До почетокот на април се очекува да заврши обновата на автопатската делница Катланово – Петровец, во должина од околу 11 километри, инвестиција од 10,5 милиони евра. Оваа е една од делниците која урива рекорди според рокот на градење. Ако автопатот Демир Капија-Смоквица долг 28 километри кој е дел од коридорот 10 се градеше шест години, а рехабилитацијата само на десната коловозна лента на делницата Катланово – Петровец која беше пуштена за сообраќај, лани во ноември по повеќе од три години и веднаш започнаа градежни активности на левата коловозна лента. Има и проширување на уште една лента на коловозниот правец од Велес кон Скопје.

Обновата на автопатската делница почна во септември 2020 година, но работите се пролонгираа поради тоа што беше раскинат договорот со првичниот изведувач ГП „Бетон“ затоа што за една година заврши само 11 проценти од предвидените работи и потоа работите ги презеде „Стентон градба“.

– Реконструкцијата на овој дел од Коридорот се пролонгираше, но пак ќе повториме – од ниту еден проблем, од ниту еден предизвик не се повлековме, го решававме и денеска сме пред пуштање во употреба на овој дел од автопатот каде се вградуваат и последните количини на асфалт – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и истакна дека скорешното завршување ќе овозможи во текот на летната сезона возачите да користат обновен и проширен автопат.

Техничкиот премиер Талат Џафери очекува одговорност на изведувачите на работите и на надзорот и левата коловозна лента да се сработи според договореното.

Директорот на ЈПДП Рустеми истакна дека десниот коловоз е проширен со уште една лента во внатрешниот зелен појас на автопатот, со што е избегната дополнителна експропријација.

– Јавноста добро знае дека имаше проблеми со слаба реализација со претходниот изведувач и дека од тие причини моравме да го раскинеме договорот и да објавиме нов тендер за избор на изведувач, процес што ја успори реконструкцијата на делницата. На наше задоволство, новите изведувачи работат со забрзано темпо и веќе десниот коловоз е завршен. Во моментов, на него е пренасочен сообраќајот, а се работи забрзано и при крај се работите и на левиот коловоз – рече Рустеми.

На Коридор 10, завршуват и активностите за рехабилитација на делницата од Демир Капија до Неготино што беше доста оштетен. На овој коридор, првпат во државава ќе биде вграден интелигентен транспортен систем во прва фаза на проектот од ГП Богородица до Велес, а понатаму и од Велес до Табановце. Во втората фаза со интелигентни транспортни системи ќе биде опфатен и Коридорот 8.

(С.Бл.)

Извор:Вечер Пресс