Тутунопроизводителите бараат корекција на цените на тутунот оти производството ќе биде под колапс

Сегашните цени кои ги нудат откупувачите се комплетно неприфатливи за нас и го водат тутунопроизводството во колапс. Ова е ставот на Националната земјоделска мрежа која одржа трибина со тутунопроизводители во Прилеп. Според нив тутунарите мора да ги потпишат новите договори до 31 март, затоа што после тоа нема да може да садат тутун. Според законот садење тутун без договор било кривично дело, затоа сега бил единствениот момент да се зголемат цените.

„Ние ќе бараме начин преку формирање на парламентарна група во новиот состав на Парламентот да поднесеме измена на законското решение за тутун. Паралелно со тоа ќе поднесеме и претстравка до Уставен суд да се произнесе Уставен за уставноста на сегашниот закон кој според нас е дискриминирачки, не става во подредена положба. Ние немаме никакви права да се договараме со откупните фирми. Сме доведени во ситуација земи или остави“, кажа Ѓорши Каракашев, Национална земјоделска мрежа.

Годинава имало интерес за да се зголеми количеството за разлика од лани и токму затоа требало да се поддржат овие земјоделци, a со тоа ќе се стопирала и миграцијата.

„Посебно во руралните места каде што немаат други извори за приход и се ставени во една ситуација каде мора да произведат за да ја поминат годината. За да има континуитет оваа гранка, но и мора ние како држава и како земјоделски здруженија посебен напор да вложиме за да во тие места  останат луѓе, бидејќи сме сведоци на масовно иселување“, кажа Диме Димитриески, Национална земјоделска мрежа, Прилеп.

„Ние сме понижени, дискриминирани од страна на монополите. Што сакаат тоа си прават со нас. Така се научени цел профит да биде за нив, а на нас ништо да не ни остане.  Ние не сме социјалци, ние сакаме лебчето со мака да си го заработиме. Нашите деца работат во странство, а дома имаат се и куќи и ниви и трактори, но се е затворено, останавме само ние по 60 години што имаме“, додаде Живко Гонев, с. Ињево, Национална земјоделска мрежа, Радовиш.

Инаку откупувачите годинава нудат цени од 365 па се до 375 денари за прва класа, за втора класа им биле понудени цени од 264 до 300 денари, а за трета од 198 до 245 денари.

Related posts

Постигнат историски договор за платите на здравствените работници

Амандманска расправа за предлог – буџетот за 2025 во Собарнието

Министерот Николоски најави потенцијален влез на трет мобилен оператор во земјава