Неодамнешно истражување кое вчера беше објавено од страна на норвешка група истражувачки новинари, покажува дека и македонски олигарси учествувале во црни бизниси со купување имот во атрактивниот Дубаи.
Како што стои на норвешкиот сајт e24.no, во ист кош со руски олигарси кои се под санкции на Западот, финансиски криминалци и корумпирани европски функционери, се наоѓаат и 45 македонски државјани кои вкупно поседуваат 55 имоти во најголемиот туристички центар во Обединетите Арапски емирати.
На интернет страницата taxobservatory.eu/ , која е инаку финансирана од Европската Унија, под наслов КОЈ ПОСЕДУВА ОФ-ШОР ИМОТИ- ДОКАЗ ОД ДУБАИ, пишува дека новите податоци откриваат преку осумстотини илјади прекугранични инвестиции во недвижности коишто се дел од перење пари во најголемиот оф-шор центар во светот. Причината за сомнежот лежи во фактот според кој, како што се наведува на сајтот, над фрапантни 146 милијарди американски долари, странски пари се инвестирани во овој блискоисточен мегаполис преку оф-шор компании. Околу 20 проценти од колачот спаѓаат на сопственици од Индија, 10 од Велика Британија. Од другите големи инвеститори се наведени државјани на Пакистан, Заливските држави, Иран, Канада, Русија и САД.
Дубаи оф-шор бизнисот со недвижности е голем. Проценките се дека вкупната сума на пазарната вредност на имоти во Дубаи надминува 533 милијарди американски долари во 2020 година, од кои 27 проценти спаѓаат на странски инвеститори. Поради неможноста да се откријат 7 проценти од националносната припадност на сопствениците, сумата со сигурност е и поголема, се наведува во истражувањето.
Add Comment