Простување: верата наспроти науката

Секому кому сум му згрешил, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, ќе му кажам јасно: „Простете ми!“, а секому што мене ми згрешил, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, без барање прочка му порачувам: „Простено ви е и од мене и од Господа“. На сегашните неуки македонски политичари и на сегашниот манипулативен претседател на Македонија, поради разнебитувањето на Македонија и поради предавањето и продавањето на сѐ што е македонско, јас ви простувам и се молам за вас – „Оче, прости им, оти не знаат што прават!“ (Лука 23:34), но нема да заборавам… А вие?

Утре – 17 март 2024 година, седум недели пред Велигден, е Прочка – ден кога треба да побараме простување од оние на кои свесно или несвесно сме им згрешиле и да им простиме на оние што свесно или несвесно нам ни згрешиле. Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани многубројни обичаи и верувања: простувањето е христијанска доблест, додека, пак, огновите, гатањата, карневалите, се остатоци од претхристијанските пролетни чествувања. Празникот Прочка или Велики поклади, меѓу народот познат и како Проштени поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои, веднаш по Божиќ и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници: Бадник, Божиќ, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници: Тодорова сабота, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Велигден. Со Прочка почнуваат и долгите велигденски пости, период исполнет со надеж за пречек на Христовото воскресение.
Простувањето е свесна одлука што вклучува откажување од нашата огорченост, индигнација или гнев, како резултат на нешто што, свесно или несвесно, ни било направено. Простувањето се разликува од одобрување (прифаќање на одредено однесување, кое се смета за погрешно, да продолжи), оправдување (сторителот не е одговорен за дејството), заборавање или помирување (обновување на врската, со или без прошка). Самопростувањето е покажување добра волја кон себе, чистејќи го умот од самоомразата и самопрезирот, што произлегуваат од повредување друг и препознавајќи ги внатрешната сопствена вредност и нејзината независност од погрешно постапување. Самопростувањето вклучува враќање на самопочитта и подразбира надминување на негативните чувства предизвикани од погрешното постапување, како и постигнување на внатрешно прифаќање на себеси. На прашањето: „Како да си простиме самите себеси?“, Мирослав Пендароски ќе одговори: „Ах, најтешкото прашање. Ако успееме во тоа, значи дека припаѓаме една од двете крајности – или сме толку себевљубени и во своите мисли обвиени со ореолот на безгрешноста, па мислиме дека сè ни е простено. Или, пак, од другата страна, сме станале свесни и сме увиделе дека она што некому сме му го сториле не било грев и намера, туку некаква колатерална штета од многу фактори. Многу често луѓето мислат дека си простиле, а впрочем длабоко во себеси не се ни свесни колку сè уште се чувствуваат грешни, иако поради некоја сурогат-гордост не сакаат и не можат да се видат себеси во таа улога“.

Простувањето, всушност, претставува себенадминување, па, оттука, зазема важно место во христијанската религија и во науката. Библијата изобилува со длабоки размисли и пораки за потребата и значењето на простувањето, па затоа, во денешниов есеј, ќе понудам неколку примери. Тргнувајќи од тоа дека: „Сите згрешија и се лишени од славата Божја“ (Римјаните 3:23) и „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!“ (Јован 8:7), простувањето на другите е предуслов за сопственото простување: „Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6:14-15). Простувањето е алтруистички чин, па затоа им должиме прошка и на оние што не го заслужуваат тоа: „И фрлаа камења врз Стефана, кој се молеше и велеше: ‘Господи Исусе, прими го духот мој!’ А штом падна на колена, извика со висок глас: ‘Господи, не примај им го ова за грев!’ И како го рече тоа, тој почина“ (Дела 7:59-60). Бог нè подучува да им простуваме на другите: „А еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефесјаните 4:32) и да се сакаме: „А пред сè, имајте постојана љубов меѓу себе; оти љубовта покрива многу гревови“ (1 Петар 4:8).
Голем дел од филозофската дискусија за простувањето се фокусира на прашањата поврзани со природата на простувањето, правото да се прости и нормите што го регулираат простувањето. Во денешниов текст, сосема накусо ќе проговорам за ставовите на Платон и на Аристотел, додека, пак, за понатамошна продлабочена анализа на простувањето, ги упатувам читателите на трудот со наслов „Простување“ (P. M. Hughes, W. Brandon, Stanford Encyclopedia of Philosophy, 2017). Во дискусијата за природата на заедницата и индивидуата, Платон јасно укажува дека гневот се смета за неумереност, што е порок, а бидејќи гневните емоции секогаш се закана за самоконтролата, тие мора да бидат рационално контролирани во името на хармоничното уредување на различните делови на душата, што ја претставува суштината на моралната личност. Аристотел, дискутирајќи ги доблестите и пороците во „Никомаховата етика“, објаснува дека „добриот темперамент“ е средина помеѓу две крајности: раздразлив, гневен човек и човек што „не е одмаздлив, туку има тенденција да простува“. Општата перспектива на Аристотел е дека личноста со доблест е „лута на вистинските работи и на вистинските луѓе, и понатаму, како што треба, кога треба и додека треба“. Општо земено, гледиштата на Платон и Аристотел сугерираат дека гневот контролиран од разумот или изразен преку разумот, може да се смета за доблест, додека гневот што не е управуван од рационално поведение претставува порок.

Научните истражувања на простувањето се дел од дисциплината психологија на религијата, која во минатите триесетина години доживеа брз развој. Зголемената соработка помеѓу психолозите специјализирани за религијата и истражувачите во еволутивната биологија, невробиологијата на религиозното искуство, еволутивната психологија, филозофијата, антропологијата и когнитивните науки, доведе до продлабочени, нови сознанија за психологијата на религијата, за што повеќе може да се види во трудот со наслов „Психологијата на религијата“ (R. A. Emmons, R. F. Paloutzian, Annual review of psychology, 2003). „Слоганот ‘Нема иднина без простување’ изразува висина без разлика дали мислиме на интимна врска помеѓу меѓу двајца или односи помеѓу лица во една заедница или помеѓу етнички групи и нации“ – зборовите што Дезмонд Туту често ги повторуваше во неговите текстови или говори. Простуваме, но не забораваме: простувањето е заздравување на емоционалните и духовните рани од повредата, што, свесно или несвесно, ни била направена, но и помнење (без огорченост, индигнација или гнев) за да не се повторат настаните и/или односите, што резултирале со повреда.
„Не можеме да го промениме минатото. Но, можеме да го промениме нашиот став кон него. Искорнете ја вината и засадете простување… Разменете ја љубовта за омраза, правејќи ја сегашноста удобна, а иднината ветувачка“ (Маја Анџелоу), па затоа секому кому сум му згрешил, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, ќе му кажам јасно: „Простете ми!“, а секому што мене ми згрешил, свесно или несвесно, намерно или ненамерно, без барање прочка му порачувам: „Простено ви е и од мене и од Господа“. На сегашните неуки македонски политичари и на сегашниот манипулативен претседател на Македонија, поради разнебитувањето на Македонија и поради предавањето и продавањето на сѐ што е македонско, јас ви простувам и се молам за вас – „Оче, прости им, оти не знаат што прават!“ (Лука 23:34), но нема да заборавам… А вие?

Related posts

Загадениот воздух ја полни Клиниката за пулмологија – Скопје и денеска меѓу најзагадените градови во светот

Вкупно 33 години затвор добија велешаните кои сексуално злоупотребувале малолетничка

Видео снимките од првичните признанија на обвинетите за убиствата на Вања и Панче ќе се гледаат во судница