Колку плаќаме струја во споредба со регионот: Македонија меѓу Србија и Црна Гора
Цените на електричната енергија за домаќинствата во Европа, изразени во националните валути, најмногу пораснале во Романија, додека Данска забележала најголем пад во првата половина од 2026 година во споредба со истиот период лани. Во земјите од Западен Балкан, цените изразени во евра останале речиси непроменети, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Редовниот полугодишен извештај на статистичката агенција на Европската Унија ги опфаќа цените на електричната енергија за домаќинствата со годишна потрошувачка од 2.500 до 4.999 киловат-часови. Податоците се изразени во евра и во стандард на куповна моќ (ППС), на 100 киловат-часови.
Стандардот на куповна моќ е показател што ги зема предвид односот меѓу номиналните цени и реалната куповна моќ на граѓаните, овозможувајќи пореална споредба на трошоците меѓу земјите.
Србија и Албанија со највисоки цени во регионот
Цените на струјата во Западен Балкан останале речиси исти, со незначителни зголемувања. Не е променет ниту редоследот на земјите според висината на цените. Највисока цена имаат Србија и Албанија, со по 11,9 евроценти за 100 киловат-часови. Веднаш зад нив е Македонија, каде што електричната енергија чини 11,6 евроценти.
Во Црна Гора цената изнесува 10,3 евроценти, додека во Босна и Херцеговина е 9,9 евроценти за 100 киловат-часови.