Нема докази за етнички мотиви во случајот Пендиков, пресуди Судот во Охрид
Борче Ангелов и Илија Спасески се ослободени од вина во случајот со наводниот физички напад врз Христијан Пендиков. Нема докази за нападот, ниту за етнички мотиви, пресуди Основниот суд во Охрид. Пендиков е поранешен секретар на поранешен бугарскиот клуб во Охрид. Одлуката следува откако Апелациониот суд во Битола го врати предметот на повторно судење.
Претходно, во првостепената постапка, Ангелов и Спасески беа осудени на по 8 месеци затвор за нанесување тешка телесна повреда.
Адвокатот на Пендиков, Стефан Камишевски, изразил незадоволство од одлуката, оценувајќи дека судијата практично ја променил сопствената претходна пресуда.
„За нас е неспорно дека делото е извршено од етнички причини. Во текот на целата постапка не се појавија никакви други факти или докази што би укажувале на друг мотив“, изјавил Камишевски. Тој посочил дека одбраната на Пендиков нема право на жалба во оваа фаза од постапката и дека понатамошниот тек зависи од Обвинителството, од кое се очекува да поднесе жалба до повисокиот суд.
Пендиков рекол дека се срами од пресудата. „Да имаш ослободителна пресуда покрај сите презентирани видеодокази е срамно. Со оваа одлука судот дава зелено светло секој што се самоопределува како Бугарин во Македонија слободно да биде тепан, без никој да сноси последици“, изјавил Пендиков.
Во судницата во Охрид присуствувале и пратеници од Бугарија, кои дошле да му дадат поддршка на Пендиков.
Нападот врз Пендиков во јануари 2023 година предизвика дипломатски реакции и дополнителни тензии во односите меѓу Скопје и Софија. Пендиков е поранешен секретар на здружението „Цар Борис Трети“, кое беше избришано од Централниот регистар на Македонија.