November 10, 2021

Прогласена кризна состојба – одговорност нема, но поскапа струја сигурно ќе има

30 дена кризна состојба прогласи Владата за да се справи со енергетската криза во Македонија. Одлуката, според министерот за економија, Крешник Бектеши, не е за да се воведат рестрикции на струја, туку да им се помогне на македонските енергетски компании и тоа со 65 милиони евра. Министерот не ја отфрла можноста, цената на струјата за домаќинствата да се зголеми од 1 јануари.

Бектеши признава оти одговорност за енергетската криза во земјава треба да има но не кажува од кого. Вели, најважно било прво да се стави крај на кризата, а потоа ќе се барал виновникот.

„Лично сметам дека треба да има одговорност, ама првично треба да се справуваме со енергетската криза. Откако ќе се справиме со кризата, ќе седнеме и ќе разговараме и за конкретна одговорност и за тоа кој потфрлил во делот на намалување на домашното производство“, додаде тој.

Во меѓувреме, по вчерашниот прекин на производството на електрична енергија, повторно е ставен во функција Блок 1 во РЕК Битола. Од компанијата најавија, дека продолжуват активностите, за ставање во функција и на вториот блок кој е во ремонт, и се очекува да почне со работа до крајот на неделата. Но, РЕК Битола, располага со залиха од 40 илјади тони јаглен, што е доволно за само 4 дена работа на двата блока. Поради пожарот, што се случи во петокот вечерта, третиот блок, ќе биде вон употреба најмалку еден месец.
Дефицитот на електрична енергија ЕСМ го надополни со увоз за што потроши 5,5 милиони евра.

Од опозицијата пак обвинуваат за недомаќинско работење. Велат наместо РЕК да произведува а државата да продава скапа струја, надлежните увезуваат по цени и до пет пати поскапи.

„Доколку Владата знаеше, како да управува со енергетските капацитети на државата, сега, наместо да купуваме скапа струја, ќе продававме, но Заев ги испразни хидро-акумулациите, не копаше јаглен во РЕК Битола, РЕК Осломеј го оставија на забот на времето, а ТЕЦ Неготино не е подготвен“, реагираат преку соопштение од ВМРО ДПМНЕ и додаваат дека крајната сметка сепак ќе падне врз грбот на граѓаните.

Биљана Божиновска Алфа ТВ

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar