May 11, 2022

ОД СТАРТОТ НА ГОДИНАВА ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ ПАДНАА ЗА 400 МИЛИОНИ ЕВРА – НБМ уверува, трендот е стопиран, курсот ќе се одбрани

 

Неколку месеци наназад се намалуваат девизните резерви на земјава.

Податоците на Народна банка на Македонија говорат дека само во првите четири месеци од годинава девизните резерви на државава се „стопиле“ за 403 милиони евра.

Најновиот показател на централната банка се однесува за април годинава и тој говори дека на крајот на четвртиот месец Македонија располагала со девизни резерви од 3,24 милијарди евра.

За еден месец, односно во споредба со март годинава, девизните резерви се намалиле за околу 33 милиони евра. Затоа, пак, многу позначајно било мартовското „топење“ на државните девизи, и тоа изнесувало дури 110 милиони евра. Девизните резерви се намалиле и во февруари, и тоа за 83 милиони евра. Затоа, пак, најголем бил минусот што за еден месец го доживеале девизните резерви во јануари годинава, и тоа за дури 178 милиони евра.

Или, за само четири месеци намалувањето е за дури 403 милиони евра.

Во целиот овој контекст, априлското намалување на девизните резерви за „само“ 33 милиони евра би можело да се толкува дури и како извесно стабилизирање, бидејќи претходните месечни падови беа многу повисоки.

Инаку, треба да се спомене дека во јуни лани, девизните резерви беа највисоки, и тоа 4,03 милијарди евра, а потоа стартуваше еден тренд на намалување, кој никако да запре, за сега државните девизи да се сведат на 3,24 милијарди евра.

 

 

Фактор ја праша Народна банка на Македонија зошто девизните резерви на државата се намалуваат континуирано од месец во месец, достигнувајќи го на крајот на април нивото од 3,24 милијарди евра, односно која е или кои се главните причини за падот, дотолку повеќе што за четири месеци падот е над 400 милиони евра. Понатаму, се интересиравме и дали е ова загрижувачки индикатор, како и колку месечен увоз на земјава сега покриваат девизните резерви. И конечно, она што ги интересира граѓаните, дали овие девизни резерви се доволни да се брани девизниот курс на државава.

Од НБМ уверуваат дека девизните резерви се на соодветно ниво за одбрана на курсот, а причината за нивното намалување е увозот на поскапите енергенси.

 

„Промените во девизните резерви од почетокот на годината главно се одраз на поголемите потреби на компаниите за девизи заради повисокиот увоз на енергенси, а во услови на значаен раст на светските цени на овие производи. Во текот на април и мај овие притисоци значително се намалија, воедно се забележува и сезонски поголема понуда на девизи и девизниот пазар е стабилен“, потенцираат од централната банка.

Од монетарната власт за Фактор тврдат дека девизните резерви на земјава без дилема се на соодветно ниво за одржување на стабилен курс на денарот.

„Впрочем ова јасно е истакнато и во Извештајот на ММФ од мисијата по Член 4 од Договорот со ММФ. Доколку се направи споредба со нивото на девизни резерви за време на глобалната финансиска криза, сега нивото на девизни резерви е двојно повисоко. На располагање ни е и репо-линијата од ЕЦБ, која обезбедува пристап до дополнителни 400 милиони евра девизна ликвидност“, објаснуваат од Народната банка.

Оттаму уверуваат дека девизните резерви покриваат околу четири месеци од проектираниот увоз, што според меѓународно прифатените стандарди, е конфорно ниво, а во услови на режим на стабилен девизен курс.

 

Според некои познавачи, пак, девизните резерви беа намалени и поради интервенциите на девизниот пазар, поради шпекулациите кои се појавија главно во критичните месеци, а кои наметнаа потреба НБМ да продава девизи на банките и менувачниците, за да се смири големата побарувачка за странска валута, главно евра.

Инаку, најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност, и тоа 73,1 отсто, по што следуваат валутите и депозитите, со 14,5 проценти, и монетарното злато, со учество од 12,4 отсто.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar