Во УМТ се чувствуваат навредени, УКЛО го демантира, но премиерот Џафери не смета дека 5-те Универзитети се дискриминирани

Техничкиот премиер, Талат Џафери, вели дека петте универзитети кои протестираа заради непокачувањето на платите, со доцнење ги доставиле во Собрание барањето за колективен договор и поради тоа тие не се потпишани. За најавата за протест или штрајк на професорите за време на избори, Џафери смета дека тоа би било во функција на дневните политики, бидејќи како што додаде член 8а не дозволува потпишување на колективен договор во овој период.

„Не се дискриминирани. Да не кажам друго – не сработија навреме. Немаа синдикати. Беа членови на општи синдикати на МОН. Го виделе примерот на УКИМ, го земаа и читале закони, дека требало да самостоен синдикат како независна институција, како се дискриминирани? Колку време постојат универзитетите. Најновиот универзитет УМТ, значи универзитетот Мајка Тереза зошто не формираа навреме. Синдикат да имаат, како што ги формираа потоа кога им кажав дека треба да го прават тоа и тоа, зошто се дискриминирани?“, вели Џафери.

Претседателот на синдикатот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Авни Авдиу, вели дека не само што се дискриминирани, туку и навредени од Џафери во интелектуален аспект.

„Апсолутно не е точно бидејќи тоа го нагласивме во нашето соопштение не знам колку пати, го повторивме и на денот на протестот а и претходно дека немаат никаква политичка конотација туку се организираат за да ги оствариме нашите права, истите кои им припаѓаат и на другите.“, изјави Авдиу.

Универзитетот „Свети Климент Охридски“ Битола преку соопштение го демантираше премиерот Џафери кој рече дека синдикатите не се навреме формирани.

Додека се води оваа расправа за доцнењето на барањата за колективни договори и формирањето на синдикати, во Собранието веќе е предложена измена на законот за високо образование.

„Оваа точка како прво не е колективен договор, ова е повеќе од колективен договор. Ова е предлог закон кој треба да се претвори во закон.“, рече Адеми.

Но дали ќе го поддржи албанската опозиција овој предлог закон? Пратеничката Сафије Садику Шахини вели дека сè уште не донеле одлука бидејќи се уште не го виделе законот, но додава дека во принцип се залагаат академците да не бидат дискриминирани од аспект на плати.

„Индикативно е дека оваа дискриминација на ТУ, УМТ и другите универзитети се случува во време кога имаме министер за образование Албанец и технички премиер Албанец. Дополнително, индикативно е тоа што во ова законско решение не се опфатени научно-истражувачките институти, кои исто така се дискриминирани во однос на платите. Зошто ова делумно решение? Зарем ова не се прави за да му се обезбеди поголема плата на Арбр Адеми откако ќе му заврши мандатот како пратеник?!“, прашува Сафије Садику Шахини.

Инаку со овој предлог закон кој се очекува да помине на пленарна седница во текот на оваа недела, договорот кој го склучил УКИМ со Собранието во декември 2022 година ќе важи за сите јавни универзитети, при што ќе има зголемување на платите за 22%.

Related posts

Загадениот воздух ја полни Клиниката за пулмологија – Скопје и денеска меѓу најзагадените градови во светот

Вкупно 33 години затвор добија велешаните кои сексуално злоупотребувале малолетничка

Видео снимките од првичните признанија на обвинетите за убиствата на Вања и Панче ќе се гледаат во судница