Јасно е дека владините партнери ќе имаат свои советнички листи, логично е во сите општини да се подржуваме едни со други во делот на градоначалниците бидејќи сме владина коалиција, вели премиерот
Владата ќе оди на годишен одмор меѓу 5 и 15 август, а тој период премиерот Христијан Мицкоски ќе го искористи за разговор и анализи околу настапот на претстојните локални избори со владините партнери.
Досега, вели тој, разговорите се исклучително конструктивни и очекува ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ да се поддржат меѓусебно во делот на градоначалниците.
„Јасно е дека владините партнерти ќе имаат свои советнички листи, логично е во сите општини да се подржуваме едни со други во делот на градоначалниците бидејќи сме владина коалиција и мислам дека тоа е позитивен процес кој ќе заврши некаде во втората половина на август“,
кажа Мицкоски денеска во одговор на новинарско прашање при заедничката прес-конференција со Шабан Џемил, претседавач на Казанџи Холдинг АС.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ги завршиле преговорите во рамки на внатрешна коалиција.
„Сега ја правиме таа анализа и очекувам до прва половина на август и тоа да се затвори како тема“,
кажа Мицкоски.
Досега партијата на Мицкоски објави 34 кандидати за градоначалници, а СДСМ 35.
„Европскиот фронт“ вчера најави дека ќе ги подели градоначалничките кандидатури. Така, освен ДУИ, кандидати за градоначалници ќе имаат и Алијанса за Албанците (АА), предводена од Зијадин Села, како и другото крило на АА предводено од Арбен Таравари.
Вчера, потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, објави дека ќе биде кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир на коалицијата „Европски фронт“. Ако Османи е кандидат за градоначалник во Чаир, тогаш можеби ќе бидам и јас , веднаш возврати еден од лидерите на ВЛЕН и актуелен министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
На денешната прес-конференција, премиерот Мицкоски беше прашан и за кандидатурата на Османи, но тој кусо одговори дека тоа е внатрешна работа на интегративците.
„Не знам што би можел да кажам, тоа е внатрешна работа на ДУИ, ако тие одлучиле така, тоа е нивна одлука, јас немам што тука да коментирам“,
рече Мицкоски.