Невакцинирани деца нема во градинка од денеска, конечно инспекторите на терен

Здравствените инспектори од денеска се во контрола на детските градинки. Невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца со ДиТеПер нема да се примаат во предучилишните установи. Министерот за здравство е дециден дека мора да се стави крај на ширењето на заразата. Но, дали мерките се задоцнети?

Комисијата за заштита од заразни болести препорача забрана на прием на невакцинирани деца уште пред еден месец, но Министерството за труд и социјала и здравствените власти со недели си ја префрлаа одговорноста за тоа кој треба да ги спроведе препораките.

Министерот за здравство минатата среда пресече и со одлука го задолжи здравствениот инспекторат да издава решенија на градинките да не се примаат невакцинираните деца, но дури денеска препораките почнаа да се спроведуваат на терен.

„Офцијализација со документ е од денеска, но ние не функционираме само на писмени дадени наредби. Кон тоа многу одамна е пристапено и сум имал и јавни изјави дека треба да се вратат тие деца што се невакцинирани, мислам дека доволно е сензибилизирано и нема оправдување, затоа апелирам да се зголеми свесноста за значењето што значи вакцинација.“ – вели Илир Демири министер за здравство.

Дел од граѓаните што ги анкетиравме се согласуваат со мерката на здравствените власти и сметаат дека децата кои посетуваат градинки треба да бидат имунизирани.

„Не е во ред невакцинирани да се примаат, треба сите да бидат вакцинирани и таа мерка за тоа е добра. Моето ги има примено сите вакцини, редовно го вакцинирам.“

„Да, да ние обавезно се придружуваме, јас имам внук, но задолжително го вакцинираме.“

„Моето е вакцинирано, прво се вакцинираше па потоа го примија во градинка, подобро да се вакцинираат децата.“

Од почетокот на епидемијата, здравстените работници открија над 13.000 деца со пропуштени вакцини само во Скопје. Од нив 42% се веќе имунизирани, но лекарите велат дека додека не се постигне опфат од 95% вакцинирани деца, не може да се говори за колективен имунитет.

Во меѓувреме вакциналните пунктови продолжуваат да работат во две смени од понеделник до петок и прва смена во сабота, со цел да се забрза процесот на вакцинација.

Related posts

Загадениот воздух ја полни Клиниката за пулмологија – Скопје и денеска меѓу најзагадените градови во светот

Вкупно 33 години затвор добија велешаните кои сексуално злоупотребувале малолетничка

Видео снимките од првичните признанија на обвинетите за убиствата на Вања и Панче ќе се гледаат во судница