Пет полицајци помогнати од колега овозможиле бегство на лице кое е осудено за убиство. Ова го покажала истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Осудениот бил на лекување во приватна болница, па од болничката соба отишол во пушална. Полицајците заминале од просторијата, а осуденикот со автомобил избегал. За шест полицајци се бара притвор оти можат да избегаат, да кријат траги или влијаат врз сведоци.
Предистрагата се води за други 11 лица, дека го ослободувале осуденикот од болницата, а тој шетал и се враќал.
„Воедно, јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 – 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода по чл.373 в.в. со чл.22 од КЗ. Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад.“, се додава во соопштението.
За овие 11 лица, се бара забрана за напуштање на живеалиште, привремено јавување на суд и одземање на патна исправа.