ТУРИЗМОТ СО ДОБАР СТАРТ ВО ЈАНУАРИ – МЕЃУ СИТЕ ТУРЦИ, СРБИ, ГРЦИ… И ДВАЈЦА ТУРИСТИ ОД ОКЕАНИЈА

Време зa читање: 2 минути

Туристите домашни, а повеќе странските, во зголемен број ги посетуваат македонските градови и туристички локалитети. Статистиката ги бележи позитивните трендови, кои за јануари покажуваат дека е подобар од првиот месец од 2023 година. И по бројот на посетителите и по бројот на ноќевањата. Најбројни меѓу нив повторно се Турците, кои во структурата на гостите партиципираат со 19,3, а кај ноќевањата со 20,2 проценти.

Македонија во јануари угостила 47.761 лице. Податоците од Државниот завод за статистика упатуваат на тоа дека 40,4 отсто од нив биле домашни – 19.317, а 59,6  проценти странски туристи – 28.444. Зад себе оставиле 102.079 ноќевања. На страната на дојденците се запишани 52.706, а кај нашинците 49.373 ноќевања. Или, соодносот е 51,6 спрема 48,4 проценти.

Споредено со јануари 2023, кај туристите има раст од 10,1, а кај ноќевањата од 15,2 насто. Што се однесува до домашите гости, нивниот број е зголемен за три проценти, додека на странците – за 15,5 насто. По таа линија, и ноќевањата остварени од странските туристи се повисоки за 18,8, а на домашните за 11,5 проценти.

И во првиот месец од годинава најпосетуван бил главниот град, па потоа езерските места. Во Скопје се регистррани 17.355 туристи, домашни 2887 и странски 14.468. Нешто помала е бројката – 11.199, на гостите кои престојувале или само наминале во крајезерските места. Од нив 5.185 биле домашни, а 6.014 странски гости.

Хотелското сместување бил првиот избор на туристите. Во ануари се пријавиле вкупно 41.913 готи, од кои домашни 14.352, а странски 27.561.

И натаму Македонија е најпосетувана од туристите што доаѓаат од Турција. Во јануарската статистика се забележани 5.503 Турци, кои реализирале 10.657 ноќевања. Вообичаено, зад нив се Србите – 3.298 на број и со 5.882 ноќевања. Потоа следуваат 3.242 туристи од Грција со 5.281 ноќевање.

Интересни се и статистичките податоци за најмалиот број дојденци во земјава. Забележани се двајца од други земји од Австралија и Океанија, со запишани пет ноќевања. Од Белорусија биле тројца и имало четири ноќевања, од Исланд четворица со осум ноќевања. Во јануари од Нов Зеланд дошле шестмина и регистрирани се девет ноќевања, од Латвија биле осуммина со 22 ноќевања, а од Јужна Африка биле дојдени 10 туристи, кои остварле 13 ноќевања.

Related posts

Интерконектор со Грција

БИЗНИСОТ НЕДОВОЛНО ГИ КОРИСТИ ЕЛЕКТРОНСКИТЕ УСЛУГИ ШТО ИМ СЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ, ФОРМИРАЊЕ НА КООРДИНАТИВНО ТЕЛО ЗА ЗАБРЗУВАЊЕ НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА

Дел 3: Каравангелис и Метаксас – Кога црквата, оружјето и политиката го менуваа лицето на Македонија