Таравари и Јакимовски имаат рок од 48 часа да ја докомплетираат документацијата. Техничкиот премиер на средба со ДИК за да се предвидат евентуалните кризи. ОБСЕ ќе ги надгледува двојните избори со 320 набљудувачи. Претседателските кандидати почнаа со покани за вечери но и дуели
СКОПЈЕ – Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница едногласно ги потврди листите на сите седуммина кандидати за претседателските избори. Доставените листи со потписи беа проверени од службите на ДИК исто како и генералиите односно условите пропишани со Уставот и Изборниот законик, односно да се државјани на Северна Македонија, да имаат наполнето 40 години и во последните 15 години најмалку десет години да живееле во државата.
Сепак двајца од кандидатите имаа нецелосна документација, станува збор за технички пропусти, па од ДИК добија рок од 48 часа да ја докомплетираат.
„Како што кажав пред гласањето, кандидатите Стевчо Јакимовски Арбен Таравари треба во рок од 48 часа да достават единствен даночен број и трансакциска сметка“, рече Александар Даштевски, претседател на ДИК.
Денес ОБСЕ и ОДИХР соопштија дека претстојните претседателски и парламентарни избори ќе ги набљудуваат со 320 набљудувачи, 20 долгорочни и 300 краткорочни кои ќе пристигнат непосредно пред изборите. Во државата е биде присутен и тим од 12 експерти од 12 различни држави членки на ОБСЕ. Мисијата на ОБСЕ и ОДИХР за овие избори ја предводи Џилијан Старк, поранешен амбасадор и заменик министер за меѓународни прашања на Канада.
Долгорочните набљудувачи ќе бидат распоредени во девет града низ државата Скопје, Битола, Прилеп, Штип, Тетово, Струмица, Куманово, Охрид и Кочани.
На прашање дали очекуваат инциденти и затоа е зголемен бројот на набљудувачи, шефицата на мисијата соопшти дека бројката е по препорака на Мисијата и процена на потребите.
„Имате два вида на избори коишто се случуваат во ист ден, па не е невообичаено да имаме голем број на набљудувачи и дека бараме голем број за двата вида на избори“, изјави Стирк.
Претходно ДУИ предупреди дека опозицијата подготвува руско сценарио по изборите на 8 мај а тоа го повтори и лидерот на партијата во последното обраќање.
Евентуална криза и немири беше тема на средбата на техничкиот премиер Талат Џафери со претседателот на ДИК, Даштевски, и членовите на комисијата која се одржа денес. Џафери нагласил дека треба да се предвидат потенцијалните кризи да се најдат предлози односно решенија за нив додека Даштевски го поздравил предлогот на премиерот Џафери за координација, бидејќи ДИК има потреба од поддршка и од другите институции.
„На состанокот се разменија информации околу потребните подготовки за спроведување на претстојните избори. Од двете страни беше нагласена законската надлежност, но и политичката волја, за слободни, фер и демократски изборни процеси на претседателските и на парламентарните избори на 24 април и на 8 мај, на коишто, како и во неколкуте претходни изборни циклуси, граѓаните слободно ќе го направат својот избор“, стои во соопштението од кабинетот на техничкиот премиер Џафери.
Претседателските кандидати почнаа и со покани за меѓусебни средби преку вечери но и за дебати.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски ги покани на ифтарска и велигденска вечера сите претседателски кандидати но и на две мастер дебати кои би се одржале на почеток и на крајот од изборната кампања, која почнува на 4 април.
Кандидатот за претседател од редовите на ДУИ и актуелен шеф на дипломатијата, Бујар Османи, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ покани само дел од кандидатите на заеднички ифтар а изоставени беа Стевчо Јакимовски и Билјана Ванковска.