Ковачевски го најавуваше, Ахмети го реализираше европскиот фронт, но само со албански партии

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска го најави формирањето на Европскиот фронт на ДУИ, во кој засега потпис стави само Скендер Реџепи од Народното движење.

Според Ахмети, во тек се разговори и за приклучување и на ДПА на Мендух Тачи, на  Европска демократска партија (ЕДП) на Аријанит Хоџа, на крилото на Зијадин Села во Алијанса за Албанците и на партиите на Бошњаците, на Турците и на Ромите во Македонија, со што ДУИ за првпат излезе од албанскиот изборен формат. На прашањето дали има место и за партијата на Изет Меџити ако се премисли, Ахмети кратко му порача „да биде маж до крај“.

Ги повтори истите заложби и тези како и пред претходните избори, со главна поента  дека Албанците секогаш губат – кога не се обединети и нагласи дека од големо значење е да се усвојат уставните измени по изборите бидејќи „мисијата на ДУИ е ЕУ“.

– Ние секогаш сме сонувале како Албанците ќе бидат обединети во еден фронт. Големите нешта не се прават сами. Ова обединување на Албанците во Македонија е бидејќи нештата во глобалната политика чекорат лошо. Ова обединување, треба да се поддржи од сите заедници во државата. Овој фронт ќе излезе во пресрет во секој дел од општеството. Сите треба да ги поддржиме овие обиди кои произлегуваат затоа што Албанците историски изгубиле во одлучни моменти кога не биле обединети. албанското тло е распарчено, затоа да се засилиме. Од денеска сме еден народ и треба да ги реализираме соништата на нашите претци. Да не паѓаме во заседа на малите партии, туку да ја гледаме нашата историска мисија и да ја држиме во живот. – рече Ахмети.

За Реџепи ова обединување е повеќе од потребно. Нагласи дека денеска се отвора поглавје кое ќе се памети долго, бидејќи како што рече заедно ќе ги реализираат соништата на нивните претци.

– Денеска се отвора поглавје кое се нарекува „Европски фронт“ и кој ќе се памети долго, бидејќи овој фронт ќе биде носител на промени и  на подобрување на животниот стандард. Овој фронт ќе биде добар бидејќи нашето општество без етнички проблеми ќе биде подобро општество. Овој фронт е почеток, иницијатива која ќе докажува дека ние нашите целиги постигнуваме со работа и со долгорочни дела. Овој фронт е составен од два политички субјекти – ДУИ, која веќе 22 години е дел од владата и Народното движење кое ќе биде најголемото нешто во политиката во иднина, зошто промените ги прават тие кои се на вистинското место во вистинско време – вели Реџепи.

Лидерот на ДУИ Ахмети уште еднаш обвини дека во земјава има партии кои се основани од Александар Дугин, главата на руските политики. Кога Русија го загрозува светскиот мир со закана за употреба на нуклеарно оружје и прави војна и бомбардира е суверена држава Западниот балкан не треба да седи мирен.

Related posts

Поддршка и лобирање за македонските интереси: Владина делегација на средба со нашинци од дијаспората

Пропадна планот на бојкотирачите – Македонија избра претседател со излезеност од над 40 отсто

Манипулативни насоки до избирачките одбори да ги прашуваат гласачите за кои избори сакаат да гласаат