Дел од кандидатите за претседател на државата ги актуелизираат случувањата од крвавиот четврток..
Дел од кандидатите за Претседател на државата со свое гледање на прашањето за амнестијата за осудените учесници во собраниските инциденти од 27 април 2017. Гордана Силјановска Давкова, кандидатката на ВМРО ДПМНЕ во ТВ интервју синоќа рече дека ако стане претседател а правосилно осудените се уште се во затвор, ќе ги помилува. Сличен став има и претседателот на движењето ЗНАМ Максим Димитриевски според кој осудените лица се само учесници а не биле казнети како што рече оние што навистина биле одговорни.
„Ако не завршат постапките во Стразбур, а се очекува, и ако се уште се во затвор, да, би ги помилувала. А јас очекував тоа да го стори овој Претседател зошто тоа ќе беше влог во помирување. Не заборавајте ги експертските мислења и дека ние имавме најчудна амнестија после онаа што се случи по 2001 година.“
„Потребно е национално помирување. И дали е потребно да се амнестираат луѓето, па ние имавме селективна амнестија за тој случај. Тие кои гласаа во Парламентот, а гледате дека беа главната причина да влезе толпата внатре во Собранието беа амнестирани. Треба да бидат амнестирани и други.“
Актуелнот претседател и кандидат на СДСМ за втор мандат Стево Пендаровски денеска во обраќање по повод уставно – судската заштита на јавното изразување, не зборуваше конкретно за осудените лица од 27 април, но ги поздрави одлуките на Уставен суд со кои утврди дека тој ден било повредено правото за известување на новинарите. И за шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава Килијан Вал со овие одлуки Уставен придонел за слободно медиумско известување.
„Во обид да се спречи мирна транзиција на власта, насилна толпа организирана од структури на тогашната власт нападна новинари во обид да ги спречат да ја известат јавноста за случувањата. Вашите одлуки со кои утврдивте повреда на правото на слободно изразување на мислата се праведна сатисфакција, не само за нападнатите новинари, туку и за целокупната демократска јавност во нашата држава.“
„Судот го постави овој стандард со тоа што ја зеде предвид праксата на Европскиот суд за човекови права при заштитата на слободата на изразување и заштитата на новинарите. Преку својата јуриспруденција, Судот не само што ги одбрани индивидуалните права на новинарите, туку и активно придонесе за слободно и демократско медиумско известување. Со оваа епохална одлука, Уставниот суд директно придонесе за развојот на посилно демократско општество.“
За случувањата во собранието од 27 април 2017 судовите во земјава донесоа неколку осудителни пресуди, а собранието амнестија за дел од кривичните дела. Дел од осудените лица кои се товареа за терористичко загрозување на уставниот поредок водат постапки и пред судот во Стразбур.