October 22, 2021

НЕ ОЧЕКУВААТ ЛИ РЕСТРИКЦИИ?! АКО ТЕЦ БИТОЛА ,,КИВНЕ” ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ СТРУЈА

Време зa читање: 5 минутиИ се заканува ли на Македонија рестрикција на струја или уште полошо мрак?! Јаглен, со кој требаше да се засили производството во единствената надеж на енергетскиот систем РЕК Битола, во регионот очигледно нема.

Неуспешно помина тендерот на кој државата итно бараше да се купат 900.000 тони јаглен за потребите на РЕК Битола. Понуденото количество е далеку помалку од она што се бараше на тендерот. Се пријавиле девет компании, ама ниту една понуда не била приближно до бараната. Понудени биле само 165.000 тони. За РЕК Битола државата ќе си ја проба среќата на втор тендер. Но, ако соседите не понудија, тогаш на вториот тендер и да се добие потребната количина јаглен, таа ќе биде многу поскапа, а и дополнителниот транспорт ќе влијае плус на цената.

За кичевски ТЕЦ Осломеј имало понуда за 300 000 тони јаглен, со што е исполнето барањето за потребната количина. Во следните фази ќе се оценуваат другите сегменти од понудите.

Количините јаглен беа потребни за да се засили домашното производство на струја за да се стабилизира цената за стопанството. Стопанските субјекти се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар, а со оглед на енормниот пораст на цените на берзите, стопанството се соочува со опасност од голем ценовен удар.

Во меѓувреме цената на струјата на светските берзи порасна за дури 4 пати и достигна до 200 евра за мегават час. Откако снабдувачите почнаа да ги раскинуваат договорите со компаниите, владата најави дека со интервентната набавка на јаглен ќе се обиде да им помогне на компаниите, но барем засега без успешно.

НО, ЗОШТО МАКЕДОНИЈА НА ЕНЕРГЕТСКИ ПЛАН СЕ НАЈДЕ ВО ШАХ-МАТ ПОЗИЦИЈА?

Која е ТЕЦ Битола? Термоелектричната централа „Битола“, како дел од рударско енергетскиот комбинат РЕК Битола, е лоцирана на периферијата на пелагонискиот базен, 12 km источно од градот Битола и околу 15 km северно од грчката граница. Таа е составен дел од Рударско-енергетскиот комбинат Битола и е во функција повеќе од 30 години. Комбинатот, чија основна дејност е производство на електрична енергија на јаглен, е најголем во системот на македонското електростопанство и е составено од две производствени единици: ПЕ Рудници (Суводол и Брод Гнеотино) и ПЕ Термоелектрана.

Првите киловат-часови електрична енергија во термоелектричната централа Битола се добиени во 1982 година кога во работа е пуштен првиот од трите блока на електраната. Производството го овозможуваат три блока чија моќност со реконструкција во 1994 година е зголемена за дополнителни 15 MW по блок или за вкупно 45 MW нова моќност.

Во 2010 година на блок 1, 2011 година на блок 2 и 2012 година на блок 3 се изврши дополнителна модернизација на агрегатите при што се подигна моќноста на истите за 8,33 MW по агрегат. Со тоа вкупната моќност на РЕК Битола денеска изнесува 700 MW. Дополнително во текот на 2012 година и 2013 година се изврши модернизација на котел 3 и котел 2 при што се намалија емисиите на азотни оксиди согласно стандардите за животна средина на ЕУ.

Сиот овој потенцијал во РЕК Битола овозможува над 70% учество на комбинатот во вкупното производство на електрична енергија во електроенергетскиот систем. Но, токму во тоа е и проблемот.

ЕКСПЕРТИ СО ГОДИНИ ПРЕДУПРЕДУВААТ ДЕКА НЕ МОЖЕ ЕДИНСТВЕНА ОПЦИЈА ДА НИ Е ТЕЦ БИТОЛА

Една од омилените изреки на енергетичарите кои со години апелираат да се забрза гасификацијата на земјава и да се има план Б во снабдувањето со струја е: ,,Ако РЕК Битола кивне цела Македонија ќе остане без струја”. Еден од најгласните меѓу нив е професорот на Машински факултет во пензија, чија област беше енергетиката, Константин Димитров.

Со години се апелира дека опремата на ТЕЦ Битола е веќе застарена и мора да се има друга опција, но од инвестициите ни трага.

-Се најавуваат многу проекти, но ништо не е почнато.Требаше да се градат гасни централи за производство на струја во Битола и Скопје, но ништо нема од нив. Од друга страна наместо ТЕЦ Неготино да работи на скапиот мазут што е планот Б сега, таа можеше да се оспособи да работи на гас бидејќи има таква опција. Она што требаше само да се направи е да се продолжи гасоводот за 8км и да се поврзе централата на гас. И сега имаме ситуација во која домашното производство зависи од способноста на ТЕЦ Битола каде што пак речиси секогаш не работи некој од трите блокови затоа што мора да оди на ремонт, вели Димитров.

Дополнителен проблем е вели Димитров и стопирањето на тендерот за набавка на квалитетна опрема за рудниците за ископ на јаглен кои се составен дел од РЕК Битола. Поради тоа сега не може да се ископа квалитетен јаглен.

Настојувањето на ЕУ да се фаворизираат обновливите извори, агенда која ја следи и нашата земја не се покажа доволно да ги засити потребите од електрична енергија на земјите. Па проблеми со струјата најавија и повеќе европски земји. Кога на крај ќе се собере есапот изгледа не чека долга и студена зима.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar