May 11, 2022

Виена очекува скоро решение за „сложувалката“ со Бугарија

Александар Шаленберг.Александар Шаленберг/ Фото: МИА

Австрија со силна поддршка за што побрзо отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија и охрабрена дека е можно скоро решение за „сложувалката” со Бугарија. За Скопје заслужен е исчекорот во евроинтеграциите за земјата, а на сложувалката, која полека се составува во насока на решавање на спорот со Софија, во моментов и недостасува лепилото, односно политичка волја, за да ги стави елементите во еден сеопфатен процес.

Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера во Скопје изјави дека ЕУ се наоѓа пред огромна геостратешка одлука и најважниот инструмент против оваа војна на европско тло е перспективата на ЕУ и проширувањето. За Австрија овој регион мора да биде дел од ЕУ, тоа е геостратешка фиксна задача.

-Тоа е геополитичка задача на ЕУ и никогаш досега не било толку важно да се реализира проширувањето. Затоа сметам дека што побрзо треба да се отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија, порача Шаленберг.

Во однос на прашањето со Бугарија, Шаленберг, кој во Скопје пристигна од Софија, оцени дека решението е близу, двете влади, двете држави веќе ги имаат составните делови од сложувалката и сега е време да се сложат истите.

– Денеска сум во Скопје и навистина ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Сите делчиња од сложувалката се на масата и сега треба само уште да ги сложиме. И се надеваме дека уште пред почетокот на летото ќе дојде до тој почеток. Австрија сака да даде свој придонес и ќе биде солидарна со Северна Македонија во тие чекори пред преговорите, бидејќи тоа е геостратешка неопходност. Вие сте непосредни соседи на ЕУ, опкружени сте со земји членки на ЕУ. Сите земји кои досега не пристапиле, редно е да пристапат кон Унијата, нагласи Шаленберг.

Шефот на дипломатијата Османи, пак, појасни дека тој во неговата неодамнешна изјава не поставил никаков ултиматум до бугарскиот претседател Румен Радев или до Европската Унија, туку само се обидел да ја појасни фактичката состојба, нагласувајќи дека ова е одлична и последна можност во која има концентриран политички капитал.

– Како поминува времето, се јавува обесхрабрување и сето тоа има последици и врз домашната политичка сцена и врз можноста граѓаните и политичките елити да го даваат својот придонес во овој процес, рече Османи.

Според него, процесот е доста созреан изминатите месеци и години и за секој елемент во процесот има решение, проблемот е како сето тоа да се опфати во еден сеопфатен договор за да нема утре нови прашања, нови елементи и создавање непредвидливост.

На сложувалката, која полека се составува во насока на решавање на спорот со Бугарија, и фали лепилото, а тоа, според Османи, е политичка волја во моментов за да ги стави елементите во еден сеопфатен процес, кој ќе значи ново поглавје за нашата држава и за односите на Западен Балкан со ЕУ.

Во однос на подготвеноста уште еднаш да се промени Уставот, Северна Македонија нема ништо против да ја внесе бугарската заедница во Уставот, заедно со другите заедници коишто се спомнати таму, бидејќи ако по нешто сме препознатливи во светот, тоа е по односот на државата кон заедниците, но сензитивноста е во непредвидливоста на процесот и токму за тоа се разговара во моментов со Софија, вели Османи.

– Северна Македонија има постигнато уникатен модел на функционална мултиетничка демократија.  Токму основата на европските вредности е во мултиетничноста и ние тоа го постигнавме и сме спремни да го прошириме во однос на сите етнички заедници. Сензитивноста е во непредвидливоста на процесот. Меѓутоа тоа е дел од разговорите коишто ги водиме со Република Бугарија, нагласи Османи.

Во однос на идејата на Макрон за формирање „европска политичка заедница”, вели дека идејата е добра за земји како Украина, Молдавија и Грузија, но потенцираше дека Западниот Балкан мора да продолжи кон полноправно членство во Унијата.

– Северна Македонија го има започнато, односно потпишано Договорот за стабилизација и асоцијација неколку месеци по Словенија, неколку месеци пред Хрватска, што значи ако тоа било една тројка која почнала, тоа треба да се заврши, за да може да зборуваме за други процеси. Второ, ако гледаме од сегашна перспектива Северна Македонија е со Албанија и Црна Гора како земји коишто се три НАТО членки во регионот со стопроцентно усогласување на надворешната и безбедносна политика, а се уште се далеку во процесот на асоцијација и прилагодување кон европските правила на една игра и во тој дел треба и тој пакет исто така да се заврши. И третиот коментар, ние зборуваме за почеток на преговори, не зборуваме за членство, рече Османи.

Шефот на австриската дипломатија во Скопје имаше средби и со шефот на државата Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски. Претседателот Пендаровски нагласил дека потребно е ЕУ да овозможи неодложно отпочнување на пристапните преговори за Северна Македонија, во контекст на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан. Премиерот Ковачевски, пак изрази благодарност до Австрија како голем поддржувач во евроаспирациите на државата.

– Посветени сме кон практикување европски вредности, нашето законодавство е 45 проценти веќе усогласено со европските регулативи, посветени сме на принципиелен развој на добрососедски односи и оправдано оценуваме дека Северна Македонија заслужува исчекор во евроинтеграциите, рече премиерот Ковачевски.

Поддршка за брз старт на пристапните преговори со ЕУ дојде и од потпретседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ и специјален претставник за Југоусточна Европа Азај Гулијев, кој во рамки на неговата посета на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора имаше средба со претседателот на Собранието Талат Џафери.

-Иднината на Западен Балкан е во ЕУ и неопходно е што поскоро Северна Македонија и Албанија да ги започнат претпристапните преговори со Унијата затоа што процесот на проширување на ЕУ промовира долготраен мир, стабилност и просперитет во целиот регион, заклучиле двајцата соговорници на средбата.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar