Сириската армија денеска соопшти дека „привремено ги повлекува војниците“ од градот Алепо, со цел да се подготви за контраофанзива против „терористите“.
Во соопштението се посочува дека повлекувањето е дел од напорите за прегрупирање пред да пристигне засилувањето за да започне контраофанзива.
Според сириската армија изминатите денови во борбите со бунтовниците во Алепо и во Идлиб загинале и повредени се десетици војници.
Претходно Сириската опсерваторија за човекови права објави дека бунтовниците предводени од исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТЦ) и нивните сојузници зазеле поголем дел од Алепо.
Бунтовниците пред три дена извршија упад во десетина градови и села во северозападната провинција Алепо, која е под контрола на Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад. Тие тврдат дека почнале офанзивата за „да ја одвратат агресијата“, обвинувајќи ја Владата и сојузничките милиции за ескалација на непријателствата.
Организацијата со седиште во Лондон, наведе дека од 27 ноември до денеска во борбите шпомеѓу владините сили и бунтовниците убиени се 277 луѓе, од кои над 20 биле цивили.