October 27, 2021

По изборите, треба да се реформираат и ДУИ и Алијансата за Албанците

Функционери на ДУИ

Двата договора се прагматични, ги коментира Селим Ибраими, политички аналитичар од Институтот за безбедносни студии и развој, договорите што ги постигнаа Али Ахмети и Мендух Тачи, односно Зијадин Села и Билал Касами за меѓусебна поддршка во вториот круг од локалните избори в недела во некои општини.

– Коалицијата Беса-АА има за цел победа на кандидатите или меѓусебна поддршка во општините каде исти партии се натпреваруваат со кандидатите на ДУИ. Договорот е последица на тој меѓу ДУИ, СДСМ и ДПА. Треба да се каже дека ДУИ по локалните избори треба да се реформира, исто како и Алијансата за Албанците, каде што Зијадин Села треба да ја преиспита својата позиција во партијата – изјави Ибраими за „Слободен печат“.

Беса во вториот круг ќе ги поддржи сите кандидати на Алијанса за Албанците (АА), како реакција на договорот Ахмети-Тачи за поддршка на ДПА за кандидатите на ДУИ. Беса ја доби поддршката од АА за општините Тетово и Желино, каде што нивните кандидати влегоа во вториот круг.

– Во вториот круг од локалните избори, сите гласачи на Движењето Беса треба да ги поддржат кандидатите на АА, со што ќе помогнат во политичкиот пораз на ДУИ и ДПА – изјави Аријанит Хоџа, генерален секретар на Беса.

– Ние како коалиција го искажавме нашиот став дека треба да се поддржат сите кандидати на албанската опозиција што се борат против ДУИ. Нашите членови и симпатизери и сите други гласачи ќе ги поддржат кандидатите на Беса во општините каде што се натпреваруваат со ДУИ, зборувам за Желино и Тетово – изјави Арбен Таравари, генерален секретар на АА.

Коалицискиот партнер на АА, Алтернатива, како услов за поддршка на партијата на Касами го постави излегувањето на Беса од Владата за да може да ги бара гласовите од опозицијата. Од Беса, пак, ја прашуваат Алтернатива, дали како власт или опозиција во 2020-та барале гласови на парламентарните избори и како е можно опозициска партија уште да има три директори во јавни институции.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar