October 6, 2022

НИ БОЈКО, НИ ПЕТКОВ – ГОЛЕМИТЕ ЗАПАДНИ СИЛИ ПАК ПОБЕДИЈА Изборите во Бугарија завршија, антимакедонската стратегија останува

Ставот на Бугарија и понатаму ќе остане непроменет, а тоа значи дека не постојат Македонци, дека нема македонски јазик и дека имаме заедничка историја, вели поранешниот дипломат Ристо Никовски.

Какви промени ќе претрпи преговарачкиот процес со Македонија по промената на власта во Бугарија? Ќе успее ли новиот бугарски премиер да издејствува маневарски простор за брзо и безболно решавање на македонското прашање? Постои ли начин да се промени бугарската стратегија, која со години наназад работи на непризнавање на македонскиот јазик и на македонската историја?

Домашните експерти за надворешна политика со коишто разговараше Плусинфо делат не толку оптимистички ставови – ништо нема да се промени!

Првиот министер за надворешни работи Денко Малески вели дека без разлика на тоа дали Бојко Борисов ќе успее или нема да успее да ја формира новата бугарска влада, нашиот источен сосед во никој случај нема да ја промени својата стратегија во поглед на македонското прашање.

Наивно е да се очекуваат отстапки од бугарска страна. Бугарите триумфираа, постигнаа сѐ што сакаа, па сега човек треба да биде крајно наивен за да верува дека соседите ќе се повлечат во име на пријателството.

Ристо НиковскиПоранешен амбасадор

– Нема ништо да се смени за Македонија, без оглед на тоа кој е премиер на Бугарија. Нема да има ниту влошување, ниту подобрување на работите. Нема да има ниту отстапки од бугарска страна. Тие ќе продолжат цврсто да се држат на тоа што го добиле и ќе си ја негуваат својата бугарска стратегија во однос на македонското прашање. Ако се сеќавате, Бојко Борисов и неговата политичка партија ГЕРБ дадоа поддршка и гласаа за предлогот на Кирил Петков за да се крене ветото и да се дозволи да започнат преговорите на Македонија со ЕУ. Секако, тоа беше направено под силен западен притисок. Во некоја идеална ситуација за Бугарија, тие би сакале да го повторат грчкиот пример: нема кревање на рампата додека сѐ не заврши. Меѓутоа, овојпат, геополитиката и сите нови ситуации придонесоа за да биде притисокот врз Бугарите исклучително голем, па тие едноставно не можеа да одолеат на тој притисок – објаснува Малески.

Со „францускиот предлог“, додава тој, ние сме ставени на колосекот кој води кон членство во Европската Унија.

– Тоа е нешто што немаше да се случи доколку Бугарија, како и Грција претходно, инсистираше сите спорни теми да се разрешат, па дури потоа да започнат преговорите. Такво нешто се случи со Грција, па ние скоро 30 години стоевме во место. Вака отприлика сега изгледа големата слика. Предноста во оваа ситуација е дека ние се движиме, почнуваме преговори и не стоиме во место. Секако, треба да бидеме свесни дека ова е издејствувано под притисок на големите сили и по цена на пад на една бугарска влада. Претходниот бугарски премиер Кирил Петков ризикуваше и ја истурка работата до крај, без воопшто да се плаши од фактот дека ќе ја загуби премиерската фотелја. Затоа, ние сега треба да покажеме кои се нашите капацитети, да се трансформираме онака како што течат преговорите. Но, имаме и уште еден услов кој не смееме да го заборавиме, бидејќи без тој услов можат да се прекинат преговорите, а во финалниот дел можеме и да добиеме вето за членство во ЕУ. Условот е Бугарите да бидат вметнати во македонскиот Устав, но и да најдеме заеднички јазик со Бугарија околу заедничката историја – заклучи Малески.

Поранешниот дипломат Ристо Никовски смета дека наивно би било да се очекуваат отстапки од бугарска страна во однос на Македонија.

Тој смета дека во овој момент најдобар наш потег би бил да ја промениме нашата политика и да го поништиме Договорот за добрососедство со Бугарија.

– Нема да биде лесно, но тоа е единствениот начин и единствениот пат по кој треба да се движиме ако сакаме да стигнеме до портите на ЕУ. Имаме доволно време за таа операција, бидејќи и проширувањето на Унијата нема да се случи во следните 10 години, а нашите преговори и во најдобри услови би траеле најмалку 20 години. Во Бугарија нема никакви изгледи за промена на политиките кон Македонија. Наивно е да се очекуваат отстапки од бугарска страна. Бугарите триумфираа, постигнаа сѐ што сакаа, па сега човек треба да биде крајно наивен за да верува дека соседите ќе се повлечат во име на пријателството – вели Никовски.

На изборите во Бугарја, ГЕРБ ја однесе победата со 25,34% освоени гласови, пред Продолжуваме со промената на експремиерот Кирил Петков (20,20%). Уште четири партии го надминаа прагот од 4% освоени гласови потребни за влез во Парламентот, но меѓу нив не е Има таков народ на Слави Трифонов, која беше победник на изборите во јули минатата година, но потоа не успеа да формира влада.

Петков изјави дека неговата партија ќе одбие евентуална покана за формирање коалиција со ГЕРБ.

– ГЕРБ ја има целата политичка одговорност и обрзана е да стори сè што може за да формира влада. ГЕРБ нема проблем со силни националистички формации, па Движењето за права и слободи и Преродба се чинат како добри кандидати – изјави Петков.

Конечните резултати ќе бидат објавени в четврток, откако ќе се придодадат гласовите на дијаспората. Таму води Движењето за права и слободи со 31,93% освоени гласови.

Share this:

About admin

admin

  • Website
  • Email

Add Comment

Skip to toolbar