Амандманска расправа за предлог – буџетот за 2025 во Собарнието

Амандманска расправа за предлог – буџетот за 2025 во Собарнието

Со остри тонови меѓу власта и опозицијата почна дебатата на денешната матична собраниска комисија за поднесените 307 амандмани на буџетот за 2025, тешки стотици милиони евра.

Пратениците од СДСМ поднесоа предлог за издвојување 57 милиони евра за зголемување на платите во јавниот сектор, истакнувајќи дека тоа е прашање на социјална правда и одговорност. Даниела Николова, од СДСМ, порача дека работниците се во фокусот на нивната политика, но заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, го одби амандманот, нагласувајќи дека буџетот веќе предвидува раст на минималната плата и пензиите, како и неодамнешни покачувања во здравството, образованието и одбраната.

Од друга страна, пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваше предложените бројки на СДСМ, тврдејќи дека математиката е згрешена. Тој додаде дека покачувањата веќе се реализираат, како што е примерот со 10% повисоки плати за здравствените работници и наставниците до крајот на годината.

Меѓутоа, СДСМ останува на ставот дека со растот на трошоците за живот, актуелните покачувања не се доволни. Фатмир Битиќи истакна дека основната потрошувачка кошница надминува 61.000 денари, додека просечната плата во земјата е во пад за 1.000 денари.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ возврати дека зголемените трошоци за договорни услуги се за витални потреби. како возила за полицијата, брза помош и пожарникарски услуги, но и за платите кои, според неа, СДСМ претходно ги занемарил. Опозицијата обвини дека се кратат капиталните расходи во образование и здравството, се намалуваат пари за чист воздух, за поддршка на домашните компании за сметка на странските, што води кон економска нееднаквост и ниски плати, а се кратат и парите во земјоделието.

Власта го брани буџетот, често споменувајќи дека претходната влада на СДСМ била расипничка и криминална. Дебатата продолжува до крајот на месецот, кога Владата ќе ги интегрира прифатените амандмани, пред буџетот тежок  рекордни 6,5 милијарди евра, да се најде на гласање кон средината на декември.

Related posts

Постигнат историски договор за платите на здравствените работници

Министерот Николоски најави потенцијален влез на трет мобилен оператор во земјава

Кој директор на државна фирма потроши 35 милиони евра за само два месеца?!