„Кој има – пак да има“ – расте револтот кај малите партии за распределбата на парите од Буџетот

Девет милиони евра за четирите најголеми партии, а само по 8.000 евра за сите останати – или како што вели една поговорка „Кој има, пак да има“. Расте револтот кај помалите политички партии поради несоодветната распределба на парите од Буџетот кои се наменети за финансирање на партии и нивно рекламирање за време на предизборните кампањи. Иако денеска повеќето партии го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори во очи на утрешниот почеток на кампањата за парламентарните избори, велат дека не е фер ова што се случува.

Седум помали партии не се обврзаа дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс. Главната причина за тоа е „неправедната распределба на буџетски средства за изборен маркетинг на политичките партии“  Меѓу партиите кои не го потпишаа кодексот беа ГРОМ, Демократи, Работничката партија…  Четири партии воопшто немаа свој претставник во Законодавниот дом.

Иако се заложија за фер и демократски процес на единаесеттите парламентарни избори, сепак велат дека не секогаш е фер изборниот процес – посебно во делот на предизборните кампањи за кои малите партии добиле по околу 8.000 евра за рекламирање, а најголемиот дел од колачот го земаат четирите најголеми партии – две од македонскиот и две од албанскиот блок.

Според претседателот на Државната изборната комисија, Александар Даштевски, преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите.

„Најголемиот дел од претставниците на политичките партии го потпишаа Кодексот и се надевам дека со потпишувањето ќе се грижат за спроведување на тие правила, бидејќи тоа не е нешто што е задолжително. Задолжително е да се организира настанот, меѓутоа почитувањето зависи од етиката која што ја применуваат. Што повеќе се почитуваат овие правила, тоа повеќе демократијата е на повисоко ниво во земјата, бидејќи нашата основна цел е влез во ЕУ, а таму важат овие принципи“, рече Даштевски по потпишувањето на Кодексот.

Related posts

Поддршка и лобирање за македонските интереси: Владина делегација на средба со нашинци од дијаспората

Пропадна планот на бојкотирачите – Македонија избра претседател со излезеност од над 40 отсто

Манипулативни насоки до избирачките одбори да ги прашуваат гласачите за кои избори сакаат да гласаат