Министерката го оцени за симптоматично тоа што, како што кажа, проектот за реконструкција на Универзалната сала станал небезбеден за Арсовска и покрај тоа што за негова реализација таа досега потпишала неколку документи. Потписот на Арсовска, додаде таа, стои на договорот за регулирање на постапката, решението за реконструкција во кое, меѓу другото, има позитивно мислење од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИС) за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска најави дека ќе поднесе тужба за клевета против скопската градоначалничка Данела Арсовска откако таа на вчерашната прес-конференција, меѓу другото, обвини дека министерката знаела за пожарот во Универзалната сала и не го пријавила.
Градоначалничката вчера обвини и дека неовластени лица своевремено упаднале во профилот на Град Скопје на електронскиот систем за јавни набавки и незаконски, на завршената јавна набавка и истечениот договор со фирмата „Универзал Балкан“ која била трајно затворена и архивирана во 2023 година, додавале документи од 2024 година за склучен договор меѓу оваа фирма и Министерството за култура кој, како што рече Арсовска, бил спроведен без јавна набавка за реконструкција,
Министерката за култура денеска ги отфрли ваквите обвинувања. За пожарот во Универзалната сала рече дека дознала од објави на социјалните мрежи, по што од Министерството веднаш се упатила кон објектот.
„Инсинуирањето на Арсовска дека сум знаела за пожарот, а не сум пријавила, низата небулози искажани на вчерашниот прес во следните денови ќе бидат предмет пред судските инстанци, па самата таа ќе има можност детално да ги објасни изнесените тврдења за мене поврзани со Универзалната сала. Клеветите дека јас сум знаела за пожарот и претпоставките околу тоа кој, како и кога бил пријавен пожарот се само предмет кој треба да го решиме преку суд па да видиме, кога веќе сака да биде истражител и обвинител, нека повели“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката го отфрли и обвинувањето на Арсовска оти некој од Министерството за култура упаднал во профилот на Град Скопје во електронскиот систем за јавни набавки и додавал документи на веќе завршена и затворена јавна набавка со фирмата „Универзал Балкан“.
„Сакам граѓаните да го знаат она што ги засега и во што не треба да се сомневаат или да имаат страв – ниту Бисера ниту кој било друг од Министерството за култура може да го направи, а тоа е упад во системот за јавни набавки. Упадот во системот за јавни набавки е карактеристика за едно друго време во кое Градот и државата ја водеа оние кои ја направија неа градоначалник, нејзините од ВМРО-ДПМНЕ. Во наше време, има уредно барање пратено до Бирото за јавни набавки и уредно добиен одговор за промена на инвеститор како што налага договорот склучен со Град Скопје. Нема упад, има само уште една лага од Арсовска“,
додаде министерката за култура на денешната прес-конференција.
Министерката го оцени за симптоматично тоа што, како што кажа, проектот за реконструкција на Универзалната сала станал небезбеден за Арсовска и покрај тоа што за негова реализација таа досега потпишала неколку документи. Потписот на Арсовска, додаде таа, стои на договорот за регулирање на постапката, решението за реконструкција во кое, меѓу другото, има позитивно мислење од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИС) за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита.
Решението за реконструкција на салата кое Култура го добила од Општина Центар на 22 март годинава, како што рече Костадиновска-Стојчевска, е по потпишан договор со Град Скопје за платени комуналии.
„Арсовска како градоначалник би требало да знае подобро од сите нас дека Градот на овој начин е вклучен во процесот на давање на одобрение за реконструкција и дека тоа, последниот чекор пред Општина Центар да издаде одобрение за реконструкција, е Градот. Арсовска би требало да знае и дека проектот кој таа го оспорува има добиено позитивно мислење од сите институции и ревиденти како и од ИЗИС, кој го оцени проектот како безбеден и притоа тие документи и мислења се прибавени од Град Скопје, а не од Министерството“,
додаде министерката за култура.
По склучување на договорот за промена на инвеститорот, Министерството за култура, како што дополни Костадиновска-Стојчевска, од позиција на нов инвеститор ги преземало сите права и обврски кои се однесуваат на реконструкцијата на салата, а по основ на договорот склучен со Град Скопје, се обратило до сите правни лица кои се јавуваат како чинители во реконструкцијата и по службена должност ги прибавило сите документи кои од страна на Арсовска не им биле доставени.
Министерката рече и дека вчера до Култура било доставено барање од Град Скопје за еднстрано раскинување на договорот. По однос на таквото барање, според Костадиновска-Стојчевска, не може да има никакво правно дејство бидејќи, како што рече, истото треба да биде донесено од советот на Град Скопје.
„Универзална сала не е лична своина на Данела Арсовска. За Универзалната сала одлучува Советот на Град Скопје. Ако таа сака да го однесе ова пред советниците, слободно, тоа е нејзино право. Ако тие одлучат – нема проблем, тоа е процес кој ние не можеме да го запреме или да влијаеме. Доколку Советот одлучи да го раскине договорот со Министерството за култура, Градот ќе мора да ги врати сите средства кои досега сме ги вложиле од државниот буџет за кои се сомневам дека во овој момент има капацитет за тоа“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката порача дека нема да дозволи Универзалната сала да стане предмет на политички препукувања и кажа дека нејзината реконструкција ќе продолжи по истрагата и оти ќе биде готова во предвидениот рок.