Почитувани, РЕК Битола работи на минимум. Вчера работеше само еден блок и тоа со 20% од капацитетот. Наместо енергетска стабилност, наместо развој кон тоа РЕК Битола да биде извор за затоплување на вториот по големина град во Македонија, Битола, РЕК Битола е пред колапс. И не е само до немањето на јаглен. Јаглен нема затоа што не се копаше и не се набави на време, изјави денеска за медиумите портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој посочи дека РЕК Битола е слика за водењето на Македонија од СДСМ..

– Во моментов Блок 3 е надвор од погон. Неговото санирање може да трае и цела година. Санацијата на цвеките на котелот на Блок 1 не знаеме во која фаза е. Работи само Блок 2. Јаглен на депонијата нема, увозот на знаеме до каде е. Ете тоа е состојбата во којашто СДСМ го доведе најголемиот производен капацитет РЕК Битола. Почитувани, до сега се потрошени над 11 милиони евра за увоз на струја, плус 15 милиони за плаќање на украдената струја од европската мрежа. На 26-те милиони евра, се планираат 65 милиони за дополнителни трошења. Вкупно ова се ќе чини 90 милиони евра. Доколку се копаше јаглен сето ќе завршеше за помалку од 20 милиони евра. Да сумирам неспособноста и лакомоста на СДСМ чинат 70 милиони евра, појасни Стоилковски.

Портпаролот додаде дека раководството на ЕЛЕМ е целосно неспособно и нестручно и воопшто не се грижи за правилното одржување на целата постројка. Македонија е длабоко навлезена во енергетска криза.

– Се фалеа со профит на ЕЛЕМ, а денес гледаме дека ЕЛЕМ е еден од најголемите загубари во Македонија. Финасиската инјекција од владата се пари на граѓаните за да уште малку се преживее до утре, задутре, можеби само три дена. Потребни се итни неодложни оставки на сиот раководен тим на РЕК Битола и МЕПСО, и наместо Васко Ковачевски и тајфата од СДСМ, да дојдат способни луѓе, за спас на тоа што е останато од РЕК Битола и ЕЛЕМ. Се’ друго е намерно дополнително тонење на енергетскиот систем во Македонија, дециден е тој.