Редоследот на кандидатите за шеф на државата на гласачкото ливче беше утврден денеска на 90. седница на Државната изборна комисија по пат на ждрепка

Откако во четвртокот (21 март) Државната изборна комисија ги потврди кандидатурите на седумтемина кандидати за претседател на Република Северна Македонија, од денеска е познато и каков ќе биде редоследот на нивните имиња на гласачкото ливче.

Од денешната седница на Државната изборна комисија / Фото: Принтскрин

Прв на него ќе биде кандидатот за шеф на државата поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Стево Пендаровски. Под број 2 ќе биде кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, трет на гласачкото ливче ќе биде актуелниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Под бројот четири на гласачкото ливче, кое на овие избори за шеф на државата ќе биде подолго во споредба со претходните изборни циклуси, ќе биде кандидатот на ДУИ, актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, петта ќе биде кандидатката на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, шести кандидатот поддржан од опозициските партии на Албанците обединети во коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, а редниот број седум на гласачкото ливче ќе се надева дека ќе му донесе среќа на кумановскиот градоначалник и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.

За полесен преглед редоследот на кандидатите за претседател на државата на гласачкото ливче е следниов:

1. Стево Пендаровски (СДСМ)

2. Гордана Силјановска-Давкова (ВМРО-ДПМНЕ)

3. Стевчо Јакимовски (ГРОМ)

4. Бујар Османи (ДУИ)

5. Билјана Ванковска-Цветковска (Левица)

6. Арбен Таравари (коалиција Вреди)

7. Максим Димитриевски  (Движење ЗНАМ).

Седумтемина кандидати за претседател на државата / Фотоколаж: „360 степени“

Редоследот на кандидатите за шеф на државата на гласачкото ливче беше утврден денеска на 90. седница на Државната изборна комисија по пат на ждрепка.

Како што појасни претседателот на ДИК, пред главниот дел, за влечење на ждрепката на посебни ливчиња се испишани броевите од еден до седум кои превиткани се ставени во пликови и спуштени во кутија, а потоа измешани.

Ковертите со броевите ги извлекуваат овластени претставници на подносителите на листите на кандидатите за претседател. Тие до кутијата во која беа ковертите пристапуваа според азбучен редослед на името на кандидатот што го застапуваат.

Па така, прв извлекуваше претставникот на Арбен Таравари, потоа на Билјана Ванковска-Цветкоска, па на Бујар Османи итн.

 „По извршената ждрепка, ќе се изготви записник за влечење на ждрепката на редослед на листите на кандидати за избор на претседател на Републиката и согласно член 69 став 9 од Изборната комисија утврдената единствена листа на кандидати ја објавува и ‘Службен весник’“,

рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски / Фото: Принтскрин

Пред ждрепката, тој информира дека Државната изборна комисија ги потврдила кандидатурите на сите седуммина претенденти за функцијата шеф на државата.

Како што наведе Даштевски, шестмина од кандидати се предложени од најмалку 10 000 избирачи, односно својата кандидатура ја имаат поднесено врз основа на собраните граѓански потписи. Единствено кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, е предложена од најмалку 30 пратеници.

Related posts

Пропадна планот на бојкотирачите – Македонија избра претседател со излезеност од над 40 отсто

Манипулативни насоки до избирачките одбори да ги прашуваат гласачите за кои избори сакаат да гласаат

Одзивот на претседателските избори до 17 часот е 42,32 отсто, а на парламентарните е 46,93 отсто