Долга колона блокирани камиони со хуманитарна помош на египетската страна на границата со Појасот Газа, каде што луѓето гладуваат, е морална срамота, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш од Рафа.
Време е Израел „цврсто да се посвети“ на непречен пристап до хуманитарна помош до Појасот Газа, рече Гутереш, апелирајќи на итен хуманитарен прекин на огнот и ослободување на израелските заложници кои се држат во Газа. ОН ќе продолжат да работат со Египет за да го „насочат“ протокот на помош во Газа, рече тој на граничниот премин Рафа, влезната точка за хуманитарна помош.
„Од тука, од овој премин, се гледа бездушноста што го крши срцето. Долга колона блокирани камиони со хуманитарна помош од едната страна, а од друга долгата сенка на гладот. Тоа е повеќе од трагично. Тоа е морален срам “, рече Гутереш.
Посетата на Гутереш доаѓа кога Израел се соочува со глобален притисок да дозволи повеќе хуманитарна помош да помине во Газа, уништена од петмесечната војна меѓу Израел и Хамас.
Израел, кој вети дека ќе го уништи Хамас и се плаши дека палестинската милитантна група ќе ја пренасочи помошта, ги држи затворени сите копнени премини во енклавата освен еден.
На крајот на декември тој го отвори само преминот Керем Шалом во близина на Рафа и ги негира обвинувањата на Египет и хуманитарните агенции на ОН дека ја одложува испораката на хуманитарна помош и тврди дека ОН не успеваат да дистрибуираат помош за Појасот Газа.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, во објава на социјалните мрежи го критикува Гутереш дека го обвинува Израел, „без на кој било начин да ги осуди терористите на Хамас или ИСИС кои ја ограбуваат хуманитарната помош“.
Гутереш подоцна во изјава за новинарите рече дека повторно ја повикува меѓународната заедница да се вклучи против израелските копнени операции во градот Рафа во Појасот Газа, каде што се засолниле повеќето од 2,3 милиони жители на Газа. Тој, исто така, ги доведе во прашање плановите на Израел за преселување цивили пред почетокот на операцијата.
„Многу е сомнително дали постои некоја успешна програма што ќе ја гарантира безбедноста на населението во Рафа кога таква безбедност не постои на целата територија на Газа“, рече тој.
Во Газа денеска се водат жестоки борби околу главната болница во енклавата. Израел уби повеќе од 170 вооружени мажи таму, соопшти земјата, во голема операција за која палестинското Министерство за здравство вели дека ги однела животите на пет пациенти.
Со бледнеење на надежите за примирје во Појасот Газа за време на светиот муслимански месец Рамазан и влошувањето на хуманитарната ситуација, Соединетите Држави и другите земји се обидуваат да користат воздушни патишта и бродови за доставување помош.
Но, хуманитарните работници велат дека само една петтина од потребната количина на залихи влегува во Газа и дека единствен начин да се задоволат потребите е да се забрза испраќањето на хуманитарни испораки по пат што е можно поскоро.
Пред да застане на границата, каде што се сретна со хуманитарните работници на ОН, Гутереш слета во Ал Ариш во Синај, Египет, каде што се доставува и складира голем дел од меѓународната помош за Газа.
Во разговор со Гутереш, регионалниот гувернер Мохамед Шуша рече дека во северен Синај околу 7.000 камиони чекаат да достават помош во Газа. Тој рече дека пречка се инспекциските процедури што ги бара Израел и поради кои протокот на помош е прекинат.
Оваа недела, ОН предупредија дека гладот е неизбежен во северниот дел на Газа и може да се прошири и во други области доколку наскоро не биде договорен прекин на огнот. „Време е Израел да преземе цврста обврска да дозволи целосен и непречен пристап за хуманитарни стоки низ Газа“, рече Гутереш.
Според локалните власти, повеќе од 32.000 луѓе, меѓу кои и многу жени и деца, се убиени во израелската воена кампања во Газа. Израел го нападна Појасот Газа како одговор на ненадејниот напад на Хамас во кој загинаа околу 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници.
Генералниот секретар на ОН е во посета на Египет и Јордан како дел од годишното „солидарно патување“ во муслиманските земји за време на Рамазан.