Нов обид да се донесат измени на Изборниот законик пред изборите

Илустрација – локални избори 2021

Измените на Изборниот законик пред три месеци се завршени од работната група, но се уште е неизвесно е дали ќе бидат донесени пред двојните избори на 24 април и 8 мај. Од партиите најавуваат можност измените, главно фокусирани на спречување на корупција во медиумите, пред пратениците да бидат ставени уште утре.

Собраниски извори од владејачките партии за Радио Слободна Европа велат дека е можно во среда на 6 март да се одржи собраниска седница на која на дневен ред ќе бидат ставени измените на Изборниот законик, но како што посочуваат, само во делот на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ/ОДИХР треба да ја подобрат транспарентноста на целиот изборен процес, но особено да спречат злоупотреби во делот на рекламирањето на партиите со државни пари во медиумите, што според многу експерти прeтставува континуирана корупција и влијание врз медиумите.

Текстот за измените, работната група го заврши уште на крајот на ноември, но Собранието досега не ги усвои и покрај тврдењата на најголемите партии дека меѓу нив постои консензус околу прифаќањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Пратениците со кои разговаравме велат дека ако Собранието ги усвои измените на Изборниот законик, тие ќе важат за претстојните претседателски и парламентарни избори. Ако претседателот на Собранието Јован Митревски утре ги стави измените на дневен ред на пленарна седница, пратениците прво ќе гласаат за потребата за нивно усвојување по брза постапка, а потоа текстот ќе оди во Комисијата за прашања за изборите и именувањата. Конечното гласање на законот треба да биде повторно на пленарна седница.

ВИДЕТЕ И ОВА:

Игри без правила – дел инкогнито портали до државни пари за изборите

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека е можно измените да бидат усвоени до одржувањето на изборите закажани за 24 април и 8 мај, особено, како што велат, ако има политичка волја кај владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ.

„Има повеќемесечни разговори меѓу партиите за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и очекувам измените да поминат во овој парламентарен состав“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.

Кои се клучните измени?

Партиското рекламирање во медиумите со државни пари е клучниот дел кој треба да биде променет, во услови кога според ДИК со актуелното законско решение, двојните претседателски и парламентарни избори ќе чинат 17 милиони евра, а скоро 60 проценти од овој трошок, или 10 милиони евра, се предвидени за платено политичко рекламирање.

Но, новите измени освен исто така се однесуваат и на рестрикции во изборниот процес за одобрување на инфраструктурни проекти, водоводи, спортски игралишта, забрани за субвенции, еднократни исплати, како и за вработувања и исплати кон граѓански здруженија и други правни и физички лица. Во текстот којшто го подготви работната група се вели дека сегашниот Изборниот законик регулира мал дел од препораките на ОДИХР.

Вкупно 58 члена содржи предлогот за измените на Изборниот законик, како што објави Министерството за правда. Освен, изборната кампања, финансирањето на кампањата и медиумското претставување во изборниот процес, исто така треба да се менува во делот на постапката на приговор и жалбена постапка, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи.

Related posts

Загадениот воздух ја полни Клиниката за пулмологија – Скопје и денеска меѓу најзагадените градови во светот

Вкупно 33 години затвор добија велешаните кои сексуално злоупотребувале малолетничка

Видео снимките од првичните признанија на обвинетите за убиствата на Вања и Панче ќе се гледаат во судница