Време е за републиканска пролет – порача за Илинден претседателката Давкова
Повици за единство, за борба против корупцијата и економски напредок испрати македонската претседателка Гордана Силјановска- Давкова од Мечкин камен. Таа упати критика до ЕУ за билатеризацијата на процесот на проширувањето и менувањето на правилата на игра.
Време е за нова пролет на нашата Република, враќање кон републиканските корени, порача македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова од крушевскиот Мечкин камен каде што се чествува 122 години од денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и 81 година од првото заседание на АСНОМ.
Таа во својот говор порача – македонските граѓани очекуваат правда и слобода и дека е дојдено време за искоренување на плевелот на корупцијата и криминалот во земјава.
„Длабинскиот поглед кон државата разоткрива во изминативе години и децении ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија како закана за парламентарната демократија, партизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина и ги нарушија меѓучовеките и меѓу етничките односи, продуцираа катастрофи и стимулираа неединство за прашањата од национален интерес за кои единството мора да биде императив“, изјави Давкова.
Дел од своето обраќање го посвети на критика кон Европската Унија( ЕУ) истакнувајќи дека во изминатиов период дозволиле билатеризација на процесот за проширување како и дека честопати ги менувале правилата според кои една земја кандидат треба да се исполнува услови за членство во неа. Таа ја обвини ЕУ дека има двојни аршини во пристапниот процес.
„ Легитимно е прашањето дали и колку денешната Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи. Чинам дека сеништата на старата одмината Европа како да не се далечно минато или како да осамануваат неочекувано. Се покажа дека ЕУ не е имуна на кризата на лидерството и демократскиот дефицит,“ рече Давкова.
Пожарите и справувањето со нив, беа дел од говорот на Давкова.
„Републиката ни е во пламен“, посочи таа.
Според неа за помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите. Дел од овие мерки се во тек, изјави таа.
„ Мора да ставиме крај на дивите депонии и нивното палење, имаме потреба од длабоки суштински реформи во сите сфери по европска мерка“, додаде македонската претседателка.
Силјановска Давкова изјави дека Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува.
„Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа“, порача таа.
Централната прослава за одбележувањето на 122 години од Илинденското Востание се одржа во Крушево, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.