Денеска е Велики понеделник


Зошто да пишувам за овие денови?

Прашањето си го поставив самиот себе си, а допуштам и вие да ми го поставите. Одговорот, пак, ми стана јасен, откако напишав по нешто за секој ден и видов дека е тоа многу потребно. Имено, заради големината на последните три дена од Седмицата на страданијата: Велики четврток, Велики петок и Велика сабота, речиси забораваме колку се важни и првите три дни. Ги запоставуваме и не знаеме што се случувало во тие денови.

А тие се исполнети со многу значајности и ни е особено потребна нивната содржина за наша подготовка. Дали е така, ќе видите по читањето на текстовиве. Јас сум согласен, а вие видете, вие си знаете… Недореченостите, пак, и недостатоците што ќе ги сретнете во текстовите, се доказ за човечката немоќ и ограниченост пред големите Божјите зборови, тајни и настани. Ве молам, нив молитвено прифатете ги. Ви благодарам.

+  +  +

Во овие три дена: Велики понеделник, Велики вторник и Велика среда се извршува чинот мироварение. Тоа е определеното време кога се подготвува и деноноќно се вари мирото, кое содржи над 40 разновидни миризливи состојки како дар од богосоздадената природа. Се вари без застој, дење и ноќе, а во текот на варењето непрестајно се чита Евангелие. Така подготвеното миро се осветува и се добива светото миро, за миропомазување и за осветување.

+  +  +

Сите денови од Страдалната седмица се нарекуваат „Велики“, заради величието на настаните што се празнуваат во тие дни. Тоа се најтешките денови и најисполнети со молитви и богослужби. Во првите три дена (Велики понеделник, Велики вторник и Велика среда) низ богослуженијата, верниците се подготвуваат за сеќавањата на Христовите страдања. Трите дена се посветени на последните беседи и поуки на Господа Исуса Христа кон апостолите и кон луѓето.

Светата Црква определила во овие три дни, на богослужбите (часовите) да се прочита целото Четвороевангелие. Тоа има за цел да ни покаже дека Господ Исус Христос со Својот богочовечки живот на земјава, со сè што учел и правел, им се покажал на луѓето дека е вистински Бог и вистински Човек, односно Богочовек и затоа Неговите страдања се спасителни за нас. Во овие денови треба да ја сфатиме големата трогателност и да ја разбереме нашата гревовност. Да се смириме и скрушено да се покаеме и да се помолиме.

Трите дена се служи Литургија на предосветените дарови.

+  +  +

На Велики понеделник одбележуваме осум библиски настани: четири од Стариот и четири од Новиот завет. Велики понеделник е: ден на Јосиф, намразениот од браќа си; ден на пророчките виденија; ден на маките во ропството и ден на праведниот Јов; како и: ден на бесплодната смоква, неправедните лозари, за крајот на светот и очистувањето на храмот.

Страдањата на Јосифа, намразениот од своите браќа

На богослужбите се читаат делови од Светото писмо во кои се опишани настаните што се случиле на тој ден, личностите кои се поврзани со денот или конкретните пораки за денот. Таков е примерот од Стариот завет, за страдањата на Јосифа поради зависта на неговите браќа кои го предале, го продале и го понизиле како роб (прочитајте: 1. Мој. 37,18-36; 41,38-44; 42,1-8 и натаму, до 45,28). Тоа е вистински настан, историска вистина за конкретни личности и конкретно време. Запишан е во Библијата.

Во Синаксарот, пак, се вели: Јосиф е преобраз на Христа, затоа што и Господа Исуса Христа Го намразиле истородните браќа Евреи (како и браќата Јосифови), а Неговиот ученик (еден од 12-те) Го предаде (Го продаде) за триесет сребреници.

Станало онака, како што направиле и браќата на Јосифа, кои го намразиле, го отфрлиле, го измачувале, го предале и го продале за пари, а тоа го сториле без причина и без никаква вина на Јосифа. Направено е злото само поради нивната завист и злобност, а не дека бил тој виновен за нешто. Исто така направиле и со Христа Господа. Кому му згреши Он? Никому! Но,…

Затоа, Јосиф од Стариот завет е првата библиска слика и јасна праслика за страдањата на Господа Исуса Христа. Токму затоа, со него започнува Страдалната седмица – Велики понеделник.

Денес си спомнуваме и за еден друг библиски Јосиф, од Новиот завет, од Христово време, којшто е поврзан со страдањата на Господа. Тоа е Јосиф од Ариматеја – видна личност во тоа време, член на тогашниот Парламент (Синедрион) во Ерусалим. Тој парламентарец ја отстапил својата гробница, за во неа да биде погребан Христос. По крстните страдања и смртта, Господ Исус Христос бил погребан во мрачниот и тесен гроб, а гробниот камен бил запечатен. Гробницата на Јосиф Ариматеец е споредена со јамата во која бил фрлен Јосиф од рацете на неговите браќа (1. Мој. 7,24).

Господ Исус Христос, пак, станувајќи од гробот, воскреснувајќи со сопствената сила, се зацарил над сите и над сè, како што се зацарил и Јосиф во Египет. Тој, фрлениот Јосиф, потоа станал царски управител, којшто ги спасил своите браќа од смртта. Христос зацари над секој грев, го победи злото и владее над сè и над сите. Човекољубиво нè откупи и нè дарува со добрини. Ни ја дава таинствената пченица – и нè храни со небесниот леб – со Своето живоносно тело. Таков беше и Јосиф: давател на пченица за своите браќа и ризничар на добра.

Пророчките виденија

Во овие празнични дни, богослужбено си спомнуваме и за пророштвата и пророчките виденија. На богослужбата се чита за таинствените виденија на пророкот Језекиил (прочитајте: Језек. 1,1-20; 3,1-3). На Велики Понеделник се чита почетокот (Језек. 1, 1-20). Овде се опишува пророковото видение на славата Божја, која е над херувимите и видението на четирите лика, кои ги претставуваат четирите евангелија.

Маките во ропството – убиство на деца

Предвидено е читање од Втората книга Мојсеева (Исход), а текстот говори за првата еврејска Пасха, во спомен за избавувањето на Евреите од ропството во Египет (прочитајте: 2. Мој. 1-14 глава). На овој ден, се спомнуваат првите страдални настани – намножувањето на маките и страданијата (2. Мој. 1,1-20). Се говори и за такви тешкотии што ги надминувале човечките сили, како и за злосторства и планирање убиства на новородените синови. Сето ова има праслика на страданијата од Страстната седмица.

Со тоа се напоменува дека Бог, како што ги спасил Евреите од ропството, така, преку Христовите страдања, – со новата Пасха, го спасува и сиот човечки род од поголемото и потешкото ропство – од ропството на гревот и ѓаволот.

Страданијата на праведниот Јов

На овој ден, се читаат библиските текстови од книгата на Јов (Јов 1,1-2,10), при што си спомнуваме за многустрадалниот праведен Јов, којшто е праслика на Христовите страдања. Во него, ни се дава пример дека треба и ние, без да станеме против Бога, како праведниот Јов да ги поднесуваме несреќите и непријатностите во животот, надевајќи се на Божјата милост и помош. А Бог победува!Од Евангелието, пак, на богослужбите во овие денови се изложуваат оние Христови поуки, чуда и настани што се случиле во тие дни.

Богослужбените текстови се многу поврзани со евангелските четива, во кои, со поетски израз, се вели: Господ, одејќи на доброволно страдање, по патот, разговараше со апостолите и им велеше: Ете, се искачуваме кон Ерусалим, и Синот Човечки ќе се предаде, како што е напишано“. Дојдете, со очистени мисли, и ние да одиме со Него да се распнеме, и заради Него да се умртвиме за животните наслади, та со Него и да оживееме…

Да појдеме со Христа на Елеонската Гора и заедно со апостолите да бдееме со Него… Христе, добротвору, доброволно одиш да страдаш, за да нè избавиш нас…

Бесплодната смоква – јудејството без духовни плодови

На Велики понеделник, Христос со апостолите одел од Витанија кон Ерусалим. Патем се случило чудо. Затоа, на утринското богослужение се чита Евангелието за исушувањето на бесплодната смоква (прочитај ги содржините од: Матеј 21,18-43; Марко 11,12-14, 20-24).

Според правилното толкување и според учењето на Црквата, неплодната смоква го претставува еврејскиот народ кај кого Христос не нашол вистински плод на добри дела и вистинска вера, туку имале само лицемерна сенка на Законот. Тоа Он повеќепати го изобличил, а народот, иако имал вера во Бога и велел дека верува, немал добри дела. Нивната вера не била делотворна вера – не правеле добро. А токму кај тој народ дошол Синот Божји и не нашол плодови.

Така било и со смоквата: На прв поглед, дрвото изгледало дека има плодови, но, всушност, не било така. Плодови неало. Затоа било казнето. Тоа останало безплодност засекогаш, односно, останало во таа состојба во каква што било затекнато тогаш – без плодови. Во преносна смисла: Тоа е Израилот кој ќе остане јалов и бесплоден.

Смоквата ја претставува и секоја христијанска душа без плодови: која не принесува плод на покајание, вистинска вера и добри дела.

Во богослужбената песна се вели: „Да се плашиме, браќа, од казната на исушената смоква поради неплодност, и да Му принесеме на Христа плодови достојни…“

Изречениот суд над неплодната смоква нè потсетува на Последниот Христов суд, којшто е наречен Страшен суд. Страшен е за грешниците, кои треба да се плашат од казната за гревовите што ги направиле, а не е страшен за праведниците кои ја чекаат наградата. За нив е Праведниот суд, а за другите – Страшниот суд. Денес, на Велики понеделник, Судијата предвестува за тоа.

Смоквата ја симболизира еврејската синагога (собрание, општина, заедница) во која Спасителот не го најде плодот што требаше таа да го има и да го даде, туку само имаше само лисја, односно, тие немаа дела според Божјиот закон. Смоквата имаше само лисја и сенка, па Бог и тоа и го зеде и ја исуши, оти немаше зошто да постои кога не ја исполнува целта на својот живот.

Но, некој ќе рече: Зошто бездушното дрво беше казнето и стана суво? – За да се знае дека Евреите, гледајќи Го Христа како на сите им прави добро и никому не му прави зло, си мислеа дека Он има сила да прави само добро, а не да казнува. Со ова, Спасителот сакаше да им покаже на неблагодарните дека е и Судија и дека ќе казнува.

Смоквата останала сува крај патот, како столб, за предупредување, за да ја видат сите и да се поучат или да се исплашат од она што ќе ги снајде и нив. Ете, затоа светите отци и Црквата направиле овој текст да биде читан и толкуван денес – на овој ден: за да поттикне покајание кај нас и да предизвика решеност да правиме добри дела.

Смоквата е секоја душа која е бесплодна, без духовни дела, без добродетели. Таквата душа, кога наутро – односно, кога по сегашниов живот, ќе ја види Господ бесплодна – ќе ја казни.

Евангелистот Лука, опишувајќи го овој настан, го поврзува со текстот кој го претскажува Судот и разрушувањето на Ерусалим како казна Божја која требало да ја почувствува еврејскиот народ, а која се случила 70-та година по Христа (спореди: Лука 19,41-44).

Тогашното страдање било надворешно, овоземно и било само симбол на вечното страдање на неплодниот народ.

Сè што правел и Господ Исус Христос било добро. Лекувал болни и правел чуда, главно, на луѓе побожни и кои исповедале вера во Бога. Апостолите кои биле редовно со Господа не виделе дека Он некогаш направил нешто лошо. Овојпат сакал да им покаже дека Он може и да казнува и тоа за еден миг да ги погуби сите свои непријатели и оние што сакале да Го распнат, и дека Он е со неизмерна сила и моќ која владее над луѓето и над природата. Тоа го покажал со Својот однос кон смоквата.

Чудото што го направил било големо и впечатливо, со многу силен одраз и опомена, затоа што во тој момент дрвото било во бујна, пролетна развиеност и живост, но, иако сето разлистано и раззеленето, веднаш се исушило. А смоквата не се суши така лесно, бидејќи е една од најсочните овошки меѓу дрвјата.

Неправедните лозари

Во тој ден Господ Исус Христос ја кажал и Параболата за неправедните лозари кои ги убиле слугите на Господарот, а најпосле Го убиле и Синот на Господарот (види: Матеј 21,33-46; Марко 12,1-13; Лука 20,9-19).

Во овие евангелски текстови е прикажана ожесточеноста на Евреите кои ги убиле пророците, а на крајот Го распнале и Синот Божји. Такви се и христијаните кои со своите прегрешенија, нарушувајќи ги Божјите, евангелските, апостолските и светоотечките заповеди, постојано Го распнуваат Господа Исуса Христа.

Крајот на светот

На Литургијата (на Предосветената Литургија), во Евангелието се напоменува за сето она што го кажал Господ Исус Христос за последиците од богоотстапништвото на јудејскиот народ и за крајот на светот (прочитај: Матеј 24,3-35).

Очистувањето на храмот

На Велики понеделник, кога дошол Христос во Ерусалим и влегол во храмот, бил зачуден од безверничкото однесување на оние што биле таму, па се разгневил на нив и ги изгонил трговците од домот Божји. Неговата разгневеност била од ревност кон домот за молитва, бидејќи го претвориле во трговски центар и разбојничка пештера (Прочитај: Матеј 21,12-13; Марко 11,15-19; Лука 19, 45-46).

Во Евангелието се вели: „И пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги пади оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврти масите на менувачите и столовите на оние, што продаваа гулаби“ (Марко 11,15).

Очистувањето на храмот покажува како Бог, односно како Спасителот наш Господ Исус Христос дошол во Својот храм, очекувајќи доброчинства, но не ги нашол, па се разгневил и Ги изгонил нечесните од храмот, а на крајот, кога излегувал од храмот, прорекол дека од него нема да остане ни камен на камен (Марко 13,1-2).

Тоа значи дека исто како што се случило со смоквата која немала плодови, така се случило и со храмот, а така било и со целиот еврејски народ, така било со сите бесплодни луѓе, и затоа била изречена Божјата казна. Свети апостол Павле нè предупредува и вели да ги испитуваме своите срца, та да не се случи и со нас нешто слично (Рим. 11,21).

„Оние што продаваа и купуваа во храмот“ се трговците кои продавале и купувале животни за жртвопринесување. Луѓето кои доаѓале од далеку, за да не носат со себе од Галилеја и од далечните места животни за жртвување, трговците им доведувале стока таму, па во тремот од храмот, им ја продавале на жртвоприносителите. Внатре блееле јагниња цели стада, мукале телиња и се создавала животинска врева под сводот на храмот.

Трговците тргувале и ја злоупотребувале маката и добрината на верниците. Најчесто ги лажеле при продавањето, – земајќи им повеќе пари на дојденците. За сето тоа Христос ги нарекол разбојници, бидејќи рабојнички постапувале: народот го ограбувале, пленот го делеле, се лажеле и се карале, како што се караат разбојниците за својата добивка. Таму имало и „менувачи” на пари, кои разменувале јудејски монети за гостите од другите земји и краишта. Тоа го правеле со голем интерес и лихварство. Тоа го срамотело, го навредувало, го осквернувало и го безвреднувало значењето и достоинството на храмот.

На крајот, се вели дека Господ Исус Христос, ги истерал „трговците“ од храмот, им ги превртел масите на „менувачите“ и „столовите на оние што продавале гулаби“ за жртвопринесување.

Во преносна смисла, целиот овој настан ни кажува дека Господ Исус Христос ги симнува од столовите – ги симнува од троновите, архиереите кои ги продаваат духовните дарови за пари, зашто проклет е оној кој ракополага за пари или за добивка и треба да се симне од престолот. Тој грев се вика симонија.

Гулабот е симбол и образ на Светиот Дух и затоа, во преносна смисла, продавањето на својот гулаб претставува продавање на благодатта Божја која христијанинот ја примил при крштевањето. Бог таквите ги изгонува од Црквата!

Жестокоста со која Господ Исус Христос настапил кон присутните во храмот оставила силен впе¬чаток и кај фарисеите и кај учениците. За нив „гневот на Агнецот“ (Откр. 6,16) претставувал ново искуство, зашто дотогаш не Го виделе Учителот разгневен. Оваа состојба на Господа Исуса Христа не можеле да си ја објаснат апостолите со ништо друго, освен како што наоѓаме забележано во Евангелието според Јован дека „учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: ,Ревноста за Твојот дом Ме изеде‘ “ (Јован 2,17; Псал. 68,9).

Тремовите на храмот биле предвидени како место каде што требало да седат рабините и во разговор со луѓето да ги поучуваат во Законот и во верата, а не да бидат пазариште за стока и место за трговија. Синагогата по дефиниција е место за молитва (Дела 16,13) или место за поучување (Дела 13,15).

За Господа Исуса Христа било особено важно домот Божји да биде чист и неосквернуван со ништо. Тоа покажува дека Он не го презирал храмот во Ерусалим, ниту ја смалувал неговата важност. Затоа и не е чудно што таков став кон храмот и кон синагогата имале и апостолите и првите нивни ученици. Во Библијата е запишано дека тие оделе во храмот за молитва: „Петар и Јован заедно влегуваа во храмот во деветтиот молитвен час“ (Дела 3,1).

Господ Исус Христос, откако Го очистил храмот, застанал на местото од каде што е предвидено рабините да го поучуваат народот и како вистински Учител го смирил гневот, па крај испревртените маси и столови, го поучувал народот. Овојпат поучувањето го започнал со стих од Стариот завет, земен од пророкот Исаија, каде што се вели: „Мојот дом ќе се нарече молитвен дом за сите народи“ (Иса. 56,7). Впечатливо е тоа што Спасителот го одбрал токму овој стих, кој укажува дека домот за молитва ќе биде „на сите народи“. Тоа значи дека и нееврејскиот народ ќе биде повикан во домот Божји на молитва.

Евангелистот Марко кој своето Евангелие го пишувал за многубошците, сакал да им укаже дека и во Стариот завет пророкот Исаија навестувал за доаѓање на многубошците во Црквата Христова, а Господ Исус Христос спасението го понудил за сите луѓе подеднакво, изедначувајќи ги „сите народи“ пред Бога, како што рекол светиот апостол Павле: „нема веќе разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден и ист е Господ на сите. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени“ (Гал. 3,28; Рим. 10,12; 1. Кор. 12,13).

Можеби токму овој настан кога Господ Исус Христос ја покажа Својата жестокост во храмот и зборовите што ги искажал, ги натерало некои од луѓето да мислат дека можеби Он е воскреснат свети пророк Илија или свети Јован Крстител или воскреснат пророк Јеремија (Матеј 16,14), зашто се покажал во духот и на едниот, и на другиот и на третиот ревнител.

Ставот на Господа Исуса Христа кон храмот заслужува особено внимание. Он кога имал 12 години влегол во Ерусалимскиот храм и поучувал меѓу првосвештениците и учителите јудејски. Тоа значи дека уште тогаш, Он во храмот гледал место за поучување (Лука 2,46-47). Исто тогаш, Он го нарекол храмот место каде што треба да биде присутен Бог, а не нешто друго, бидејќи тој е дом Божји (спореди: Лука 2,49). Овојпат храмот Го нарекува „дом за молитва“ (Марко 11,17), молителница.

„И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да го погубат, зашто се боеја од Него, оти сиот народ се восхитуваше на Неговото учење“ (Марко 11,18).

Не е чудно тоа што првосвештениците и книжниците сакале да Го погубат Господа Исуса Христа, бидејќи ним им пречело Неговото укорување кон нив и тоа што народот тргнал по Него, место по нив. Но, им било страв да Го фатат и убијат, бидејќи се плашеле од многуте поклоници кои Го слушале Неговото учење и се воодушевувале од Него. Што ги налутило фарисеите, книжниците и првосвештениците?

И Господ Исус Христос и тие имале високо мислење за храмот но, тоа, сепак, темелно се разликувало.

Прво, фарисеите многу ги налутила новонастанатата состојба во храмот со влегувањето на Господа Исуса Христа во него. Он кога влегувал во светињата, околу Него имало насобрани деца кои викале во храмот и пееле: „Осана на Давидовиот син!“ (Матеј 21,15). Тоа нив ги разгневило и негодувале против таквата состојба. Барале да сопрат децата со вревата и со нивното пеење за Христа, а замислете, на истите тие, не им пречела вревата што ја правеле трговците и менувачите или блеењето и мукањето на животните донесени за жртвопринесување.

Значи, за нив кои ја гледале само формата на обредното богослужение, најважно било да се принесат жртвите и да се исполни формалноста, без да се пази на суштината од светоста и светињата. Постојат стари сведоштва дека од трговијата што се водела во тремот на храмот имале добра финансиска корист и првосвештениците, па затоа дури и „сопственик“ на тие „дуќани“ бил врховниот првосвештеник.

Второ, првосвештениците, книжниците и фарисеите ги налутило Христовото претскажување за пропаста на храмот и дека од него „ни камен на камен нема да остане“ (Марко 13,2; Матеј 24,1-2; Лука 19,44; 21,6). Нивниот гнев уште повеќе бил зголемен од Неговите порано изречени зборови, кога рекол: „Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам“ (Јован 2,19). Според нив, овие зборови биле најголема хула и затоа со нив тие Го обвиниле и на судењето кај Пилата, иако Господ Исус Христос кога Ги изговарал тие зборови не мислел на Ерусалимскиот храм, туку на храмот на Своето тело, кое Евреите ќе го „урнат“, ќе го убијат и распнат, но за три дена ќе воскресне.

Тие сметале дека Христос богохулствува, бидејќи Ерусалимскиот храм, по Божја промисла, требало да биде не само еврејско традиционално светилиште, туку место за молитва и за сите народи, а заслепени, не гледале дека токму тие ова светилиште го направиле „дом за тргување“ (Јован 2,16) и „разбојничко гнездо“ (Марко 11,17), каде што се работело нечесно – разбојнички.

Оние, кои знаат како изгледаат панаѓурите на Исток, можат лесно да замислат како во тремот на храмот се воделе ситни измами, трговски наддавања и ценкања при купувањето и продавањето, а и други пазарски недоличности, со кои се осквернувала светоста на храмот, а за недозволената врева да не говориме.

Веројатно, голем дел од присутните, особено децата, кои Го гледале и слушале Господа Исуса Христа во храмот, го доживеале и разрушувањето на храмот, кое Он тогаш го прорекол. Тие гледале како големите камења од храмот се уриваат, а светилиштето горело во пламен.

Во 70-та година бил разрушен Ерусалим и урнат храмот. Тогаш се сетиле на Христовите зборови. Во таа апокалиптична глетка, многумина побегнале од Ерусалим, почитувајќи го пророштвото на пророкот Даниил (Дан. 9,27; Марко 13,14; Матеј 24,15) и заминале во Пела, па не ги гледале разрушувањата, а од оние што останале во градот, малкумина го пре¬жи¬веале тој настан, зашто непријателите извршиле невидени убиства.

„А кога се стемни, Он излезе надвор од градот“ (Марко 11,19). По сè што се случило во храмот дента, за Господа Исуса Христа, веќе не било сигурно да ноќева во Ерусалим. Имајќи ги Своите пријатели во Витанија, Он го напуштил градот каде што биле Неговите многубројни непријатели кои Го следале и се мислеле како да Го убијат (Марко 11,18), па заминал кај својот пријател Лазар, во Витанија. Така завршил Велики понеделник.

Related posts

Кавга меѓу Костадиновска и Арсовска – министерката најави тужба, таа вели не е загрижена

Најдобрите модни изданија на Меланија Трамп Модна икона која дамите сакаат да ја копираат…

Прочка – празник за проштавање и очистување од гревовите