Цените на нафтата паднаа под 82 долари на меѓународните пазари во понеделникот, одразувајќи ја загриженоста на инвеститорите за кинеската побарувачка и шпекулациите дека американската економија забавува.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 58 центи пониска во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата седмица и изнесуваше 81,50 долари. На американскиот пазар барелот поевтини за 93 центи и се лизна на 77,08 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно извести дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во петокот поскапе за 37 центи на 83,08 долари.
Трговците се фокусираа на знаците за олеснување на побарувачката во Кина на почетокот од седмицата. Кинескиот увоз на нафта се зголеми во јануари и февруари во споредба со истиот период во 2023 година, но послаб од претходните месеци, покажаа податоците објавени кон крајот на минатата седмица, продолжувајќи го трендот на забавување на набавките кај најголемиот светски купувач.
Трговците се загрижени и од мешаните показатели од американската економија. Вработувањата забрзале во февруари, но стапката на невработеност малку порасна, а растот на платите значително забавил, што, исто така, може да влијае на времето на намалување на каматните стапки.
Бројките водат до заклучок дека побарувачката за работна сила е намалена, што поддржува толкувања за забавување на економската активност и ги зголемува шансите за намалување на каматните стапки во јуни, потсетува Џовани Стауново од UBS.
Минатиот четврток, претседателот на Fed, Џером Пауел, рече дека наскоро би можеле да заклучат „со доволна доверба“ дека инфлацијата слабее со темпо што го оправдува намалувањето на каматните стапки. Министерството за трговија во вторник ќе го објави февруарскиот извештај за инфлацијата.
Загриженоста за кинеската побарувачка и податоците од САД ја засенија кризата во Црвеното Море. Јеменското движење Ансар Алах напаѓа бродови поврзани со Израел, барајќи прекин на израелските воени операции во палестинскиот Појас Газа и испорака на хуманитарна помош за Палестинците. САД и Велика Британија одговорија со напади врз цели на движењето во Јемен, а група европски земји им се придружија.
Во текот на викендот, американските, француските и британските сили соборија десетици беспилотни летала во регионот на Црвеното Море, откако движењето го нападна бродот за транспорт на стоки за малопродажба „Propel Fortune“ и американските разурнувачи во регионот, соопшти американската војска.
„Се чини дека конфликтот на Блискиот Исток не е високо на листата на фактори кои, според инвеститорите, го движат пазарот, бидејќи снабдувањето преку Црвеното Море не е целосно прекинато и веројатно нема да биде прекинато во иднина. (…) Фокусот е на забавувањето на кинеската економија и на намалувањето на каматните стапки“, заклучи Тамаш Варга од PVM.