ВИСОКИ КАЗНИ ЗА УНИШТУВАЊЕ НА ПРИРОДАТА
Од 15 март кривичните дела против животната средина и природата како долготрајно и широкораспространето загадување, ќе се третираат како Екоцид, а казните се ригорозни и се движат од најмалку 10 години затвор до доживотен затвор.
Практично од 15 март 2024 година стапуваат во сила одредбите од Глава XXII (членови 218 – 234-а) од Кривичниот законик кои се однесуваат на Кривичните дела против животната средина и природата.
Екоцидот се вбројува во листата на најтешки кривични дела бидејќи претставува масовно уништување на животната средина (извршени со умисла). Во пракса би значело пожари на шуми, излевање на нафта/ хемиски отпад, дренирање на блатни екосистеми, прекумерен и неконтролиран лов и риболов, радиоактивна контаминација поради нуклеарни тестирања и користење нуклеарни оружја, односно дејствија или пропуштање на дејствија кои би довеле до масовно уништување на екосистеми. Со еден збор уништување на природата до степен од кој за жал не би постоела можност за повторно обновување на растителниот и животинскиот свет.
Тој што на овој начин ќе предизвика „сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни“ ќе се казни со затвор од три до десет години.
Досегашниот член 218 дополнително се доуредува, па се предвидуваат казни од три месеци до пет години за „производство, трговија или употреба на супстанци кои ја осиромашуваат озонската обвивка“ (218-а).
Со новиот текст на Кривичниот законик и бучавата станува кривично дело, па така со новиот член 231-б – „тој што спротивно на прописите ќе произведе бучава, вибрации или нејонизирачко зрачење и со тоа ќе создаде чувство на вознемиреност или ќе го загрози здравјето на луѓето ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.
Освен екоцид, има и други измени и допрецизирања низ целата глава 22 – Кривични дела против животната средина и природата, и тоа од уништување насади со употреба на штетна материја, узурпација и бесправно градење на простор што е природна реткост или под привремена заштита, па се до промена на воден режим, пустошење шума, незаконит лов и риболов, како и загрозување на животната средина и природата со отпад.
Факт е дека досега не постои казнивост на одредени дејствија против животната средина и здравјето на луѓето што покрај прекршочни можат да носат и кривични елементи и дека е потребно обезбедување на судска заштита и судска разрешница кога ќе биде утврдена вината.
Во изминатиот период интензивно се работеше на усогласување на законодавството со ЕУ регулативата, како и на подобрување на регулативата, на предлог на МЖСПП се зголемија глобите за прекршоците во животната средина и секако ова мора да се рефлектира и во подобрување и на Кривичниот закон.
Со последните измени во Законот за животна средина, има неколку категории на прекршочни санкции кои се движат од 20-50 илјади евра до 180 – 220 илјади евра во зависност од големината на правниот субјект.
– Во зависност од прекршокот, некои мали прекршоци се со платен налог и тие ги иницираат инспекторите. Понатаму, или комисиите при МЖСПП (Комисија за прекршоци и Комисија за спогодување) или судовите, одлучуваат колку ќе биде платен прекршокот или кривичната постапка. Дел од кривичните дела против животната средина имаат и парични казни и затворски казни. Сега ќе има кривични дела и против правни субјекти.
Инспекторите за животна средина на лице место утврдуваат дали правните субјекти – индустријата постапуваат согласно документите и издадените интегрирани дозволи. Доколку не се утврдат никакви надминувања, дејствијата по тој предмет прекинуваат.
Доколку се утврдат надминувања, инспекторот со решение во рок од осум дена откако утврдил законска повреда дава наредба преку решение како акт во инспекциската постапка за определен рок да ги намали емисиите и да ги доведе до одредени границии и паралелно според утврдениот прекршок поведува прекршочна постапка.
Многу битен елемент во целата постапка се лабораториите со акредитирани методи за животна средина за земање определни мостри на отпадни води, емисии во воздух… односно постоење на докази.
– Измените ќе ја зголемат превентивата, што е и основна идеја, за целата индустрија. Средната и големата индустрија да се придржуваат во рамки на условите од дозволите – велат од Државниот инспекторат за животна средина.