Серверите на МЕПСО паднати, од компанијата потврдија дека се цел на хакерски напад

Втор ден сајтот и серверите на државната компанија МЕПСО се во аут, откако во понеделникот биле цел на хакерски напад кој успеал да ја пробие заштитата на ИТ секторот во компанијата. Телма побара одговори од државната компанија, но наместо тоа, МЕПСО преку соопштение потврди дека се цел на хакерски напад и нагласија дека не е загрозена мрежата и снабдувањето со струја.

„Иако АД МЕПСО ги има преземено сите мерки за заштита од сајбер напади од највисок степен, сепак, деновиве се соочивме со инциденти од тој вид. Имајќи предвид дека основната дејност на АД МЕПСО е пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, ја информираме јавноста дека критичната електроенергетска инфраструктура е безбедна, целосно функционална и не е предмет на овој сајбер напад. Тоа значи дека целосниот интегритет на електроенергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени“, соопштија од МЕПСО.

Од МЕПСО нема одговори на прашањата на Телма, кога точно и како се случил нападот, дали е лоцирана одговорност и што во моментов се презема за да се врати контролата врз сервери. Оттаму велат дека е пријавено до сите надлежни институции и дека стручните служби во компанијата помогнати со надворешни експерти се обидуваат да ги ублажат ефектите и да ја нормализираат работата.

Падот на системот на МЕПСО најмногу ги погоди приватните компании од енергетскиот сектор кои веќе два дена немаат пристап до информациите на МЕПСО околу снабдувањето и потрошувачката на струја, а нејасно е и дали и како се менаџира енергијата за балансирање. Приватните компании не можат да ги преземат податоците од фирмите кои се закачени на мрежата на МЕПСО, податоците за мерењата, немаат контрола на реалната потрошувачка и немаат цени за дебаланс.

Шеф на ИТ секторот во МЕПСО е Томи Божиновски, за кого Телма објави дека бил разрешен, добил отпремнина, заминал да работи во „Марнет“ и потоа повторно бил вратен во компанијата.

Related posts

Постигнат историски договор за платите на здравствените работници

Амандманска расправа за предлог – буџетот за 2025 во Собарнието

Министерот Николоски најави потенцијален влез на трет мобилен оператор во земјава