Осум лица се приведени по инцидентите во четвртокот (28.11) во Северна Македонија, кога по повод прославата на Денот на албанското знаме беше осквернавено македонското знаме. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека четворица од нив се сомничат согласно член 319 од Кривичниот законик, согласно кој што за загрозувањето на сигурноста, подбив со националните, етничките и верските симболи, сторителите се казнуваат со затвор од една до пет години.
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди сквернавењето на македонското знаме и најави дека бројот на приведени лица ќе се зголемува. Со оглед на тоа дека имаат сознанија и докази за инцидентите и она што е планирано да се случува во иднина, тие веќе ги информирале стратешките и меѓународните партнери
„Македонската влада ќе одговори жестоко на сите обиди да се дестабилизира државата“, порача Мицкоски.
Кој ги предизвикал инцидентите?
Според првиот човек на МВР, приведените лица коишто учествувале во инцидентите се млади луѓе, а еден од нив е и малолетник. Еден од нив е фатен при обид да го запали македонското знаме, додека друг кога го симнувал знамето. Останатите четири лица кои се приведени се уапсени затоа што учествувале во тепачка. Тошковски ги повика сите оние кои имаат информации за вчерашните инциденти да ги достават до Министерството за внатрешни работи.
Според полицијата, ќе се постапува и во наредните денови. Истражни дејствија за инцидентите презема и Јавното обвинителство.
Апели за трезвеност
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека полицијата е спремна, зрела и професионална да одговори на сите предизвици „Уште еднаш сакам да упатам порака до сите оние кои се на ум да предизвикаат какво било сценарио за дестабилизација на државата – жестоко и сурово ќе одговориме на ваквите обиди“, вели тој.
Мицкоски смета дека безбедносните институции реагирале навремено, трезвено и државнички, со што не дозволиле ситуацијата да ескалира. „Апелирам до македонските граѓани на трезвеност, да не дозволиме овие инциденти да предизвикаат негативни чувства, затоа што ова е мала изолирана и изманипулирана група од оние коишто ги штитат своите милиони. А, оние кои се потенцијални жртви на овие криминалци и насилници, сакам да ги предупредам дека нема да има милост кон никого. Секој оној којшто ќе го прекрши законот и Уставот ќе одговара и ако мислат дека се недоприливи, силно ќе се разочараат“, вели Мицкоски.
Стравувања од нови инциденти
Според него, сквернавењето на државното знаме претставува чин на агресија. „Ова е нешто на коешто предупредуваме дека ќе се случува. Ваков тип за ескалација на случувањата и етнички тензии дека ќе има и ќе има во иднина. Ова нема да биде изолиран случај, бидејќи како правдата полека, но сигурно се доближува до криминалците, така тие ќе стануваат понервозни и единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака – со манипулирање и предизвикување ваков тип на инциденти“, дециден е премиерот.
Тој во изминатиот период во повеќе наврати предупредуваше дека има сознанија за есенско сценарио и дека ДУИ, којашто не стана дел од владиното мнозинство, има план за дестабилизација. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети демантираше дека постои таков план.
„Имавме информации за ова и стратешките партнери и припадниците на меѓународната заедница се информирани, доставени се доказите и информациите со коишто располагаме и што се очекува во периодот што следи“, додаде Мицкоски.
Палењето на македонското знаме наиде на остра осуда кај партиите во земјата, коишто побараа одговорност од оние коишто ги поттикнуваат инциденти, со цел подгревање на меѓуетнипчките тензии во земјата.