Заменик министерката доц. д-р Викторија Трајков: Жените-лидери имаат уникатна перспектива во светската политика и бизнисот!

Заменик министерката доц. д-р Викторија Трајков: Жените-лидери имаат уникатна перспектива во светската политика и бизнисот!

Трајков: „Македонија и САД се стратешки партнери и сојузници.“

Еден од најважните претседателски избори за светот, изборите во САД завршија. Победи републиканецот Доналд Трамп, кој убедливо ја однесе победата во ноември и веќе во јануари по втор пат ќе застане на чело на најмоќната сила во светот. Како заменик-министер за европски прашања, како гледате на победата на Трамп и што ќе значи тоа за Македонија?

Mакедонија и САД се стратешки партнери и сојузници. Македонско-американското пријателство не може да го расипе кој и да биде на власт во двете земји, но во овој момент за нас е значајно што во Белата куќа се врати Доналд Трамп. Републиканците имаат поголемо разбирање за проблемите и предизвиците пред кои се наоѓа Македонија. Затоа сметам дека администрацијата на новиот претседател ќе помогне во надминувањето на спорот со Бугарија. Надеж за тоа ми дава фактот што неколкумина од најблиските соработници на Трамп беа во Македонија пред неколку месеци. Изборот на Хауард Лутник е исто така одличен сигнал за нашата земја, но да не го заборавиме и Македонецот Крис Павловски, кој пак е ден од најблиските соработници на американскиот претседател и сопственик на „Рамбл“. Администрацијата на претседателот Трамп ќе продолжи да го поддржува нашиот евроатлантски пат, како и досега. Македонија го цени долгорочното пријателство со САД, а се надеваме дека поддршката за стабилноста и напредокот во регионот ќе биде присутна и во следниот мандат.

Трајков: „Секое евро кое ќе дојде од Брисел е добредојдено.“

Македонија се наоѓа пред сериозен предизвик во евроинтегративниот пат. Дали очекувате со победата на Трамп промени во ставовите меѓу односите Македонија-Бугарија?

Победата на Трамп директно нема да влијае во односите меѓу Македонија и Бугарија, но може да придонесе нашата земја да не биде изложена на толкав притисок. Двете земји треба да разговараат на рамноправна основа и тука Соединетите Американски Држави можат да бидат од помош. Македонија во преговорите со Бугарија не смее да биде понижена и националните интереси мора да бидат зачувани. Тоа значи јасни гаранции за македонскиот идентитет и јазик и засебноста на македонската историја. Со оглед на американската поддршка за стабилноста на Балканот, важно е прашањата со нашите соседи да ги решаваме низ дијалог и со меѓусебно почитување. Верувам дека новата администрација во САД ќе продолжи да охрабрува конструктивни решенија и заемно почитување меѓу нашите земји. Ние сме решени да го продолжиме патот кон Европската Унија, обезбедувајќи долгорочен мир и стабилност.

Согласно Планот за раст, парите кои ќе бидат одвоени за земјите од Западен Балкан се во висина од шест милијарди евра. Целта е да се поттикнат земјите да ги спроведат реформите кои се неопходни за да станат дел од европското семејство. Каков е планот на Македонија за спроведување на реформската агенда од Планот за раст?

Секое евро кое ќе дојде од Брисел е добредојдено, пред сѐ поради реформите кои се прават, а за кои е неопходна финансиска поддршка. Таква е и реформската агенда преку која Македонија ќе добие над 700 милиони евра за три години. Се надевам дека тие пари ќе знаеме да ги искористиме преку проекти, заеми и директна финансиска помош. Планот за раст е од клучна можност за Македонија. Нашата агенда вклучува мерки за подобрување на економијата, модернизација на инфраструктурата, правосудни реформи и зајакнување на институциите. Ќе се фокусираме и на енергетиката и дигитализацијата, две важни области за иднината. Веруваме дека со посветеност на реформите, ќе го забрзаме пристапот кон европското семејство и ќе обезбедиме подобар живот за нашите граѓани.

Трајков: „Мојата цел е да создадам генерација која ќе верува во позитивни промени, која ќе знае како да ги постигне и која ќе биде подготвена да ја понесе нашата земја напред со посветеност, интегритет и позитивна енергија.“

Покрај вашата кариера во евроинтеграциите, Вие пред сѐ сте професор на Универзитетот Скопје. Што е она што ги учите студентите гледајќи од перспектива на владин претставник кој работи на големи прашања од историска важност за нашата земја?

Како професор, со особено внимание им пренесувам на студентите вредности кои сметам дека се клучни за нивниот личен и професионален развој. Пред сѐ, ги учам на важноста на критичкото размислување, како да ги анализираат објективно ситуациите, да гледаат од различна перспектива, да поставуваат конструктивни прашања. Како професор вложувам многу во нивниот развој како одговорни граѓани. Им укажувам дека од огромно значењето е да се посветени и одговорни, не само кон сопствените цели, туку и кон општеството. Со оглед на мојата улога во Владата и искуството во процесите на европска интеграција, имам можност од прва рака да ги запознам студентите со комплексноста на политичките и административните процеси, кои се клучни за иднината на нашата земја. Ова практично знаење е непроценливо, бидејќи им овозможува да ги согледаат и да ги разберат не само теоретските концепти, туку и начинот на кој тие се применуваат во реалноста. Ги охрабрувам да ја видат Македонија како дел од поголемата глобална слика и да размислуваат глобално, но истовремено да делуваат локално. Сакам да ги мотивирам студентите да гледаат на предизвиците како можности, да се вложуваат во работата со цел да придонесат за заедницата и да ја препознаат својата улога во подобрувањето на иднината на Македонија. Мојата цел е да создадам генерација која ќе верува во позитивни промени, која ќе знае како да ги постигне и која ќе биде подготвена да ја понесе нашата земја напред со посветеност, интегритет и позитивна енергија.

Жена во светот на мажите, но и во светот меѓу европските претставници. Какви промени во светски рамки можат на направат жените-лидери?

Жените-лидери имаат уникатна перспектива во светската политика и бизнисот. Нивната посветеност на емпатијата ги прави способни за градење мостови меѓу различни ставови и култури, што е од особена важност во денешниот комплексен свет. Искуството покажува дека жените-лидери се истакнуваат во градењето доверба, фокусирање на долгорочните цели и создавање тимска атмосфера – особини кои се клучни за решавање глобални предизвици. Повеќе жени на водечки позиции значи и поголема заедничка соработка и одговорност за одржливи успеси. Тие честопати гледаат надвор од традиционалните рамки, се залагаат за решенија и носат со себе силна заложба за права и можности за сите. Во свет каде што се повеќе се вреднуваат отвореноста и разноликоста, жените-лидери играат сѐ поголема улога во создавањето праведно и стабилно општество.

Дали се поддржуваат жените-лидери меѓу себе и со тоа ја зголемуваат својата влијателност во општеството?

Солидарноста и поддршката меѓу жените-лидери се основа за засилување на нивното влијание во општеството. Кога жените се поддржуваат и си даваат простор за размена на идеи и искуства, тие градат мрежи кои се од непроценливо значење за нивниот личен и професионален развој. Оваа меѓусебна поддршка им помага да се справат со предизвиците и создава еден вид на синергија која е клучна за поттикнување на позитивни општествени промени. Преку заеднички иницијативи, жените-лидери стануваат инспирација за идните генерации и го демонстрираат позитивното влијание што може да го има женската солидарност. Овие мрежи ја зајакнуваат нивната позиција, овозможуваат поефикасно справување со предизвиците и ја потврдуваат важноста на разновидноста во лидерството.

Трајков: „Моето семејство е мојата најголема поддршка и извор на инспирација.“

Од една страна жена, мајка, а од друга страна професор на Универзитетот Скопје, но исто така и дел од друштвото на челниците во нашата земја кои треба да ги донесат историските одлуки за евроинтегративниот пат. Како успевате да ги менаџирате сите работи наеднаш? Од каде ја црпите Вашата сила?

Моето семејство е мојата најголема поддршка и извор на инспирација. Тие ми даваат енергија и сила да ги балансирам сите обврски, бидејќи без нивната љубов и разбирање не би можела да се справам со сите предизвици. Како мајка, професор, функционер, важно е да имам јасна визија и цел. Кога се знае што се сака да се постигне, и кога има силна волја, секој предизвик може да се надмине. Бидејќи мојата работа е повеќе од професионална, а е поврзана со мојата страст и посветеност, наоѓам сила во тоа што верувам дека моите напори имаат позитивен ефект врз нашето општество. Менаџирањето на сите аспекти на мојот живот е предизвик, но со љубов кон работата, семејството и со добра организација, можам да ги комбинирам овие улоги и да дадам свој придонес.

Иако сите обврски натежнуваат во текот на денот, сепак секогаш одвојувате време и за Вашиот изглед. Во секоја околност соодветно и со стил. Каква порака ќе испратите до младите девојки?

Сакајте се себе и инвестирајте во својот личен и професионален развој. Изгледот е важен бидејќи тој е одраз на вашето самопочитување и внимание кон себе, но најважно е да се чувствувате добро во својата кожа. Пораката што ја испраќам до младите девојки е да бидат искрени со себе, да веруваат во своите способности и да не се плашат да кажат што мислат. Да бидат силни и посветени на своите цели, бидејќи вистинската убавина произлегува од вашата внатрешна самодоверба и харизма. Кога се чувствувате добро со себе, вашето самопочитување и позитивна енергија ќе ви отвораат многу врати.

Вашата професија налага да патувате многу низ светот. Сте прошетале низ најинтересните места, но што е она што Ве задржува во Македонија и Ве тера да се борите за иднината на младите луѓе?

Македонија е мојот дом и тука се наоѓа основата на мојата инспирација. Патувањето ми овозможува да ги проширувам своите хоризонти и да научам нови работи, но секогаш се враќам дома со нови идеи и енергија за да можам да придонесам за подобра иднина за нашите млади. Иднината на младите луѓе е постојано присутна во моите мисли, бидејќи тие се не само нашата иднина, туку и нашата сила и поттик за напредок. Верувам дека секој чекор што го правиме денес, го прават заедно и идните генерации, и токму затоа борбата за нивните шанси и перспективи е моја лична и професионална мисија.

Related posts

Поддршка и лобирање за македонските интереси: Владина делегација на средба со нашинци од дијаспората

Пропадна планот на бојкотирачите – Македонија избра претседател со излезеност од над 40 отсто

Манипулативни насоки до избирачките одбори да ги прашуваат гласачите за кои избори сакаат да гласаат