November 18, 2021

Анализа: Дали Македонија и ветото се присутни во преговорите за формирање Влада во Бугарија?

Темата Македонија не е приоритет во преговорите за нова бугарска Влада. Победничкиот двоец Петков – Василев ќе се држи до ветувањата со кои ги освои гласовите, пред се ветувањето за нулта корупција во земјата.

Според политичкиот аналитичар Владимиров, во однос на Македонија се очекува поинаква реторика која ќе се темели на подобрување на економијата и инфраструктурата и тоа ќе биде ставот на победничката партија на преговарачката маса.

Македонија е второстепена тема, но Владимиров, сепак, не исклучува отвореното прашање да прави проблеми при составувањето на влада.

“Возможно е. Тој предложи неколку конкретни теми за кои ќе се разговара и за кои би бил потпишан обемен коалициски договор кој ќе навлезе во многу детали. Темата Македонија не беше спомнувана во темите за кои ќе се преговара за влада, туку борбата со корупцијата, правосудството и смената на јавниот обвинител”

Иако Петков најави нова реторика во меѓусебните односи која во Македонија беше позитивно примена, Владимиров е внимателен во прогнозите.

“Темата Македонија може, но и е камен на сопнување во овој момент во бугарската политика. Гледате и дека поранешниот премиер Борисов и Каракачанов се подготвени веднаш да отворат политичка дискусија и да ги нападнат луѓето кои сакаат да создадат нова влада, при секоја индикација за затоплување на односите со Македонија. Реално ние се наоѓаме во една слепа улица, ќорсокак, од кој многу тешко ќе излеземе. И тоа нема да се случи со еден гест или едно решение, туку со редица отстапки од двете страни”

Преговорите за нова влада во Бугарија ги води победничката партија “Продолжуваме со промените” која освои 67 пратеници. Коалицијата ќе се бара во договор со социјалистите, со партијата “Има таков народ” на Слави Трифонов и партијата Демократска Бугарија.

Доколку падне договор, владејачката коалиција ќе брои 134 пратеници во Парламентот со 240 места.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar