Завршени и незавршени работи пред формирањето на техничката влада


Завршени и незавршени работи пред стапувањето на должност на техничката влада. Што успеаа досегашните министри да завршат, а со кои проблеми ќе се соочат „техничките“? Њузлетер 26.01.2024

Заврши мандатот на премиерот Ковачевски. Што остави зад себе?
Димитар Ковачевски си замина од премиерската функција по две години, период кога Европската унија изразуваше сериозна загриженост за судство и корупцијата и кога Соединетите Американски Држави, како најголем стратешки партнер, ја прошириjа и надградија „црната листа“ со бизнисмени, поранешни и сегашни политичари од земјата, а надлежните институции не превземаа ништо.
Го прифати „Францускиот предлог“ за почеток на преговорите за членство со ЕУ и вети дека ќе ги внесе Бугарите во Уставот, но, не успеа да ги убеди пратениците од ВМРО – ДПМНЕ. Евро-скептицизмот во државата е најголем досега.

ВИДЕТЕ И ОВА:

Мандатот на Ковачевски – економски пожари, закочена евро-интеграција и зголемена корупција

Граѓаните бараа повисоки плати и пензии, оти кризата сериозно им го испразни џебот. За граѓаните имаше зголемување на платите и пензиите за неколку проценти, додека функционерските плати се зголемија за речиси 80 отсто.
За време на владеењето на Ковачевски не беше пуштен ниту еден голем стратешки проект, како автопат, хидроцентрала, пруга, а тука се и евергрин проблемите во здравството, образованието, судството…
Во поголем дел од државата луѓето се борат за свеж воздух, други, пак, се туркаат да добијат нови лични документи, во недостиг на термини и обрасци. Ученици немаа учебници, а кога ја завршија годината немаа свидетелства. Лекови се бараа на протести.

Ковачевски не беше избран на избори, туку го наследи премиерското место од Зоран Заев, кој се повлече од функцијата по поразот на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година.

Завршена работа е делењето државни пари на невладини организации на луѓе блиски до ДУИ
Државен советник во министерство за култура и поранешен пратеник на ДУИ, лица кои добиле вработувања во Министерството за политички систем, поранешен член на ДИК, советничка вработена во општина Струга кај Рамиз Мерко, административци и именувани функционери од ДУИ, но и советничка за протокол во владата. Ова се дел од имињата на луѓето кои добија државни пари за невладини организации во кои се појавуваат како основачи или (екс)претседатели, открива истражувањето на Радио Слободна Европа.
Околу 325.000 евра од државната каса легнале на сметките на невладини организации, во кои голем дел од нивните основачи веќе земаат плата од државата, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“. Дел од 33-те добитници на државни пари за финансирање на здруженија и фондации од Министерството за политички систем за 2023 година се и нови организации формирани пред помалку од две години и се делумно непознати за граѓанскиот сектор.
Некои немаат интернет страница, а за други, пак, не се наоѓа ниту една информација околу нивната активност на интернет пребарувачот Гугл.
При проверката на основачите на невладините организации РСЕ наиде на имиња на луѓе од Скопје, Тетово и Струга, кои во одредени временски периоди се поврзуваат со владејачката ДУИ.

ВИДЕТЕ И ОВА:

Државни пари за невладини во рацете на дел од административците на ДУИ

Од Министерството за политички систем, предводено од Артан Груби, кое ги делеше парите, не добивме одговор на клучните прашања: дали е направен мониторинг на реализираните проекти за 2022 година, кои се членови на комисијата кои одлучуваа за повикот од 2023 година? Но, и зошто во јавниот оглас е наведено дека се исклучува членот 52 од Законот за спречување на корупција, со што се овозможува функционери и блиски до ДУИ, кои се основачи на НВО, да станат добитници на државна помош од министерството.

Незавршена работа со замената на личните документи
Веќе е јасно дека сите граѓани нема да можат да ги заменат личните документи со новото име на државата Северна Македонија, до 12-ти февруари.
Прв проблем е што иако уставните измени со новото име на државата беа изгласани во јануари 2019-та, а се до август 2021-ва, значи, повеќе од две години, државата издаваше лични документи со старото име. Зошто?
Потоа, лани есента, почна навалицата барања за нови лични документи. Сега, дојде дотаму што закажувањето за фотографирање оди многу тешко, термини се добиваат за неколку месеци, а исто така и оние што сега успеваат да се фотографираат, на издавањето на новите документи, особено пасошите, чекаат многу подолго од законски утврдениот рок.
Дури и итната постапка за пасоши, за која е тројно поскапо, веќе не е итна. И за ова се чека повеќе од предвидениот рок за издавање,сведочат граѓани.

ВИДЕТЕ И ОВА:

Се чека повеќе од законските 15 дена за новите пасоши

Се појави и нов проблем – недостиг од обрасци за лични документи, на што предупреди народниот правобранител Насер Зибери во интервју за РСЕ. МВР, вели дека обрасци ќе пристигнат навреме.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека личните карти и возачките дозволи кои се со валиден рок, ќе важат и по 12-ти февруари, но само за внатрешна употреба.
Па така, граѓаните кои немаат пасоши со новото име, ќе останат „заробени“ во државава, бидејќи институциите ниту го решаваат проблемот, ниту пак издејствуваа продолжување на рокот за нивно важење.

Нерешени проблеми во образованието
Почна второто полугодие со истите проблеми како и во првото. Кој немаше учебници по одредени предмети, нема и понатаму. Во училиштата низ земјата каде што недостигаат училници, некаде и клупи, нема и сега. Од дигитализацијата, најавена од министерот за образование Јетон Шаќири, абер нема.
Во основното училиште во Чашка, наставата не ни почна поради истиот проблем од крајот на минатата година – паралелката на албански јазик. Жители на Чашка и неделава го блокираат влезот во училиштето и имаа турканици со полицијата, која се обидуваше да им овозможи влез на наставниците.

  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

Проблемот почна од август 2023, кога Министерството за образование и наука му ги одзеде ингеренциите врз училиштето на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски и наложи да се отвори паралелка на албански јазик за неколку првачиња.
Според родителите Македонци – министерот за образование насилно и противзаконски сака да отвори албанска паралелка во училиште според чиј Статут наставата се одвива на македонски јазик, иако има и други училишта во околината во кои наставата е на албански јазик. Според родителите Албанци, тие имаат уставно право да учат на мајчин јазик.

„На политиката и затвораме врата“
Добро е кога можеш да споделиш нешто, а многу луѓе околу тебе тоа го споделуваат, вели Виктор Петров – Викса популарен радио водител, во Поткастот Зошто на Радио Слободна Европа. Со Викса разговараме за Радиото како медиум денеска, вчера и во иднина. Радиото, вчера и денеска, не е исто. За Викса Радиото е друштво на луѓе што знаат да бидат во друштво.

Извор:Радио Слободна Европа

Related posts

Загадениот воздух ја полни Клиниката за пулмологија – Скопје и денеска меѓу најзагадените градови во светот

Вкупно 33 години затвор добија велешаните кои сексуално злоупотребувале малолетничка

Видео снимките од првичните признанија на обвинетите за убиствата на Вања и Панче ќе се гледаат во судница