за вонреден надзор, како што тој најави на вчерашната прес конференција, но и дека законски тоа сега може да го побара само Јавното обвинителство а не и министерот или министерството за здравство. Оттаму додаваат дека последниот надзор е направен на 13 август и дека е доставен записник.

“Во врска со трагичниот настан кој се случи на 8 септември оваа година, ДСЗИ не може да утврди фактичка состојба после изминати два дена од настанот, понатаму не постои налог од министерот за здравство за вршење на вонреден надзор и последно, но и најважно, во фаза на водење на истрага од страна на Јавното обвинителство, ниту министерот ниту било кој друг орган не може да му наложи на ДСЗИ да спроведува надзор над субјект кој е предмет на кривична истрага. ДСЗИ ќе постапи и ќе ги стави на располагање сите свои стручни капацитети само врз основа на налог на Јавното обвинителство” – велат од инспекторатот.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar