Почетокот на неделата без сомневање ќе го одбележи инаугурацијата и почетокот на вториот мандат на Доналд Трамп. Засега останува да видиме колку ќе исполни од изборните ветувања, но според најавата имиграцијата ќе биде една од неговите приоритети. Дали ова ќе се однесува единствено на јужната граница, или и на висококвалификуваните емигранти ќе видиме наскоро.
Едно е сигурно, уште пред официјалниот почеток на мандатот некои од ветувањата на Трамп започнаа да вродуваат со плод. TikTok одлучи сепак да се врати во САД откако речиси 12 часа го спроведуваа законот и забраната.
TikTok се враќа
„Како резултат на напорите на претседателот Трамп, TikTok се враќа во САД“. Ова е кратка порака која може да ја видат корисниците на TikTok од САД. По забраната за дистрибуција на апликацијата за корисниците во САД, TikTok започна со постепено враќање на своите сервиси во земјата. Ова доаѓа по договорот меѓу TikTok и нивните партнери Oracle и Akamai. Договорот е заснован на уверувањата на Трамп дека нема да се соочат со казни заради обезбедување на услугите.
Иако TikTok е достапен повторно, апликацијата сè уште не се вратила на App Store и Google Play. Технолошките компании остануваат претпазливи поради правните ризици. Сепак, TikTok упатува порака до своите огласувачи дека сервисите наскоро целосно ќе се нормализираат, со одредени ограничувања за активните кампањи.
Дебатата околу TikTok продолжува. Трамп најави нова извршна наредба за продажба на апликацијата, што ќе дозволи 50% сопственост на САД. Ова би можело да го стабилизира конфликтот кој го следи TikTok во последните месеци.
Сепак, обидот за враќање на TikTok во САД не поминува без криртики. Некои републикански сенатори, како Том Котон и Пит Рикетс, остро го критикуваа потегот на Трамп за продолжување на рокот за продажба на апликацијата. Во заедничко соопштение, изјавија дека нема правна основа за одложување на забраната и ги пофалија компаниите како Google и Apple за нивната одлука да го повлечат TikTok од своите продавници. Дополнително, Котон предупреди дека секоја компанија која ќе продолжи да ја дистрибуира апликацијата може да се соочи со „стотици милијарди долари“ казни од различни ентитети.
И правните експерти изразија сомнеж во врска со легитимноста на овие договори. TikTok се обидува да ги избегне правните последици преку блиска соработка со администрацијата. Сепак, некои го гледаат ова како привремен маневар кој можеби нема целосна правна основа. Ова ја отвора можноста за нови судски постапки и неизвесност за иднината на TikTok во САД.
Скок на биткоин: Нови рекорди и крипто оптимизам
На денот на инаугурацијата на Доналд Трамп, биткоинот ја достигна својата највисока вредност досега, надминувајќи 109 000 американски долари. Овој голем скок на цената доаѓа како резултат на новите надежи и оптимизам во крипто заедницата дека администрацијата на Трамп ќе донесе поволни регулативи и ќе ја позиционира САД како глобален центар за криптовалути. Биткоин претходно ја надмина границата од 100 000 американски долари. Сега, се забележува значително зголемување на побарувачката, поддржано од очекувањата за проактивни регулаторни чекори.
Во својата претседателска кампања, Трамп ја изненади јавноста со драматична промена во ставот кон криптовалутите. Тој ветуваше иницијативи како создавање на американска крипто резерва, индустриски пријателски регулативи и назначување на крипто „цар“. Овие најави го подгреаја ентузијазмот во крипто индустријата, која долго време се жалеше на неповолните регулативи за време на администрацијата на Бајден. Иницијативите на Трамп, како што е назначувањето на Дејвид Сакс за крипто „цар“ и создавање специјален совет за дигитални средства, дополнително ја зајакнуваат довербата во новиот пристап.
Сепак, не сите гледаат позитивно на овој развој. Критичарите предупредуваат дека ветувањата на Трамп може да поттикнат поголема нестабилност на пазарот, особено во услови на недоволно тестирани регулативи. Цената на биткоин продолжува да расте, а аналитичарите истакнуваат дека високата волатилност и потенцијалот за злоупотреба од криминални структури остануваат значителни ризици. Времето ќе покаже дали оваа „крипто пролет“ ќе ја трансформира индустријата или ќе биде само уште еден краткотраен ентузијазам.
Доналд Трамп и Меланија со свои мемекоини
Во текот на викендот пред инаугурацијата на Доналд Трамп, криптопазарот беше изненаден од лансирањето на два нови меме-коина. Станува збот за $TRUMP и $MELANIA. Овие криптовалути веднаш постигнаа огромна популарност, со комбинирана вкупна вредност која надмина десетици милијарди долари. $TRUMP достигна максимална цена од 72 долари, што резултираше со номинална вредност од 72 милијарди долари, додека $MELANIA брзо генерираше вредност од над 5 милијарди долари. Овие меме-коини, поврзани со имињата на претседателот и првата дама, веќе го менуваат начинот на кој политичарите можат да го монетизираат својот имиџ или да соберат средства за некоја цел.
Покрај почетниот ентузијазам, веднаш по инаугурацијата цените на двата коини паднаа за околу 20%. Ова не е изненадување за крипто-светот, каде што трговците често продаваат по големи настани. $TRUMP моментално има пазарна капитализација од 41 милијарда долари, додека $MELANIA е на 8,4 милијарди долари. Аналитичарите предупредуваат дека овие суми во никој случај не ја отсликуваат вистинската вредност. Само мал дел од нивните резерви е пуштен на пазарот.