Франција се соочува со период на политичка нестабилност во неделите пред Олимписките игри во Париз откако ниедна партија и коалиција не освои мнозинство во вчерашниот втор круг на парламентарните избори. Никој не очекуваше победа на левичарската коалиција, но уште поголемо изненадување е што крајната десница заврши на третото место, откако во изминатиот период се збореше само за нејзиниот очекуван убедлив триумф за првпат од Втората светска војна.
Последните податоци кажуваат дека Нов народен фронт (НПФ) ќе има 182 пратеници, сојузот Заедно на Емануел Макрон 168, а Националниот собир (РН) и сојузниците 143, што ќе го подели парламентот на три големи блока со значително различни платформи и без традиција да соработуваат. По ваквите резултати, премиерот Габриел Атал најави дека денеска ќе поднесе оставка.
Партиите од НПФ, составена од радикалната левица на Жан-Лик Меланшон, Социјалистите и Зелените, ноќеска одржаа разговори за да решат како да продолжат. Меланшон кажа дека новиот премиер треба да дојде од редовите на НПФ, но овој блок нема лидер, па неговите членки се поделени околу тоа кој би бил најсоодветен премиер.
„Во Франција очигледно ќе има вакуум кога станува збор за законодавната способност на земјата“, изјави британскиот аналитичар Сајмон Харви.
Лидерот на крајната десница Жордан Бардела го обвини Макрон за лошиот резултат на РН, сметајќи дека „срамниот сојуз на силите обединети против РН ќе ја парализира Франција“.
„Овие изборни резултати го посеаја семето за иднината. Нашата победа е само одложена“, изјави Бардела.